„За историјата треба да дискутираат историчарите“
29 септември 2009Стразбур не сака да се впушта во дискусиите и полемиката предизвикана од содржината на Енциклопедијата издадена од МАНУ, иако можеби постои простор за расправа, смета претседателот на Парламентарното Собрание на Советот на Европа (ПС на СЕ), Луи Мариа де Пуч. „Мислам дека за историјата треба да дискутираат историчарите. Политичарите треба да дадат решенија на проблемите со кои се соочува денешното општество, а не да се навлегува во историските дебати.“ Според Де Пуч, кога постојат вакви елементи, Советот на Европа не треба да навлегува во нив. Иако понекогаш овие елементи се основата на политичкото однесување или позиции во една политичка дебата или конфликт.
Охридскиот договор треба да се почитува
Инаку историчар по професија, претседателот на ПС на СЕ потсeти дека кога станува збор за албанското малцинство во Македонија, по конфликтот во 2001, е создаден нов Устав со учество на претставници на албанското малцинство. И тој Устав и договор сега треба да се почитува од двете страни.
Околу жестоките коментари и запалливите изјави на некои политичари во Македонија и нејзиното соседство, кои наместо да ги смират страстите, предизвикани со спорните делови на Енциклопедијата, го прават спротивното, Луи Мариа де Пуч е категоричен. „Не ги сакам пироманите, не ги сакам никаде. Секогаш кога има радикални, екстремистички и провокантни позиции, тие не се добри ниту за политиката, ниту за мирот, ниту за успехот на земјата. Можам да ви кажам дека провокаторите и екстремистите не ги сакам.“
Претседателот на ПС на СЕ потсети уште еднаш дека Македонија од мај 2010 ќе претседава со Комитетот на министрите, извршниот орган на Советот на Европа. Претседателство, кое според него треба да помине беспрекорно.
Автор: Тони Гламчевски
Редактор: Александра Трајковска