За политичка одговорност треба политичка култура | Македонија | DW | 04.03.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

За политичка одговорност треба политичка култура

Опозицијата бара, дел од јавноста притиска, власта не слуша, не попушта. Што треба да се случи за да дојде до неотповикливи оставки на политичарите? Зошто овој чин е речиси непозната пракса во македонската демократија?

Две ипол децени по воведувањето на политичкиот плурализам и практикувањето на демократијата, во Македонија политичката одговорност се‘ уште важи за мислена именка. Она што во западните демократии е долгогодишна пракса, во Македонија се‘ уште е „табу тема“ околу која се разговара, заговара, но никој, или многу ретко некој се осудува да ја применува. Со чест на исклучоци, политичарите низ сите овие години на независност како да заборавија дека нивниот избор на функциите подразбира чесно и доблесно извршување на бројните задачи и предизвици, меѓу нив и клучната, практикувањето, почитувањето на демократијата и демократските вредности како неприкосновено право на секој граѓанин.

Бројните скандали низ годините од корупциски, криминален, морален аспект ретко биле мотив за морална, лична одговорност кај највисоките политички фактори во државата. Оттука според упатените не е за чудење што и актуелните афери и политички скандали не само што не мотивираат корекција во „моралното“ поведение на прозваните, туку напротив генерираат односи што можат да бидат уште поопасни за и онака урнисаните демократски процеси во земјата. Ова што сега и‘ се случува на Македонија, според универзитетскиот професор Илија Ацески, е кулминација на повеќегодишната практика на владеење и разбирањето на чинот на власта во земјата:

„Тоа е дел од политичката култура, сфатено во еден поширок контекст. Некои велат дека ние сме во некоја претполитичка фаза, се‘ уште политиката ја разбираме како поле да се заработи, брзо да се дојде до некоја привилегија, на некој начин да се ќари нешто за себе и групата околу себе. Во еден поширок контекст тоа е работа на политичка култура, затоа што во западниот свет тие политичари многу се чувствителни на тоа. Тие ги штитат интересите и на својата партија, на онаа група каде што тие припаѓаат. Ние одиме во една обратна насока, овде не станува збор за општ интерес, туку за интерес на онаа група која што би претпоставувала дека поединецот ќе поднесе оставка, но тој тоа не го прави. Од една страна дека самата група го притиска тоа да не го прави, а од друга последиците, бидејќи кај нас се‘ уште кога ќе кажете дека некој поднесува оставка, тоа има обратен ефект. Ние не ја осудуваме само неговата работа, одговорност, туку и самата политика на партијата, нејзиниот став околу тоа. Затоа тоа во нашите простори е малку посложено, и никогаш нашите политичари, освен во случајот со авионските несреќи, не познавам друг кој предизвика оставка на политички претставник на повисока функција“, коментира Ацески.

Оставката е речиси исклучок

Двете авионски несреќи во раните 90- ти беа повод за досега единствената поднесена неотповиклива оставка од морални причини. Антони Пешев, поранешниот министер за сообраќај, ја напушти функцијата по катастрофалните падови на авионите на Палер и Авиоимпекс во 1994 година. Повеќе од две децении подоцна Пешев воопшто нема дилеми околу исправноста на одлуката:

„Кога падна вториот авион оценив дека повеќе нема политички простор за еден сериозен политичар, освен да даде оставка. Првенствено сакав во јавноста да се создаде мнение дека сочувствувам со загинатите, дека политичката елита која ја застапувам има респект кон таа работа и затоа што сакав да го заштитам мојот интегритет. Можам да ви кажам дека не е лесно, бидејќи оставките кои се изнудени, односно од морални причини, вие прифаќате одговорност за грешки што ги направиле некои други луѓе, но вие сте биле надлежен за тие сектори, за работата на тие луѓе. Имав притисоци тоа да не го сторам, но го послушав единствениот, мојата совест. Кај нас во Македонија околу ова прашање има психолошка димензија. Сте биле на власт и кога треба да ја поднесете оставката, вие сте на врвот на својата моќ. Дента кога треба да ја поднесете оставката треба да се откажете од она што е ваша привилегија. Јас еве оттогаш уживам привилегија на еден политичар од прв ред токму затоа што тогаш на народот успеав да му покажам како треба да биде и како тоа се прави во развиените демократии. Мојата порака до сите оние кои се наоѓаат во дилема е следна, направете го тоа порано за да биде третирано како морален чин, ако го направите тоа врз база на притисок во јавноста, или врз база на протести, тогаш тоа не е морален чин, туку чин во кој вие сте изнудени тоа да го направите. Колку подлабоко одите во процес на губење на власта, вие губите дел од сопствениот интегритет. Колку порано се одлучите да се тргнете од политичкиот удар, тогаш оставате повеќе простор првенствено за фер делување на демократијата, а и за вас лично да покажете како човек дека немате лична одговорност“, смета Пешевски.

