За климата треба да се зборува уште во основно училиште | Свет | DW | 01.11.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

За климата треба да се зборува уште во основно училиште

Клучот во борбата против климатските промени е во повеќе образование и поголема солидарност, смета Аднан Арслан, член на „Граѓанскиот совет за климата“.

Не сум клима-активист и никогаш досега не сум учествувал на демонстрации. Секој ден возам три километри до работа со мојот дизел автомобил. И, да бидам искрен: никогаш не ги разбирав луѓето кои демонстрираа за  заштита на природата.  Во моите очи климатските промени значеа пред сѐ високи трошоци за мене и моето семејство. Од мал, моите родители ме научија дека најважно е да има јадење на масата и да можеш да си ги плаќаш тековните трошоци. Да се отпатува еднаш годишно на одмор би бил луксуз кој може да си го дозволиш. Типично работничко семејство.

Но, преку членството во „Граѓанскиот совет за климата“, станав свесен за некои мои предрасуди. Имав среќа таму да слушам излагања на научници и професори, преку кои ми се разјаснија со климата релевантните поврзаности. Не сакам да тврдам дека на тој начин се станува одеднаш сосема друг човек, но тоа поттикнува на размислувања.

Незнаењето не штити од казна

А кога човек ќе сознае во колкава голема мерка нашето однесување ја забрзува промената на климата или придонесува за изумирање на животински видови, тогаш посакува да преземе нешто. Јас на пример си купив велосипед, консумирам посвесно и избегнувам создавање непотребен смет. Со тоа климата ни оддалеку не е спасена, но ако многу луѓе прават мали чекори, ќе стигнеме многу подалеку за кратко време отколку во изминатите десет години.

Со ова сакам да укажам: образованието, просветителството е важен дел од тоа како размислуваме, чувствуваме и во краен ефект дејствуваме. Се вели: „Незнаењето не штити од казна“. Значи не е прашање дали нешто треба да направиме. Прашањето е колку брзо можеме да дејствуваме за да избегнеме катастрофи во наредните години или барем значително да ги редуцираме. Мислам дека ние сме станари на оваа Земја, а на нашите наследници треба да им оставиме планета на која ќе можат да живеат. За таа цел се потребни многу повеќе отколку „разубавувачки корекции".

Deutschland Adnan Arslan

Аднан Арслан до работа сега оди со велосипед

Кога со луѓето во Германија разговарате на тема клима, често прво се споменува дека електричните автомобили се прескапи, дека нема доволно станици за полнење. Но, заштитата на климата е многу повеќе од тоа. Не треба да ја трансфорираме само инфраструктурата, туку да го смениме и нашиот начин на размислување. Сите треба да се чувствуваат засегнати од темата заштита на климата. Ги разбирам грижите на луѓето кои стравуваат од растечките цени. Најголемата задача ќе биде да се стават под една капа социјалната праведност и заштитата на климата.

Сега треба да следат дела

Не смее имено под зголемен финансиски притисок да се најдат пред сѐ семејствата. Многумина веќе имаат тешкотии да сврзат крај со крај поради растечките трошоци за живот. Ниту децата не треба да страдаат поради она што возрасните го „заплескале“ во изминатите години. Мора да се обидеме да ги подготвиме децата и младите за  иднината.  На пример, уште од основно училиште треба да се воведе предмет „Екологија“. Најважното разјаснување за нашата планета е најдобро да се врши во училиштата.

Би сакал  германската политика  што поскоро да реализира голем дел од препораките на „Граѓанскиот совет за климата“, на пример задолжително откажување од јагленот најдоцна до 2030 година. Германија во светот и на КОП26 да преземе водечка улога во заштитата на климата. Нациите да се сплотат и да се најдат интернационални решенија за да ја совладаме најголемата задача на нашето време. Сите луѓе во светот да добијат понуда за еколошко образование. Нациите да не се извлекуваат од примена на мерките. Сега мора да следат конкретни дела.