За метлата и опинците | Македонија | DW | 23.04.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Македонија

За метлата и опинците

На што се сведуваат поуките од првиот круг на македонските претседателски избори? Колумна на Гордан Георгиев.

Обично на вториот ден по изборите завршуваат големите анализи, а удопството да се нурнете во „малите" анализи е секогаш привилегија. Големите анализи го покажаа она што веќе сите го знаевме, иако никој не можеше да претпостави дека перформансот на водечкиот кандидат ќе биде толку слаб, поразувачки слаб за сите нас и за големата тема која требаше само да се дотркала за полека да привршиме со рубриката предавници- патриоти и промената на името. Ако можам да издвојам само еден елемент, покрај другите очигледни, кој влијаеше на изборниот резултат тоа би биле ТВ дебатите на претседателските кандидати. Сума сумарум: Пендаровски имаше неочекувано лош перформанс на тие дебати, Сиљановска беше препредена и жонглираше со тези кои се неодбранливи, а Река вешто меандрираше помеѓу двајцата и ги украде симпатиите од публиката, а богами и гласовите.

Но, малите анализи се покажуваат како грамадни кога ќе се заборавите и кога ѕвечкањето на кристалните чаши со шампањ ќе го сметате за прикладна и заслужена замена за довчерашните опинци. А опинците секогаш се подобриот индикатор и потсетник од каде сте дошле и кому му го должите лебот што го јадете, имено на гласачите. Доколку тоа го заборавите, разно-разни опинци ќе ви ја шпартаат државата и ќе полнат неограничени количини гориво од државните резервоари. Примамливата поза на жената-риба Федерика и нејзината фасцинација од лакираните опинци, како и лукавиот поглед на Јоханес и неговите очи кои непрестајно се тркалаат како слот машина чекајќи лимоните и портокалите да направат еден ред, не се доволен билет за рајот.

Gordan Georgiev (privat)

Гордан Георгиев, автор на колумната

И така, со крајот на првиот круг на скандинавските претседателски избори, владеачката партија покажува дека има помнење на кокошка. Карту читај ал сељака питај. Големата карта е исчитана, прецизно и правилно, но сељакот не е питан. Прашајте го Бучковски, прашајте ја Шекеринска, тие имаат што да ви кажат околу фацинацијата кон странските ловорики и подоцнежниот пад на ангелите. Прашајте го и Црвенковски, ако не сте му ја заборавиле адресата, и ако воопшто ве прими денес. Потоа да не се чудиме зошто оние кои ги доживувате како сељаци, селани и неподмирени критизери уживаат да ја испорачаат фактурата, кога ќе им дојде редот, обично на четири години. Метлата не е нов феномен на македонската политичка сцена, таа се појавуваше и заминуваше неколку пати во текот на изминативе две години, во форма на камшикар, реконструкција, прочистување, „дечко помести се малку...други да дојдат“ итн.

Други колумни од Гордан Георгиев:

-Ние и Црквата што гори

-Партијата и кандидатот на партијата

-Македонската репрезентација

Со симболичното подавање на метлата од страна на само-изметениот Дац кон главниот метач (кој ништо не успеа да измети до сега) почна една од најглупавите ПР кампањи со цел да се покрие неизметеното ѓубре напикано помеѓу расклатените фуги на бродскиот под на палубата на коработ кој навистина би можел да потоне доколку некому не му текне дека сидрото а не едрото е крајната смисла на патувањето. Едрото служи како погонско гориво на патувањето, но сепак патуваш за да стигнеш некаде, најчесто на поубаво, и конечно да се усидриш за да ти биде добро. Бесмисленото талкање со полни едра, без компас и без карта, и без Пенелопа која те чека дома, најчесто завршува со удар во подводна карпа. Ако, пак, она со метлата која Дац му ја дава на Зоки била договорена работа, тој што ја договорил или не разбира или типично, мести. Таа метла ќе биде симбол на неуспехот на оваа влада и можат слободно да си ја стават во витрините. Освен ако...

Освен ако...и тука доаѓаме до темата наречена ДУИ. А што да кажеме за ДУИ? Ќе биде ли премногу цинично ако кажеме дека изборите се најчесто фер и демократски кога ДУИ не учествува на нив? Добро, нема да го кажеме тоа, ќе оставиме вториот круг да покаже. Постизборната политичката распаљотка помеѓу СДСМ и ДУИ, најавена од ова место пред точно два месеци, се чини дека нема ни да го дочека вториот круг. Ако метлата сепак навистина заигра во сопствениот двор, да не заборавиме дека дворот е мултиетнички и консензуален. Баш да видиме. ДУИ овојпат изненадија со својата искреност. Па тие дури и не кријат дека цело време си ги криеле нозете, ако воопшто ползењето по подот и прикажувањето на лажниот сјај како политичка сила може да се нарече одење.

Но Река навистина изненади, и себеси и другите. Осумдесет илјади гласови, во ваква релативна пропорција во однос на гласовите на Пендаровски и Сиљановска, се рамни на 150 илјади реални гласови. Оваа весела математика сепак сневеселува кога ќе разбереме дека не сите од овие гласови одат на контото на Села и Касами. Но веројатно се доволни да репрезентираат сериозен опозициски ‘ркулец кој веќе пркоси на ДУИ и јасно му го отсликува правецот на Заев. Доколку Заев успее да поработи со метлата во консензуалниот двор, ете му го единствениот можен пат за победа на следните парламентарни избори. ВМРО и ДУИ повторно во прегратка? Па има ли подобар крај на довчерашната идила и почеток на новото прочистување на македонската политичка сцена...

Гледај видео 02:14

Сите (не)задоволни

А Мицкоски победникот?!? Е ова е навистина грдиот исход од првиот круг. Грд за самата десница, грд и за Северна Македонија. Последната надеж е дека во ВМРО-ДПМНЕ сепак ја разбрале вистинската порака од првиот круг: дека СДСМ не е казнет за промената на името, па дури ни за срамната операција со осумтемина пратеници во функција на промената на името. Не е казнет заради наводното предавство кон нацијата, туку е казнет заради истите причини заради кои и дојде на власт, имено да расчисти со криминалот на ВМРО-ДПМНЕ и да почне со реформите. Мицкоски не е лош затоа што е лош по себе, туку затоа што дополнително ја токсифицира десницата со лажните наративи за скорешната победа на Македонецот против светот. Ако успее да ја сфати оваа порака и ја преобрази партијата во нормална, а не да-се-биде-или-не опозиција, тој има шанси да придонесе кон нормализација на македонското општество. А ние ќе ја искористиме таа шанса за да му простиме, особено доколку ги изгуби следните избори. 

На што се сведуваат поуките од првиот круг? Преспа е сепак апсолвирана, но Пендаровски, идниот и веројатно последниот претседател од овој тип, нема да биде претседател за сите кој ќе гради општество за сите. Тесно му е скроен костумот за таква благородна работа. Благодарение на „кројачите“ околу него.

А за излезноста и апатичните граѓани, теоријата вели дека кога на некои следни избори нема да излезе ниту еден гласач, а скорот ќе биде 0:0, и власта и опозицијата а особено меѓународната заедница ќе прогласат дека тоа се најслободните и најдемократските избори до сега. Но тогаш веќе нема да има политика, туку ќе игра само мотика.

 

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама