За историја „спремни“ | Свет | DW | 20.07.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

За историја „спремни“

Величествениот дочек на светските вицешампиони ги губи контурите во облаците чад. Над нив се надвиснува темна сенка. Ненад Величковиќ не може да верува. Пред него е забавена сатирична снимка на пречекот

Се превртува во влажниот кревет и никако да заспие тврдо како вицешампион на светот во фудбал. На него сѐ уште е дресот задоен со страсна благодарност на претседателката. Кога сонот за момент ќе го прелаже, тоа повеќе не е претседателката туку Богородица. Низ нејзиното бело лице истекува шминка расквасена од дожд, како црвени солзи. И пред да се сврти веќе знае дека на крајот на нејзиниот поглед ќе го здогледа Исус навален под крстот.
И Синот божји ножи коцкест дрес, само бројот на грбот не се гледа од крстот. Вицешампионот чекори зад него, со испружена десница, од која како од штит се одбиваат ударите на ластегарки, стапови и бичеви. Посакај си една желба и јас ќе ти ја исполнам, го слуша гласот на претседателката. Повторно е во нејзината цврста прегратка.
Вицешампионот има само една желба. Кога ќе се вратат во Загреб, и кога на плоштадот ќе се соберат еден милион луѓе, а пред екраните уште десет, да ја подигне десницата до небо, со дланката свртена надолу, и да го погали восхитениот плебс кој во поразот го слави воскресението.
Стои вицешампионот на бина, на плоштадот, а раката му расте во десница, и веќе е подолга од сабјата на Јелачиќ, и расте, го благословува светот на плоштадот, и целиот Загреб, и аеродромот д-р Фрањо Туѓман, и еве веќе е над камениот цвет на Богдан Богдановиќ, му мафта на споменикот на ХОС, малку полетува на акордите на Јасеновац и на Стара Градишка, со меката дланка ја милува како облак бодликавата жица на границата со Босна, како остра коса прелетува над Србија, и расте и натаму во далечината, сѐ до Австралија, и Канбера и родната куќа на Џо Шимуниќ, и натаму, до аргентинската Санта Тересита, во која Динко Шакиќ сонуваше за враќање во НДХ, па потоа уште подалеку, или сега се поблиску, во Шпанија, над гробот на Вјекослав Макс Лубуриќ, сѐ до Загреб и плоштадот Бан Јелачиќ, опфаќајќи ја така целата Земја, како фудбалска топка, црвена и бела.
Одеднаш, тоа повеќе не е топка, туку претседателката. Не може да дише во нејзиниот цврст стисок, се буди. Веќе поминало славјето, во својот кревет е, со медалот покрај креветот, сребрен. Беше тоа незаборавен дочек. Колку веселба, колку среќа! Сите телевизии го пренесуваа тоа. И сите и денес го репризираат. Го вклучува телевизорот и гледа, повторно. Прегрнати, влегуваат во историјата. Претседателката ги изговара нивните имиња:
Даниел Перковиќ Томпсон, Ведран Перковиќ Томпсон, Дејан Перковиќ Томпсон, Домагој Перковиќ Томпсон, Шиме Перковиќ Томпсон, Марсело Перковиќ Томпсон, Матео Перковиќ Томпсон, Лука Перковиќ Томпсон, Иван Перковиќ Томпсон, Марио Перковиќ Томпсон, Златко Перковиќ Томпсон...
Вицешампиони на светот во фудбал. 

Оригиналниот текст прочитајте го тука.

DW.COM

WWW-линкови

Реклама