За седум месеци 128 илјади казни за неносење маски | Северна Македонија | DW | 07.01.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

За седум месеци 128 илјади казни за неносење маски

Граѓаните се жалат на селективна правда. Дали функционерите се заштитени мечки во Северна Македонија? 

Десет месеци откако започна животот под маски и со рестрикции, граѓаните се повеќе се опуштаат и се поретко ги почитуваат мерките за заштита од Ковид-19. Со маски под брада, закачени на рака, или ноншалантно фрлени во некој џеб од палтото, сите како да итаат кон новата 2021 година, со надеж дека таа ќе ги врати во некогашната нормала. Оптимистичките најави дека ситуацијата е стабилна и дека вирусот веќе не коси толку како порано, на многумина им создадоа привидно чувство дека се е во ред, дека повеќе нема причина за грижа. Но, не само што пандемијата не е помината и не е ниту на повидок магичниот лек за нејзино искоренување, туку зад секој агол демне опасноста и од Ковид-19, но и од полицијата, која будно чека на „непослушните граѓани“. За заборавените и пофрлени маски - полицијата не заборава да напише парични казни кои достигнуваат до 20 евра. 

Изречени над 128 илјади казни

Од 1 мај досега биле изречени над 128 илјади казни за неносење маска во Северна Македонија. Само во периодот од мај до 23 јуни, во полициската евиденција има заведено 20.327 прекршоци по однос на неносење заштитна маска. Казната за неносење заштитна маска за физички лица е 20 евра, а 2.000 евра е казната за домашни и странски фирми кои не обезбедиле заштитни маски за вработените заради заштита од коронавирус. Ова е предвидено во Уредбата којашто ja донесе Владата на 22 април, а стапи на сила од 1 мај. 

DW-Projekt Balkan Booster | Corona Nord-Mazedonien

Казната за неносење заштитна маска за физички лица е 20 евра

„Од воведувањето на мерката за задолжително носење на маска со цел да се спречи ширењето на Ковид-19 до денеска изречени се вкупно 128.849 казни за непочитување на мерката, односно за неносење заштита на лицето“, велат од Министерството за внатрешни работи за Дојче веле. 

-повеќе на темата: Корона: Без маска? 150 евра казна!

Доколку државата ги наплати сите казни во просек по 20 евра, на тој начин би можела да инкасира над 2,5 милиони евра поради неносење на заштитна маска. Но, надлежните укажуваат дека немаат конкретен податок колку од изречените казни биле и наплатени, со оглед на тоа дека секој граѓанин поединечно ја плаќа казната. Доколку во рок од осум дена граѓанинот се одлучи да го плати прекршочниот платен налог, тогаш ја уплаќа половината од казнената сума. 
„Министерството за внатрешни работи води евиденции исклучиво согласно Законот за прекршоци,  односно согласно материјалните закони во надлежност на Министерството. Евиденцијата по однос дали некој платил конкретна глоба или не, се води поединечно, по конкретен сторител на прекршок. Тоа е со цел доколку конкретниот сторител не ја платил доброволно глобата, да се иницира соодветна понатамошна постапка за спроведување на присилна наплата, согласно со одредбите од Законот за даночната постапка“, објаснуваат од МВР. 
Најголемиот дел од лицата коишто се казнети, се за неносење на задолжителната маска за лице кога патуваат во исто возило заедно со други лица кои не се дел од нивните семејства. Следуваат прекршоците кај оние кои не држат растојание на отворен простор и најмалку од казните се изречени за оние кои немале маски во затворен објект.

Фунционерите како заштитени мечки

Дали се политичарите заштитени мечки? Прашањето околу неносењето маски и казнената политика деновиве стана особено актуелно откако фунционери на ДУИ беа фатени на дело како ги прекршуваат мерките. Ден по објавувањето на фотографијата на која 15 функционери без маски го славеа роденденот на лидерот на партијата Али Ахмети во новиот објект на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, реагираше токму домаќинот - вицепремиерот Артан Груби кој повика да бидат казнети прекршителите. 

