1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За што преговара Ахмети во Атина?

Свето Тоевски3 септември 2013

Вчерашната средба на лидерот на ДУИ Али Ахмети со грчкиот министер за надворешни односи Евангелос Венизелос во Атина отвори нови дилеми, па и несогласувања во Македонија

https://p.dw.com/p/19aTr
Фотографија: DW/S.Padori-Klenke

Откако во мај годинава македонскиот вицепремиер Фатмир Бесими водеше разговор во Атина со тогашниот шеф на грчката дипломатија Аврамопулос, оваа посета на Ахмети во Атина е продолжение на дипломатската офанзива на „интегративците“ за раздвижување на процесот за решавање на спорот околу името и за деблокирање на евроинтеграцијата на Македонија. Паѓа в очи фактот што за едно толку важно прашање за Македонија како држава на вчерашната средба на Ахмети со Венизелос не присуствуваше и македонскиот амбасадор Сашо Стефков, туку неговиот шеф на кабинетот Артан Груби и „рамковниот“ вицепремир Муса Џафери. Поради тоа, уследи критичката реакција од поранешниот министер за надворешни работи и сегашен пратеник на ВМРО – ДПМНЕ Антонио Милошоски, кој напиша на својот профил на „Твитер“: „Мал проблем е што Ахмети има средба со Венизелос во Атина. Голем проблем е што од неа е исклучен амбасадорот на Македонија.“

По овие критики од самиот врв на ВМРО ДПМНЕ, Владата на Македонија се огласи со својот став дека „дека иницијатива е добра“, нагласувајќи притоа во соопштението: „Секој политички субјект од македонската политичка сцена, кој сака да помогне во преговорите со Грција, е добредојден, но сноси и одговорност за своите постапки.“ И македонскиот министер за надворешни работи Никола Поповски побрза да го оправда Ахмети, изјавувајќи: „Нема ништо лошо ако секој политичар од Македонија ги слушне одблиску барањата на грчката страна за проблемот за името.“ Поповски ги отфрли тврдењата за исклучување на амбасадорот на Македонија во Атина од оваа средба, бидејќи, како што истакна тој, „посетата на Ахмети во Атина била приватна и имала соодветен протокол.“

Противречна посета

ДВ праша и дел од македонските политички експерти: како ја оценуваат средбата на Ахмети со Венизелос?

Професорот Јове Кекеновски од Битолскиот државен универзитет одговара: „Оваа посета е малку противречна бидејќи портпаролот на Али Ахмети јасно кажа дека се работи за државна посета, оти Ахмети оди во Атина во позиција и улога на државник. Од друга страна, чувме од министерот Поповски дека се работи за приватна посета. Мене ме зачудува тоа што во последно време имаме сѐ позачестена, сѐ подинамична улога на Али Ахмети во надворешната политика и мислам дека, без разлика што се работи за приватни посети, тие на некој начин го маргинализираат министерот и Министерството за надворешни работи. Овде на некој начин како да се води паралелна политика наспроти Министерството за надворешни работи. Би сакал оваа најнова посета на Ахмети да е во договор со премиерот Груевски, но, се сомневам дека е така.“

Професорот Зунун Зунуни од ФОН универзитетот во Скопје, се надоврзува: „Ако е ова лична иницијатива на Ахмети, може да има само контраефекти, бидејќи ќе испадне дека еден Албанец решава такво крупно прашање како што е прашањето на името и идентитетот на македонскиот народ. Ако средбата во Атина не е координирана со премиерот и со ВМРО ДПМНЕ, ако е тоа само иницијатива на ДУИ, тогаш нема да има реални продуктивни ефекти од разговорот со Венизелос. Но, не верувам дека се работи за иницијатива само на ДУИ: сето ова е во координација со премиерот, со Владата на РМ и со меѓународниот чинител. Кога постојат две спротивставени страни мора да има и трета страна, а тоа е албанската партија во власта. Постои можност за приближување на ставовите на тие две спротивставени страни во позитивна насока.“

Прикриено разногласие

По разговорот со грчкиот домаќин Ахмети на својата прес конференција кажа дека „ДУИ е дел од Владата и сите теми, кои бараат решение, се дел од одговорноста и на ДУИ“, нагласувајќи: „ДУИ има свои политики и дејствува респектирајќи ги тие политики. ДУИ има политичка платформа, како за внатрешната, така и за надворешната политика, но никогаш не дејствува без да го извести партнерот во коалицијата. На средбата со Венизелос беше расправано и за прашањето за името како проблем кој јас го иницирав, бидејќи нашата земја има потреба час поскоро да биде член на ЕУ и НАТО.“

Токму околу формулирањето на политиките на Македонија како држава поранешниот министер за надворешни политики и сегашен професор во Скопскиот државен универзитет Денко Малески предупредува во изјавата за ДВ: „Речиси може да се каже дека се воспостави практика на дијалог меѓу албанскиот фактор во Македонија и Атина. Добро е што тоа го држи дијалогот отворен и што ќе можат да се пренесат искуствата. Од една нормална и добро устроена држава се очекува со еден глас да зборува во надворешната политика, но, во Македонија е лошо тоа што се забележува разногласие, иако македонската партија на власт се обидува да го прикрие тоа. Нашиот голем проблем е тоа што ние немаме внатрешна дебата, пред сѐ, меѓу коалиционите партнери, а потоа и меѓу Владата и опозицијата, за прашањето околу компромисот со Грција. Ако надворешниот фактор, кој било да е, забележи разногласија, може да ги стави во функција на својата политика, на политиката на својата држава. Итно е потребен внатрешен дијалог во државата и градење единство по тоа прашање.“

Подобра координација

Имајќи предвид дека партијата на Ахмети најавува нови дипломатски надворешни контакти околу името и евроинтеграцијата на земјата, Кекеновски напоменува што е потребно притоа: „Добро е премиерот и лидерот на ДУИ да бидат координирани. Факт е дека Грците се обидуваат да не маргинализираат нас, Македонците и можеби е добро, од друга страна, Албанците да се појават како една спона во смисла конечно да дојде до решавање на проблемот со името, а не во смисла да не поделат внатре во државата по тоа прашање. Притоа мора да бидат запазени и црвените линии до каде ние можеме да одиме со нашите отстапки, за кои постои согласност кај сите македонски политички партии. Ахмети мора тоа да го има на ум и треба да го испочитува.“

Progressive Alliance Gründungsveranstaltung Evangelos Venizelos
Евангелос ВенизелосФотографија: DW/P. Kouparanis

Домашната јавност во Македонија, експертите, па и дел од сопартијците на Груевски, јасно укажаа дека какви било „дипломатски солирања“ на Ахмети нема да бидат од корист за решавањето на спорот со Грција околу името. Колку што тврдиот, ригиден став на ВМРО ДПМНЕ и Груевски може да биде контрапродуктивен околу тоа, толку и евентуалната паралелна политика на „интегративците“ од тетовска мала Речица може да ги засили разногласијата, наместо единството, во македонската државна надворешна политика во полза на оние што не сакаат спорот со Грција еднаш засекогаш да се разреши.