Зврлевски: Добар како обвинител, подобар како послушник | Северна Македонија | DW | 06.07.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Зврлевски: Добар како обвинител, подобар како послушник

Како Зврлевски стигна до точка за негово разрешување? Неговите колеги немаат никаква дилема дека бил добар обвинител. Но, во последните години натежнала дилемата - дали е подобар обвинител или подобар послушник на власта

Често употребуваната синтагма „Обвинителството на Марко Зврлевски...“ по која најчесто следуваа ред критики - е несоодветна, ако се има предвид дека Републичкиот јавен обвинител раководи со една голема „компанија“, во која има четири Виши јавни обвинителства, Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, и 22 основни јавни обвинителства. Незадоволството од нивните постапувања секогаш завршуваше на негова адреса. Делумно оправдано, ако се има предвид дека првиот човек го дава „духот“ на работењето на институцијата, но и делумно неоправдано, бидејќи сите тие обвинителства имаа свои раководители, а сепак Зврлевски беше „боксерската вреќа“ врз која завршуваа јавните удари за нивните слабости.  

Перфектен, добар, лош ...

Претседателот на Советот на обвинители Петар Аневски, неодамна го оквалификува Зврлевски како „перфектен обвинител“. Откако Советот даде зелено светло за разрешување на јавниот обвинител, Аневски, кој неофицијално единствен гласал „против“ тоа, оценката за Зврлевски ја релативизираше на „добар“. Само пред четири години расположението беше сосема поинакво. Амин за негово именување дадоа сите членови на тогашниот Совет. На 21 јануари 2013 година Марко Зврлевски (1960) беше именуван за Јавен обвинител на Република Македонија со мандат од шест гидини, а четири дена подоцна, со положување заклетва и официјално ја презеде функцијата. До неа ги поминал речиси сите скалила во професијата. Дипломецот од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ и постдипломец на студии од областа на граѓанското право, работното искуство го започнал како учесник во проект „Обичајното право како извор на правото“ при МАНУ, по што кратко време работел и како новинар во МРТ. Од приправник во тогашното Општинско јавно обвинителство во Скопје (1989-1991), преку стручен соработник (1991-1998), адвокат од областа на казненото право (1998-2000) и заменик-јавен обвинител во ОЈО - Скопје; (2000-2005), Зврлевски целата своја кариера ѝ ја посветил на јавнообвинителската работа. Во декември 2005 година бил распореден во Одделението за гонење на сторители на кривични дела од областа на организираниот криминал и корупција, а по трансформирањето на одделението, е избран за јавен обвинител во истото. Од ноември 2009 до јануари 2013 година раководел со ОЈО - Скопје. Беше контакт лице за Република Македонија пред Советот на Европа согласно Конвенцијата за борба против организираниот криминал од Будимпешта, член на бројни комисии што се занимаваат со реформите во правосудниот систем, едукатор на Академијата за судии и јавни обвинители, лиценциран обучувач за унапредување на способностите при водење на судски процеси при Националниот институт на САД (НИТА). Од 2009 до септември 2015 година беше и претседател на Здружението на јавни обвинители на Република Македонија.

Во слободен пад

Како со сето тоа габаритно работно искуство, Зврлевски стигна до точка на собраниска седница за негово разрешување од функцијата? Ако ги прашете неговите колеги, немаат никаква дилема дека бил добар обвинител. Но, во последните години, натежнала дилемата - дали е подобар обвинител или подобар послушник на власта. Ако го прашате Зврлевски, ќе рече „не гледам никаква причина за недоверба и сомневање во мојата работа“. Дури и по формирањето на СЈО, кое беше последица на оценките од меѓународни институции и организации (ЕУ и ОБСЕ) дека ЈО е контролиран инструмент на власта, Зврлевски не ги прифати таквите критики како релевантни. Не се осврна ни на критиките што не покрена истрага за случајот „Македонска банка“, што се најде и во последниот извештај на Транспарентност – Македонија (ТМ): „Одлуката на јавниот обвинител Марко Зврлевски да не покрене истрага за случајот 'Македонска банка' означува заокружување на состојба на зомби-држава во која постојат закони, процедури и знаење кои се во состојба на клиничка смрт. Неговото траги-комично објаснување за отфрлањето на тужбата ќе остане како камен-темелник за идните генерации кои ќе треба да научат да препознаваат кога институциите ја убиваат правната држава“.

До денес нема резултат ниту од истрагата за начинот на кој протекле снимки од ПИ-мерки во кабинетот на Груевски, а врз чија основа беше подигнато обвинението „Пуч“, ниту одговор зошто се отворени истраги исклучиво во општините каде што градоначалниците беа од тогашната опозиција. Беше критикуван како „последно упориште на режимот на Никола Груевски“, „навигатор на парцијално и еднодимензионално водење истраги за криминал“ и дека „мижи пред 'бомбите' а бара криминал таму каде што го нема“.

„Досега со моето професионално постапување во рамките на моите надлежности, јас не сум сторил ништо со што би се нарушила или изгубила довербата во јавното обвинителство“, категорично изјави државниот јавен обвинител за ДВ во март 2015. За аудио-снимката, во која министерката за внатрешни работи го информира министерот за финансии дека обвинителот Зврлевски и одговорил „задачата што ми ја даде е завршена“, а се однесува на „отфрлање на пријава против Ставрески“, Зврлевски беше дециден: „Од мене никој не побарал да се отфрли некаква кривична пријава, ниту пак јас сум побарал од некој обвинител да го направи тоа. Не сум постапувал по ниту еден предмет каде што пријавено лице бил министерот за финансии. Јавните обвинители што постапуваат по предметите се апсолутно независни во своето постапување и нив ги обврзуваат само количината и основаноста на доказите, основаноста на сомненијата поткрепени со доказите и со законот“.
Пред две години, мораториум во контактите со ОЈО прогласија активистите на ЛГБТИ-центарот при Хелсиншкиот комитет. Тие поставија посмртен венец за работењето на Зврлевски, за да го искажат револтот поради неразрешените случаи на брутални напади кои се случија во изминатите  години.

Зврлевски денес работата на ЈО ја брани преку статитиката, како главен параметар за довербата во институцијата со која раководи: „Во Јавното обвинителство на годишно ниво има 15.000 кривични пријави, успешноста на поднесените обвиненија е 93 отсто, а бројот на жалбите многу мал, што е параметар на доверба“.

Денеска, тој параметар ќе биде ставен на парламентарен увид.

 

DW.COM

Реклама