За дршката | Северна Македонија | DW | 05.06.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

За дршката

Датумот за преговори е клучен, бидејќи од него зависи дали реформите ќе станат трајна одредница на трасата кон ЕУ, или ќе останат транзиторен хет-трик на Заев. Колумна на Петар Арсовски.

По сите реакции и последователни анализи, изгледа дека коренитите промени во СДСМ ќе му донесат политички бенефит на Заев. Широкиот опфат на промените по сѐ изгледа обезбедија ново внимание од јавноста, која претходно се закануваше стереотипно да го игнорира премиерот и неговата вечна низа оптимистички најави, а најверојатно ќе обезбедат и нова инфузија на енергија кај партиските функционери, што од надеж, што од страв. Сепак, партиските промени се полесниот дел од операцијата „метла“, како што стана познато најавеното проветрување на власта. Потешкиот дел, владината реформа, допрва следува. Во партијата Заев одлучува релативно автономно, а во владината коалиција не, а по сѐ изгледа, другите партнери (и нивните министри) не се одушевени од идејата за чистка во сопствените редови. На крајот, мислам дека во целата операција се важни и други, странични елементи, кои уште повеќе ќе влијаат на успехот на оваа најавена реформа.

Не само промена на луѓето, туку и на однесувањето

Прво, и најочигледно, мерило за успехот на овој проект ќе биде опфатот на промените. Бидејќи самата операција е неопходна како извесно ребрендирање на власта (слично како „новиот бран“ на ВМРО ДПМНЕ), успехот на ребрендирањето најмногу зависи од перцепцијата на гласачите што и колку се променило.  Оттаму, високиот праг на очекувања поставен од промените во партијата сега ќе се прелее во очекувања од промени во владиниот кабинет. Во основа, од комуниколошки аспект, при вакви промени, што поголемо, толку подобро. Доколку Заев може да преслика нешто слично од партијата во владата, дотолку поголем ќе биде неговиот политички бенефит. Тоа исто така ќе им покаже и на неговите коалициони партнери, на партиските функционери, но и на меѓународната заедница, дека е одлучен во промените кои треба да следат по ерата на Груевски, и дека тука место за комфор и пасивност нема. Таквиот принцип на „политичка отчетност” (кој, се согласувам, е различен од суштинската институционална отчетност), ќе ги држи „на штрек” и новите поставени функционери.

Други колумни од авторот:

Под површината

Едноставното е најтешко

Вториот индикатор за успех на ваквиот проект за ребрендирање ќе биде, секако, количеството на вкупна промена на перформансите, а не само на составот на владиниот тим. Тоа, по дефиниција, вклучува и промена на стилот и манирот на однесување, уште повеќе одошто промена на личностите. Најголемиот предизвик, всушност, во оваа реформа, е како новите да не се однесуваат како старите. Таа промена мора да почне од кабинетот на самиот Заев, кој треба да биде подготвен да ја напушти својата зен-мантра „сѐ ќе биде во ред, другарче”, и да почне да ги прозива, притиска, и да ги предизвикува министрите и другите во администрацијата на промени. Неговиот говор даден при оценката на двегодишниот мандат имплицира таков притисок, но тој не е доволен. Промената во однесувањето мора да биде проследена и со систем на поголема транспарентност за статусот на проектите, консолидација на приоритетите, но истовремено и со интерен систем за притисок за имплементација, инаку и новите министри (кои и да бидат тие) брзо ќе западнат во манирот на претходните.

ДУИ не е одушевена 

Третиот фактор околу „метлата” е, секако, ДУИ.  Досега, тие не само што не го споделија ентузијазмот на СДСМ за промени, напротив - изгледа дека имаат еден пасивно агресивен став на саботирање на проветрувањето. Најавите на функционерите на ДУИ дека биле „згрозени“ од терминот „метла“, се, секако, нонсенс. Иронијата е фрапантна: ДУИ, кои инаку се познати по нивниот изострен и еманципиран политички вкус, се наоѓаат навредени од промените, кои го нервираат нивниот префинет политички сензибилитет.  Вистината е дека ДУИ се противат на промените зашто не сакаат да се менуваат, да се измислат повторно (откако се испразни нивната досегашна политичка агенда), сакаат да останат во својата зона на комфор, иако пораките кои важеа за СДСМ за менување, важат дупло за ДУИ.

Четвртиот фактор во овој проект е другата страна на паричката на проветрувањето. Досега, чистката во партијата, и најавената чистка во владата, ја покажуваат подготвеноста на Заев за ослободување од кадрите кои не донесле резултат. Но, овој систем на одговорност мора да биде проследен и со паралелен систем на унапредување на оние кои донесле резултат. Така, Заев сега ќе биде под предизвик да демонстрира дека во неговиот тим пасивноста носи отказ, но дека активната работа носи поволности. Затоа, овој бран на чистење мора да биде поткрепен и со бран на нагорно движење на кадрите во СДСМ, инаку постои опасност новите функционери да се блокираат и да не прават ништо, плашејќи се само од негативниот аспект од „метлата”.

На крајот, опсегот и квалитетот на ребрендирањето на Заев ќе биде и добар индикатор за тоа дека тој, за разлика од Рама, на пример, е подготвен за промени кои се неопходни да се следи целиот тек на евроатлантските интеграции, и да се коригира, поправи, и промени она што е потребно за да можеме да држиме чекор со реформите. Ова е особено важна порака особено сега, кога ЕУ одлучува дали Македонија и Албанија треба да бидат ставени „во ист кош“.  Затоа, датумот за преговори е клучен, бидејќи од него зависи дали овие реформи ќе станат трајна одредница на трасата кон ЕУ, или ќе останат транзиторен хет-трик на Заев.

DW.COM

Реклама