Збогум, Сузана! | Македонија | DW | 08.07.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Збогум, Сузана!

По повод трагичната смрт на Сузана Тодоровска - Павлоска, наш долгогодишен соработник.

Шокантната вест од македонските медиуми длабоко не’ потресе и нас, членовите на Редакцијата на македонски јазик на ДВ: во сообраќајна несреќа во Скопје загина Сузана Тодоровска - Павлоска, наш долгогодишен слободен соработник. Прилозите на Сузана претставуваа значително квалитетно збогатување на нашата понуда на теми од областа на културата и уметноста од Македонија. Изборот на темите со кои се зафаќаше и начинот на кој ги обработуваше сведочат за нејзиниот врвен професионализам. Од текстовите несомнено произлегува доброто познавање на состојбите, но и личниот афинитет кон културата и уметноста и посебно кон филмската уметност, во нив се чита нејзината лична посветеност кон македонското духовно творештво. За неа, онака како што ја доживувавме ние во редакцијава, договорената тема не беше само задача што треба да се заврши, туку вистинско себевнесување, творечки акт со нужната критичност, но и одмереност.

Во контактите секогаш коректна, тивка и ненаметлива, отворена за сугестии, секогаш навремена во реализацијата на договорените прилози, Сузана едноставно беше соработник на кого секогаш можевме со сигурност да се потпреме. Тешко ни паѓа да се соочиме, да го прифатиме фактот дека овие редови и линковите кон неколку, повеќе случајно одбрани нејзини прилози, се наше проштевање од неа засекогаш.

Ти благодариме и збогум, Сузана!

DW.COM

Реклама