Аферата со прислушување исфрли на виделина скандалозни детали за начинот на практикување на власта од повеќе аспекти. Бомбите што ги објавува лидерот на СДСМ Зоран Заев можеби не изнесоа докази за криминално работење на поединци од власта, но секако дека го поттикнаа прашањето околу моралното поведение, однесување на одредени министри во владата. Димензиите на скандалот се шират, паралелно се продлабочува и политичката криза која вака како што сега стојат работите е далеку од разрешница. Опозицијата инсистира на оставки, власта пак на институционална разрешница. Едно е сигурно, предупредува Ацески, проблемот е многу сложен:

„Сега актуелниот проблем е многу сложен. Министер да поднесе оставка тоа не значи ништо во таа смисла, тоа дури ќе ја зголеми тензијата и може да има обратен ефект во таа смисла дека не треба само една одговорност. Затоа се оди, се бара заедно, или сите ќе ги бива или нема ниеден да остане од нив, вака грубо кажано. Не познаваме поединечна политичка одговорност, се‘ уште сме многу врзани, политичарите се дел од тоа тело, се‘ уште не е издеферинцирана индивидуалност во рамките на политичката партија. Кај нас од тој момент кога ќе поднесе оставка, него го бришат од сите можни ситуации, луѓето се свесни. Но од друга страна партијата го притиска да не поднесува оставка поради евентуални штети за нив, што не е толку карактеристично за западните политичари. Кај нас е така поставен системот, како колектив, и таа индивидуална одговорност е многу мала, речиси и никаква. Дури и така настапуваат, во име на партијата, зборуваат во множина, за партијата, а не за институцијата. Кога на пример заборува за министерство за здравство, тој зборува како за ВМРО ДПМНЕ, како да е тоа на партијата. Во тоа е проблемот кај нас. Ова што сега се случува води кон ерозија, се преиспитуваме, но ќе треба многу време да излеземе од оваа ситуација“, смета Ацески.

Поединецот и партијата

Она што сега се случува, според Пешев, е последица и генерално на политиката на менаџирањето на политичлите судири од страна на политичките елити кои од своите членови побараа да бидат дисциплинирани војници.

„Она што ми пречи е комплетно занемарената позиција на политичарот како индивидуа, неговиот интегритет, профил и желбата да остане во општеството и потоа. Јас би сакал да живеам во демократија во која политичарите имаат повисоко ниво на личен интегритет. Она што во моментов се случува би го раздвоил во два дела. Индивидуална одговорност дури и за нешто што немате вина, како што беше случајот со мене, и второ, фронтален мега случај што не е одговорност на поединец, туку силна политичка отворена војна помеѓу политичките партии во која за жал искористен е скандалозен настан. Разрешницата на целата работа веројатно нема да ја дочекаме во македонските судови, туку најверојатно на изборните места, со оглед дека очекувам дека ќе имаме брзи предвремени избори. Проблемот е што досега во политичкиот плурализам нас не‘ научија на ситуации што во светот не се толерираат. Низ годините низ една серија на промена на власта, народот се навикнуваше дека малку криминал не е криминал, малку намалување на демократија не е недемократија, малку намалување на слободи не е намалување на слободи, малку влијание врз судовите не е влијание врз судството. Таквата методологија доведе до катарза која сега ја гледаме како експлозија која веројатно ќе биде големо освестување на јавноста ако до тоа дојде. Но може да се случи македонската јавност да е до таа мерка десензибилизирана по овие прашања, што и на нови избори повторно ќе ја избере истата опција“, коментира Пешев.

Освен случајот со Пешев, македонската јавност памети и оставка на еден премиер-Хари Костов, кој само пет месеци по преземањето на функцијата, во ноември 2004 се повлече од функцијата. Како причина за ваквиот потег тој тогаш ги наведе проблемите во соработката со ДУИ, тогашниот коалиционен партнер во владата на СДСМ. Јавноста беше сведок и на неколку случаи на поднесени, па неприфатени оставки на неколку министри и тоа во сите досегашни Влади.