За заминатите и за домаостанатите | Северна Македонија | DW | 19.11.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

За заминатите и за домаостанатите

Во Македонија речиси сѐ зависи од партиите кои учествуваат во власта. Токму тие ќе направат сѐ, заминатите талентирани, добро образовани млади Македонци никогаш да не се вратат во татковината. Колумна на Кица Колбе.

Последен пат го видов синот на мојата роднина кога тој уште беше ученик во Скопје. Сега, во ресторанот во Келн, спроти мене седеше млад пост-докторанд. Веќе четири години истражувал на прочуениот универзитет во една западноевропска земја. Стипендијата му ја доделила таа  држава. Никој од Македонија не му помогнал во тоа. Важни биле само неговите научни публикации, ми раскажува. Во еден миг ме прашува дали е убаво да се живее во Германија.  Од кусиот престој во Келн имал впечаток дека животот овде мора да е пријатен. „Има нешто медитеранско во воздухот“, се насмевнува, додека ги фотографира бродовите на Рајна. „Да! Ова, всушност, на почетокот била римска колонија. Отаде и името Келн. Римјаните како да ја оставиле јужната леснотија на животот и во Келн,” му објаснувам додека  минуваме крај катедралата и римско - германскиот музеј кон Лудвиг-музејот. Оној на современата уметност, едно од моите омилени места во градот на Рајна. „Келн е единствениот германски град во кој заборавам дека не сум родена овде. Толку брзо градот те прегрнува во себе! Како отсекогаш да си бил негов,“ му ја откривам мојата лична фасцинација од отвореноста  на градот. „Навистина,“ додавам, „овде има улици што би можеле да бидат во Дебар-Маало!“ Тој се исчудува, со поглед чист и невин, детски. „Тоа е тајната! Во туѓото да се открие своето,“ му велам. Не вели  ништо. Тоа сигурно му зазвучи премногу филозофски. Потоа ми раскажува дека во земјата во која ќе остане уште една година било исто така кога пристигнал. Само сега и таму станале силни десничарските идеологии. Тие не се пријатни за странците, се согласуваме обајцата.

Насетувам зошто ме прашува за животот во Германија. Неговиот замислен поглед открива дека тој веќе се прашува каде да  замине откако по една година ќе  му заврши стипендијата. Да се врати во татковината? Или да  се обиде во друга земја? На пример, во Германија. Со восхит ми раскажува за неговите истражувања во неврологијата. Умен и трудољубив, даровит и скромен млад научник со блескаво образование. Токму тоа е насушно за Македонија. Насетува што мислам. „Си ја сакам татковината.  Ама таму нема научници што истражуваат во таа област,“ вели, небаре правдајќи се. Пред неколку години некои се обидувале да  почнат со такви истражувања и во Скопје. Сега и тие биле заминати од Македонија.  

Заминувањето значи преобразба

Сиот ден го поминавме во разговор за  сето тоа што би било можно во Македонија. Кога таа конечно би станала нормална, модерна  европска земја. Кога таму би владеел тој дух што владее во Келн или во Берлин. Духот на  иновацијата и на научниот натпревар. Духот на отвореноста за најдобрите од целиот свет. Тој  е спротивност  на духот што најчесто се среќава во македонските научни установи. Таму повеќе владее затвореноста во локалното. Таа  потекнува  од стравот од  новото. Тоа прави амбициозните млади луѓе дури и  нивните професори да ги доживуваат како конкуренција за нивната научна самоувереност. Високите дострели во науката бараат истрајност и самопрегор. Тоа не е можно таму каде што царува просечноста, ми вели. „Ах, тој дух беше присутен уште кога јас работев на универзитетот во Македонија“, го тешам. „Знам,“ вели, „ми кажувале и родителите. Ама мислам дека сега е уште пострашно. Транзицијата го уништи и тоа малку што го создаде  генерацијата на моите професори...“.

Други колумни од авторката:

-Литературата во „патриотската“ реторика

-Македонија - Европа или вечен Балкан?

-Сликата за Македонија на граѓаните визионери

Транзицијата беше времето во кое мојот роднина израсна, студираше, докторираше во Скопје  и замина во светот  да истражува. Неговата генерација   созна дека нема ништо трајно во  тој живот. Дека се‘ може да пропадне. И државата и системите и идеологиите и моралните вредности. Дека во политиката одат неспособните и желните за брзо збогатување. Дека во општеството во кое пораснале  најчесто не е важно образованието, високиот просек, докторската титула и познавањето на странски јазици. Дека е важно во која партија членуваат родителите. Во кои влијателни кругови се  нивните пријатели. Тие што можат да ги вработат своите деца во државните институции. Затоа што само таму има сигурна работа. Оти сите  други сфери се распаднати. Државните болници, факултети и фабрики. Како и медиумите и телевизиите. А во приватните фирми  младите работат за мизерна плата,  без здравствено и социјално осигурување. Што друго му останува на млад човек во Македонија, освен да посака барем еднаш да замине? За да види како е онаму, каде што животот  функционира по други закони. Тие што си заминуваат од дома  се свесни дека  непознатото ќе ги промени. Животот во странство навистина преобразува. Тој учи на одговорност и самостојност, на креативност и флексибилност. Заминувањето навистина е преобразба.

