За колку дена треба да се скрати изолацијата? | Северна Македонија | DW | 05.01.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

За колку дена треба да се скрати изолацијата?

Кратењето на периодот на изолација има за цел да ги одржи општествата витални, пред сѐ, во економска смисла. Може ли растот на заболени од Ковид-19 да ни го блокира целиот систем?

Мала приватна фирма од Скопје два дена пред Нова година организирала забава за нејзините вработени. Резултатот од забавата бил - 70 отсто од вработените по празниците не дошле на работа заради позитивни тестови на Ковид-19. За жал, таа не е единствена, туку една од многуте фирми на кои предновогодишните забави без маски и дистанца им го „покосиле“ кадарот на работните места.

„Цехот од забавата е тоа што од трети јануари нашата фирма не работи. Деновиве истото се случува и во други фирми. Кај нас е олеснителна околност, ако може така да се каже, што ние се занимаваме со консалтинг услуги, па голем дел од тие активности може да ги реализираме и од дома. Но, на оние кои се занимаваат со производство или услуги од дневен карактер, тоа значително ќе им се одрази“, велат од оваа фирма.

Ревидирање на протоколот

Ако се има предвид дека во изолација заминуваат и оние кои биле во контакт со заболени, синџирот на „отсутни“ се шири и во други економски ентитети и државни институции. А поради брзината на ширење на сојот Омикрон, чиј инкубациски период трае од два до три дена и енормно ги зголемува билансите на заразени во споредба со претходните денови, постои стравување дека тој експоненцијален раст може да го блокира целиот систем.

На овој аспект укажува и д-р Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија во Скопје, кој од членовите на Комисијата за заразни болести побара да го намалат времето за изолација на лица кои биле во контакти со заболени од Ковид-19.

„Ако уште утре не ги смените протоколите за изолација на контактите со Ковид болни и не го намалите времето за изолација на позитивните, на 10-ти јануари ќе нема кој да работи во државата!  Сите ќе бидеме во изолација. Изолацијата на контактите при вака раширен Омикрон е неодржлива и без епидемиолошка оправданост. Задолжителната изолација за позитивните треба да се намали на 7 дена“, смета Беќаровски.

Повеќе: Филипче: Не можеме за секој сој да воведуваме нови рестриктивни мерки

Предлогот не е изненадувачки, бидејќи низ истата дилема веќе поминаа земјите каде Омикрон досега стана доминентатен сој. Ако епидемиолошките мерки имаа за цел да го намалат бројот на заразени, а општествата да ги одржат витални, пред се, во економска смисла, во контекст на второто - брзо се покажа нужност од скратување на периодот на изолација за болните, но и за контактите.

Празници се ближат

На состојбата мора да и се даде посебно внимание во пресрет на Бадник и Божик, ако се има предвид дека различно се примени поуките и билансите од новогодишните собирања. Со цел да се превенира групирање и инфицирање, Бадниковите поворки во кои учествуваат деца, годинава ќе бидат заменети со хуманитарни акции во повеќе градови. Но, општина Кавaдарци, на пример, планира да организира ручек на градскиот плоштад на 6-ти јануари. Идејата е благородна - „никој да не биде осамен на Бадник и Божиќ“, но дали е и најсоодветна во време на галопирачка бројка на заразени, која драматично може да ги загрози деловните активности? 

Бриселски „Политико“ пишува дека Eвропа веќе се соочува со критично намалување на бројот на работници додека се зголемува беројката на заразени, како и на оние кои поради со заразени мора да бидат во изолација. Заради ова Белгија наскоро ќе ги релаксира правилата за изолација и тие нема да важат за вакцинирани со две или бустер доза кои имале со блиски контакти со заболени, бидејќи изолацијата врши притисок врз основните услуги и предизвикува недостиг на работна сила. Но, тоа нема да важи за невакцинираните лица, кои сепак ќе мора да бидат изолирани 10 дена. Ирска, која во моментов има највисоки стапки на инфекција во Европа, ја разгледува истата мерка. Министерот за стопанство, трговија и вработување, Лео Варадкар, предупреди дека сегашните правила за изолација на лица со блиски контакти предизвикуваат проблеми во основните услуги, вклучително и во критичната инфраструктура. Во Италија е укинат карантинот зa целосно вакцинирани лица кои биле во близок контакт со заразени.

Секоја држава има различни правила за тоа кога некој може да излезе од изолација, а притоа, покрај грижата за економските активности, во предвид ги земаат и здравствените анализи. Властите во Велика Британија, образложувајќи зошто го скратиле периодот на изолација, се повикаа на анализи според кои седумдневен карантин има ист ефект како и десетдневен. Таму се излегува од карантин по седмиот ден, ако лицето има негативен тест на шестиот и седмиот ден. Во некои земји по истекот на петте дена изолација, не е задолжително тестирање, туку носење маска. Но, според здравствени експерти, ако не се инистира на тестирање по завршувањето на петдневен карантин, без оглед дали исчезнале симптомите, може да има многу лица кои и натаму ќе го пренесуваат вирусот, со што ќе го зголемат ризикот за здравствениот систем и ќе предизвикаат економски последици. А засега нема прецизен одговор колку време некој е заразен, бидејќи зависи од тоа дали е вакциниран, и со колку дози. Според некои нерецензирани студии, вакцинираните лица биле заразни малку подолго од пет дена, а невакцинираните подолго од седум. Но, овие истражувања биле спроведени во време кога доминантни биле Алфа и Делта сојот, односно пред Омикрон да стане доминантен.