За живот без клетви | Северна Македонија | DW | 03.08.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

За живот без клетви

Не постои живот што би сакал да дојде овде, за да биде трошен во клетви, ситења, омрази и кладилници. Колумна на Синоличка Трпкова.

Главна тема на оние коишто секогаш имаа „живот” и немаа проблем со владеењето на националистичко-криминалната ДПМНЕ е – животот! Оној живот што требаше да дојде, а според нив - не доаѓал. Па така, бидејќи немаат што да кажат за своите совршени животи, тие се фатија за туѓите. Сите проблеми во државата, според нив, дошле со промената на власта. И сите несреќи што нѐ снашле - се последица од неа. Десет години течело мед и млеко и за само една година - економскиот раст се стрмоглавил надолу.

Едногодишното чудо од власт ја донесло Македонија до провалија, земјата да ти се наоѓала пред катаклизма. Да не се променеше власта сигурно ќе бевме први во светот. По криминал, секако. Но ете, „комуњарите“ нечесно (како и секогаш) ја лапнаа власта на народот, онаа власт што толку „мачно“ градеше барок, споменици, бродови, плаќаше пропаганди и вработуваше на државни јасли, како да се од татко им.

Втората тема е името. Борбата за фарбање и измислување на нацијата со „позлата“ од што подалечна и постара историја, стана нивна единствена преокупација за иднината. И денес, кога светот се брани од глобални загадувања, затоплувања и затупувања, ние сѐ уште го браниме името...со пластични шлемови и фалангистички апостолки! Небаре робови оковани во синџирите на историјата, без способност и сила за градење сегашност и иднина. Додуша, тешко некое ропство, малку го браниме името, малку одмараме и лешкариме на плажа, а малку си живееме надвор од земјава, каде што никому не му е грижа од кај си и кој си - туку за што те бива и што можеш да направиш.

Добрината е како палмите на Коце

И никој не сака да почне од себе, од својот двор, од своите навики и од својот живот. Најлесно е сета енергија да се троши на гледање сеир во туѓиот двор. И да се колнат и оние што му мислат добро!? Цела среќа што луѓето без „животни“ проблеми, решиле да ги решат проблемите на оние што ги имаат. Зашто особено е важно тие што имаат живот, да го дигнат гласот за оние што го немаат. Дојде време тие што им „идел живот“ да се борат за оние што берат туѓо гајле. Важен е на пример, „гласот“ на лекарите од приватното здравство, на кои срце им се кине за оние што не можат да си дозволат лекување кај нив. Важна е улогата и на сопствениците на портали – светилници на социјална правда, кои го уништуваат секој што се обидува да создава, менува и работи. И најважно секако е – оние од власта да си ги згрижат роднините, барем до трето колено!

Други колумни од авторката: 

Деца за љубење или за губење

Во неправичен свет, со право на избор

И животот чека свој термин

Животот никогаш нема да дојде кај оние што се ситат на туѓи несреќи. Кај оние што колнат сѐ по список, а радоста ја врзуваат за „божјата правда“, за туѓата несреќа и загубата. Кај соседите, во земјата или надвор од неа, сеедно. Добрината, напредокот и економскиот раст, како единствен релевантен доказ за нечие постоење, се како палмите на Коце - не фаќаат корен. Не сме ние Бангладеш или Етиопија, па да имаме економски бум од 8%! Нашите сезнајни, намуртени и мрзливи потомци на античките, секој ден одат на работа, а молат бога да не работат. Зашто и тоа е џабе, зар некој да се богати од нивната „работа“? Платите се мали или ги нема, но за сработеното никој ништо не прашува – каде е, какво е и дали воопшто го има? Ниту пак некого го интересира! Може колку сакаме да си играме со бројките, но нашиот економски раст е 2.8%. Овде главна инвестиција и економска гранка станаа кладилниците - со мал влог во нив, да може нешто да капне (а да им врне само на сопствениците, сокриени во матно). Да капне на оние што чекаат да се „снајдат“, ако не денес – утре, или по неколку години или векови, сеедно. Важно да се пополнуваат бројчиња, да има континуитет.

Постарите не беа кадарни, ќе бидат ли младите?

Навистина не знам како луѓето замислуваат дека животот треба да дојде, или како некој да им го донесе (освен ако не се на листата до трето колено)!? Тие што разбираат како животот „иде“ - заминуваат на други места и – живеат! Не постои живот што би сакал да дојде овде, за да биде трошен во клетви, ситења, омрази и кладилници. Ако со години наназад ве мамеле внатрешните и надворешните непријатели и ако не ви идел памет, зарем очекувате сега да ви дојде и памет и живот? Овде нема живот, ама затоа има одличен соживот - меѓу власта и народот. Оние на власт муваат, лажат и крадат (и работат пред сѐ за себе), додека народот седи, слуша и чека, подготвен да го сопне секого што сака да мрдне напред. Последна надеж за нас можеби е ЕУ. Велам можеби, затоа што и таа станува сѐ понеизвесна и подалечна. Тешко на оние што сакаат да стигнеме таму, оние што секојдневно ги влечат сите закачени лицемерни административни крлежи, сопствените партиски војници и останатите експерти за ситење врз туѓи несреќи. Зашто целава прикачена композиција не сака да стигне таму!

Факт е дека постарите генерации не беа кадарни да изградат основа за младите. А младите, сакале или не, ќе мора да се ослободат од синџирите на едно тешко минато, ако сакаат да градат иднина. Дали тие, ако успеат да се оттргнат од црнава дупка, можат да ги сочуваат здравиот дух, критичката мисла, отвореноста кон светот и силата да го менуваат, и да станат генерации што нема веќе да го чекаат, туку ќе го зграпчат животот? Изборот е – клетви, берење туѓо гајле и кладилници, со живот што нѐ одминува во континуитет или - живот, што ако не ние, тогаш барем младите ќе го создадат и донесат за своите деца.

DW.COM

Реклама