Во царството на партиите

Така е и со мојот млад роднина. Четирите години надвор од Македонија го беа преобразиле. Само затоа тој сега се прашува каде да продолжи. Всушност, тој се прашува каде припаѓа. Во западноевропското општество? Или во Македонија? Каде што е неговата фамилија. Ама го нема тоа што за него како научник веќе беше станало стандард. Најмодерни  услови за  истражување. Колеги со исто високо научно ниво. Дисциплина и одговорност во  научната работа. Сигурно и добро платено вработување. Здравствено осигурување и извонредни лекарски услуги. Градови во кои еколошките стандарди се најнормалната работа. Како и сите други нешта од кои зависи пријатноста, леснотијата на секојдневието.  Како чистотата на улиците, на градскиот сообраќај, на јавните зданија. Кога некое време сте живееле во западните општества, тешко е да се откажете од тие стандарди.

Си замислувам што сѐ ќе го дочека мојот млад роднина во Македонија. Фанатизирано општество, во кое секој секого мрази само затоа што гласа за друга партија. Клиентелистичка политика во која владеат новите олигарсите. Затоа што тие само така ќе го заштитат своето богатство. За тоа се потребни партиските послушници. Таа мрежа од медиокритети поставена во најзначајните државни ресори. Во судовите, универзитетите, медиумите. Сето тоа што во развиените европски демократии не зависи од тоа која партија ќе победи на изборите, имено, неутралната државна администрација, слободните државни универзитети, независните медиуми, во Македонија зависи од партиите кои учествуваат во власта. Токму тие ќе направат се‘, заминатите талентирани, добро образовани млади Македонци никогаш да не се вратат во татковината. За таа еден ден да стане само нивно царство. За тие да не мораат никогаш да го променат својот прочуен македонски менталитет. А заминатите никогаш повеќе да не станат дел од нивниот свет.

Параходот ми пристигна

Иако од Македонија отсекогаш се заминувало во светот. Засекогаш или само привремено. Најстариот израз за заминатите е печалбари. Ретки се македонските фамилијарни повести во кои нема барем еден заминат на печалба. Исто толку чести се брачните приказни на нашите прабаби чии млади сопрузи заминувале на печалба во Америка кусо по свадбата. Печалбарите заминувале. Но и постојано се враќале. При секое враќање тие го носеле со себе во Македонија новото и модерното од западните општества. Како што речиси и сета македонска интелигенција во минатото студирала во Западна Европа. Кога се враќала во Македонија таа играла просветителска улога. Тогаш заминатите што се враќале во татковината биле почитувани луѓе. Затоа што доаѓале од големиот свет. Токму затоа што домаостанатите знаеле дека за да се замине во големиот свет треба храброст. Тие ја насетувале и меланхолијата на заминатите  за нивните фамилии, за татковината. И сочувствувале со нив. За тоа сведочи ненадминатата елегичност на народната песна „Параходот ми пристигна“. Таа е навистина химната на заминатите.

Само тој ритуал на разделбите и меланхолијата останува вечно во македонското паметење. Особено мајките во Македонија ја познаваат тагата по заминатите деца. Таа е онаа и на нашите баби и прабаби. Таа  од нив направи силни жени. Често се прашувам зошто тие силни жени не се малку повидливи во јавноста на Македонија. При мојата последна посета на Македонија ми стана јасно зошто е така. Тие жени се и денес оние што го одржуваат темелниот ред на животот  во Македонија. Тие се оние што сакаат се‘ да биде како секогаш во нивните домови, во нивните фамилии, за  да можат нивните во светот заминати деца и внуци  еден ден, кога ќе одлучат да се вратат, да можат полесно да се  вклучат во стариот живот. Колку и да е нивната надеж илузорна, таа  за нив е изворот на силата да ја издржат тагата по нивните заминати деца. Македонија одамна ќе се распаднеше како кутија од карти да не беа тие силни жени во заднината на политиката. Тие се оние што држат толку многу од катадневните грижи во свои раце. Тие до крајот на животот ќе чекаат да им се вратат заминатите деца. А тие, најверојатно, нема никогаш да се вратат затоа што ќе научат да живеат далеку од фамилијата и од татковината. Тие нема да се вратат и затоа што  при секоја посета на татковината сѐ појасно ќе сознаваат дека, освен нивните родители и роднини, таму никој друг повеќе не чека на нивното враќање. А можеби и не може да биде поинаку. Заминатите и домаостанатите се обединети само уште во нивниот копнеж едни за други.

 

DW.COM

Реклама