-повеќе на темата: Обврска за носење заштитна маска и на отворено

Тој вели дека реакциите во јавноста се оправдани и дека згрешиле за миг, бидејќи со објавувањето на фотографијата се испраќа погрешна порака за носењето на анти-корона заштита. „Покрај грижата за своето лично и семејно, заедно со јавното здравје, ние сме посветени како избрани претставници да бидеме пример и да предводиме со дела во сè што правиме. Жалам што во оваа инстанца не бевме на висината на оваа наша посветеност. Затоа преземаме целосна одговорност, спремни сме да ги сносиме последиците и да ги почитуваме одлуките. Ги повикуваме надлежните институции да изречат мерки кои ќе ги испочитуваме како секој граѓанин“, вели тој во изјава за „360 степени“. Пораката на Груби следи откако МВР соопшти дека ќе има постапка поради постоење очигледни докази за прекршување на мерките. Трудовиот инспекторат,пак, врши вонреден надзор во Министерството каде што се одржа роденденската прослава.

Граѓаните поднесуваат пријави 

„Државата за едни мајка, за други маќеа“, коментираат граѓаните, кои изминатиов период биле казнети поради невнимание или непочитување на мерките. Граѓанин кој бил казнет поради неносење маска во автомобил, поднесе пријава против Бујар Османи и други 14, како што вели, унифицирани лица за прекршување на мерките за забрана за групна прослава. Тој на социјалните мрежи објави дека целта му била да провери дали спроведувањето на законот се врши селективно и дали државните органи ќе реагираат професионално или дискриминациски.

-повеќе на темата: Коронавирус: Зошто семејните прослави и забавите се толку опасни?

За потсетување, мерките за лична заштита беа донесени истовремено со намалувањето на ограничувањето на движење на граѓаните. Под лична заштита на лицето се подразбира каква било форма на заштита која ги покрива пределот на носот и устата (респираторна маска ФФП2 или повисок стандард, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена шамија или шал, памучна шамија или шал, бандана и слично).

Mazedonien Prilep | Arzt | Dr. Ilija Jovanoski

Веќе неколку месеци наназад на сила е мерка со која е задолжително носењето маска и на отворено

Секое домашно или странско физичко лице на територија на Северна Македонија е должно да носи лична заштита на лицето при излегување надвор од својот дом, односно при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори на државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, чекални, здравствени институции и слично. Исклучок има кај лица што носат посебна лична заштита на лицето во рамки на извршувањето на нивните работни задачи, возат велосипед или индивидуално спортуваат на отворено, се движат на јавни места каде што може да се задржи минимално растојание од 2 метри, патуваат во автомобил со лицата со кои живеат или седат во својот двор. Како распламтуваше пандемијата, така се зајакнуваа и рестриктивните мерки. Веќе неколку месеци наназад на сила е мерка со која е задолжително носењето маска и на отворено. 

Странски искуства

Од почетокот на пандемијата во јавноста се појавија најразлични мислења и полемики околу препораките за носење маски. Се започна со препорака маски да носат само заразените, но откако се појавија голем број на асимптоматски случаи коишто го ширеа вирусот, така растеше и бројот на приврзаници дека маската е потребно да стане дел од секојдневнието на сите граѓани. 
Десет месеци по појавувањето на пандемијата, речиси и да нема земја во Европа којашто не препорачува носење на заштитни маски. Па така, Хрватска на 12 октомври воведе задолжително носење заштитни маски во затворени простори, односно онаму каде што не може да се одржува растојание од 2 метра. Казната за неносење маска е 26 евра.

- повеќе на темата: Македонија (болна од страв) во време на коронавирусот

Во Словенија, пак, надлежниот инспектор може да изрече глоби од 400 до 4.000 евра за неносење маска за физички лица. Во оваа земја маските се задолжителни од средината на септември. Од средината на октомври и Србија воведе задолжително носење маски и на отворено и на затворено,  казната за непочитување на мерката е 42 евра. Од 22 октомври носење заштитна маска на отворено е задолжително во Бугарија. Во спротивно треба да се плати казна од 150 евра. Толкава казна плаќаат и граѓаните на Грција коишто не го почитуваат мерките. Во оваа земја задолжително е носење маска во сите затворени места за работа и отворени јавни површини каде што има метеж. Од октомври казната за албанските граѓани кои имаат над 11 години, а кои не носат маска изнесува 24 евра. Ако по вторпат бидат фатени ќе треба да платат 40 евра.
Доколку сите носат заштитни маски во следните 3 месеци можат да се спасат дури 130.000 животи. Ова го покажа истражување од Институтот за здравствена метрика и евалуација „IHME“ на Универзитетот во Вашингтон. Научниците велат дека би можеле да спасат многу животи ако 95% од населението носи заштитна маска и ги почитува здравствените протоколи. Дури и ако само 85% од луѓето носат маска, можат да се спречат скоро 96.000 смртни случаи. 

Гледај видео 01:00

Затвор или огромни парични казни за неносење маска

 

Реклама