За цехот на Груевски ќе мора помош и од ММФ!? | Економија | DW | 26.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

За цехот на Груевски ќе мора помош и од ММФ!?

Стабилизацијата на јавните финансии ќе биде клучниот предизвик за новата влада. Но дали е тоа можно без рестриктивни мерки? Тешка, но не и невозможна задача, коментираат експертите.

Загрижувачко ниво на јавен долг, проблематичен буџетски дефицит, неликвидно стопанство. Македонската економија во периодот на промена на власта е буквално на стаклени нозе и пред сериозен предизвик да ја задржи платно- билансната рамнотежа. Кој и да застане на чело на ресорот финансии, ќе има пеколна обврска за стабилизација на состојбите. А какви се тие, доволно покажуваат официјалните податоци според кои јавниот долг надмина 50% од бруто домашниот производ или достигна речиси 5 милијарди евра. Дефинитивно загрижувачки, но и уште повеќе, ако се имаат во предвид се` погласните предупредувања дека вистинските податоци кои се кријат од јавноста се далеку пострашни. Новата влада која ја крои новото парламентарно мнозинство веќе е во преговори со надворешни фактори кои би асистирале во расчистување на маглата:

„Многу е важно во најкус можен рок да се направи целосно скенирање на состојбата со јавните финансии. Новата влада мора за кус период да ја знае вистинската слика на македонската економија, зошто ако немате точна дијагноза, натамошните мерки може да не го дадат посакуваниот и очекуван ефект. Токму од тие причини веќе се разговара со меѓународните финансиски инситуции и со Европската Унија за подршка и помош за спроведување на една длабинска анализа, во еден кус период, која ќе изврши целосно скенирање на јавните финансии, како од финансиски така и од правен аспект“, открива за Дојче веле Кире Наумов, претседател на комисијата за финансии на СДСМ.

Колкав е вистински јавниот долг?

Упатените веќе одамна предупредуваат од манипулации со пресметките на долгот кој во официјално прикажаното не ги содржи сите податоци, како на пример за добар дел од јавните претпријатија и долговите на општините. Така што не чудат проценките од типот дека вистинското ниво на јавниот долг е дури и над 70% од БДП, што е состојба на презадолженост, ако се имаат предвид перформансите на македонската економија.

Оттука и сѐ погласните дилеми и стравувања околу тоа колку во вакви услови Македонија ќе биде способна ефикасно да ги сервисира преземените обврски. Клучниот проблем што се наметнува е како и од каде ќе се обезбедат поволни позајмици за да може да се сервисираат тековните обврски, но и оние што допрва доспеваат. Факт е дека ременот ќе мора сериозно да се стегне, но дали и дотаму за да се бара помош од типот на аранжмани со ММФ или Светска банка, кои за возврат се со многу рестриктивни условувања. Дел од експертите предупредуваат дека задачата е тешка, но не и невозможна:   

„Она што е првично потребно е целосно скенирање на состојбите. Ќе требаат кредити за враќање кредити, но мислам дека со одговорна власт може да се изменаџираат состојбите. Првата работа е да го стопираат процентуалниот раст на долгот. И тоа не е никаков проблем ако се внимава со буџетскиот дефицит, кој не треба да биде над, односно треба да биде под нивото на растот на БДП. Во такви услови горната линија на јавниот долг се ограничува и почнува полека да се спушта“, коментира Петар Гошев, поранешен гувернер и министер за финансии.

Во овој процес, според Гошев, треба да се внимава и да не се брза со спуштање на процентуалниот раст, бидејќи контракциите ќе делуваат на економијата:

„Само треба да се 'ролуваат' некои кредити, да се земат и да се вратат и буџетскиот дефицит да не го зголемува процентот на јавниот долг во БДП. Тие два репера треба да се држат и да се рационализираат сите ставки, да се утврди што не смее да се троши, каде е приоритет, но сето тоа да нема негативно влијание на потрошувачката за да не го кочи економскиот раст“, предупредува Гошев.

Големи обврски

Во наредните три години Македонија треба да враќа кредити кон странство во износ од околу 900 милиони евра. Дополнително уште најмалку толкава сума на средства по основ на неплатени обврски кон приватниот сектор. Оттука и легитимно се поставува дилемата како новата власт ќе успее да најде пари за да ги финансира сите тековни потреби и обврски и како ќе обезбеди пари за сите нови и предизборно ветени мерки и политики:

„Ако дојде ММФ, ќе има проблеми, посебно во актуелните услови. Па погледнете само колкава е државната администрација. Дури и се плаќаат службеници што не се на работа. А којзнае уште што допрва ќе се открие, што во изминативе десет години се криеше од јавноста и беше монопол на двајца луѓе, Груевски и Ставрески“, предупредува поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.

Закрепнувањето, според Хајредини, ќе биде тешко, но не и невозможно да се направи без позначајни, или подраматични рестриктивни мерки. Но за тоа да се оствари, според него, многу е важно и меѓународната заедница докрај да ја одигра улогата и да го поддржи процесот на стабилизирање и на економските состојби:

„Откако ќе се видат состојбите, тогаш очекувам дека ќе има ребаланс на буџетот, по што работите ќе бидат и појасни. Но треба да очекуваме новата влада да наиде на разбирање кај ЕУ, САД и другите пријателски држави. Сите оние кои го чекаа моментот за решавање на овој проблем што го направи власта на Никола Груевски, која со години ја држеше државата во заложништво. Сигурно дека ќе треба задолжување, но мислам дека сега, откако се случи стабилизирање на политички план, тоа нема да биде со големи камати како за владините така и за комерцијални потреби“, очекува Хајредини. 

Според Наумов, за македонската економија е најважно да се обезбеди повисок и одржлив раст од најмалку 5% во еден подолг период од 6 до 8 години. Ако при такви стапки на раст се обезбедат и средства со каматни стапки до 3%, тогаш вели тој, веќе би биле на добар пат. Соработката и помошта од ММФ, Светска банка и останатите финансиски институции според него ќе биде добредојдена, но само доколку таа не биде условена со какви било мерки кои отворено ќе значат екстремна рестриктивна политика која би влијаела на загрозување на растот:

„Ако говориме конкретно за ММФ, јас веќе сум им напоменал дека извонредно критични за Македонија се 2020, 2021 и 2023 година, како години кога непромислено оваа досегашна влада ги згусна доспевањата на три еврообврзници. Како и да е, и за овие години ние мораме да го имаме во предвид напред споменатиот услов дека мораме да создаваме услови за раст и тоа пред сѐ на стимулирање на инвестициите и извозот. Она што би сакал исто така да го потенцирам е дека ММФ во последните години сосема ја напушта цврстата либерална ориентација при склучувањето на аранжмани со државите. Секако остануваат и меѓународните финансиски пазари како можност која ќе ни биде отворена за пристап до неопходните средства “, смета Наумов. 

Дел од експертите сепак сметаат дека со она што го има преземено, Македонија нема да може самостојно да ги сервисира тековните обврски. Односно, неминовно ќе мора да смета на поткрепа од страна на ММФ во делот на платно- билансните текови. Универзитетски професори кои ги консултираше Дојче веле сметаат дека овој процес не би бил толку проблематичен доколку се реализираат се` погласните најави дека Македонија набргу би станала членка на НАТО. Во таков случај и евентуалната помош или аранжман со монетарците би бил многу поинаков. 

Македонија е членка на Меѓународниот монетарен фонд од 1992 година. По  неколкуте склучени аранжмани, владата на ВМРО ДПМНЕ во август 2008 година реши да стави крај на аранжманите со оваа финансиска институција. Со ваквиот потег, власта практично си обезбеди самостојно и без контрола да ја креира економската политика. Она што следеше е период на експанзивна финансиска политика, во добар дел и непродуктивна, кој трае до денес и резултираше со двојно зголемување на нивото на јавниот долг.

 

DW.COM

Реклама