„За дом спремни“ – лажна историја на лажните патриоти | Свет | DW | 04.09.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

„За дом спремни“ – лажна историја на лажните патриоти

Усташкиот поздрав „За дом спремни“ во Хрватска речиси излезе од скривалиште. Неговите поддржувачи не се грижат за товарот на тие зборови, а себе најчесто се сметаат за отпор против актуелната, левичарска власт.

Додека инцидентот, кој го предизвика фудбалерот Јосип Џо Шимуниќ е речиси заборавен, нов ветер во грбот на ревизорите на историјата во Хрватска им дава Бранко Борковиќ, политичар и последен командант на одбраната на Вуковар. Тој вели дека изразот „За дом спремни!“ треба да се воведе во официјална воена употреба, наспроти „врескањето“ на оние чии „предци, а и тие самите, ги истребувале Хрватите“.
Дел од јавноста возврати дека станува збор за „непатриотска иницијатива која може само да наштети на нацијата и на државата“. Сепак, тешко е да не се воочи дека акронимска варијанта на тој злогласен поздрав „ЗДС“, е сеприсутна на интернет, па дури и во коментарите на посетителите на фејсбук-страницата на највисоките државни институции и претставници на власта. Оние кои го користат велат дека станува збор за историски хрватски поздрав. Своите тези ги поткрепуваат со „зголемување на бројката на четници во Србија, дивеењето на Шешељ и обидот за рехабилитација на Дража Михајловиќ“, не сфаќајќи дека на тој начин Хрватска пропадна за уште еден круг подлабоко во спиралата, на речиси комплементарните национализми кои се шират на подрачјето на поранешна Југославија.

Искривена реалност, занемарени факти

„Историската теза“ најчесто се повикува на операта „Никола Шубиќ Зрински“, идеолошки и митолошки важна точка на хрватското културно наследство, а која кон крајот на 19 век ја компонирал Иван Зајц. Но, вистината е, објаснува за ДВ, историчарот д-р Хрвоје Класиќ, дека „ЗДС“ како поздрав е воведен по основањето на фашистичка усташка Независна држава Хрватска и дека станува збор за еквивалент на германскиот „зиг хајл“ (Sieg Heil - да живее победата). „Ги повикував сите оние кои шират лаги да покажат еден единствен доказ. Тоа е лесно да се провери. Либретото е достапно за сите. „ЗДС“ во таа опера не постои, како што и никаде не е забележано дека некој претходно се поздравувал на тој начин“, вели Класиќ и додава дека граѓаните ретко размислуваат што им се сервира по тоа прашање.

Kroatien Zagreb Demonstration Nazi Hitlergruß Anti Regierung

Антивладини протести во Загреб (архива)

Покрај тоа, тој наведува уште еден израз, кој често се користи на трибини на фудбалски стадиони во Хрватска: „Во борба, во борба, за својот народ!“ (У бој, за народ свој) И тоа се припишува на операта на Иван Зајц, но во либретото ни тоа го нема. „Она што е многу интересно е дека таков стих постои само во песната на српскиот автор Јован Јовановиќ Змај, „Воена песна“. Тоа е песна од 19 век, во која се пее за ослободување на Србите од Турците. Но, на натпреварите после „во борба, во борба, за својот народ“, се извикува „убиј ги Србите“, што покажува индиферентност кон фактите, но и на тоа, на кој дел од историјата се повикуваат оние кои извикуваат „ЗДС“, ја објаснува нашиот соговорник општествената клима во која фактите не одат во прилог на саканата теза и едноставно се занемаруваат.

Естрада и емиграција

За изразот „За дом спремни“ можеби најмногу придонесе Марко Перковиќ познат како Томпсон, естраден пејач омилен на десницата, кој го вгради во својата песна „Баталјонот на Чавоглава“, една од најизведуваните воени песни во Хрватска. „'ЗДС' тогаш беше отпор кон она што се случуваше и од кое излегуваше Хрватска. Тој во себе го сумира антикомунизмот и антисрпството, ако сакате и антијугословенството. Со оглед на тоа дека усташите се доживуваа како борци против комунизмот, српските и големосрпските идеи, усташтвото на мала врата влезе како симбол на отпорот, посебно во моментот кога Хрватска излегуваше од една комунистичка и социјалистичка заедница, нападната од големосрпските идеи на Слободан Милошевиќ.“
Кон тоа, вели Класиќ, придонесоа усташката емиграција и нејзините потомци кои на почетокот од деведесетите започнаа да се враќаат во Хрватска. Усташтвото, додава тој, започна да се толерира, бидејќи луѓето најлесно се поврзуваат со радикални варијанти. „Во Хрватска во 1991 година беше потребно нешто сосема радикално за да се спротивстави на она другото радикално што не’ снајде: Милошевиќ, Шешељ, Аркан, „балван револуцијата“...“ Класиќ како анегдота наведува негов колега студент, повратник од Сиднеј, кој се до доаѓањето во Хрватска не знаел дека БиХ не е во нејзиниот состав. „Растел со картата „Хрватска до Дрина“. Кога го прашав дали е вистина дека сите од таму се за Павелиќ, ми рече дека тоа е лага и дека неговите се за Макс Лубуриќ, се сеќава Класиќ. Вјекослав Макс Лубуриќ е, да потсетиме, воен злосторник и командант на системот концентрациони логори во НДХ, меѓу кои најголем беше оној во Јасеновац.

Filmszene Kroatisches Parlament 1941

Сцена од филмот „Хрватскиот парламент“ од 1941 година.

Провокација без свест

И угледниот социолог од Загреб, Ренато Матиќ, ја отфрла тезата според која „за дом спремни“ е израз на вистински патриотизам односно родољубие. Тој додава дека сите главни политички партии во Хрватска имаат став дека станува збор за поздрав настанат во квислиншка, усташка држава. „’ЗДС’ благодарејќи на еден друг тоталитаризам е прогонуван. Притоа без никакво официјално објаснување во време на агресијата во Хрватска започнал да се користи во поединечни групи. Денес, најчесто го користат оние кои во тоа време не се родени, а на училиште за тој поздрав ништо не научиле. Тие гледаат дека тоа ја нервира власта, па го користат како провокација без свест за она што е тоа навистина.“
Коренот на проблемот, социологот вели дека е во тоа што за него не се водеше речиси никаква официјална и стручна дебата, па во тој дел на хрватската историја не постои усогласена приказна која ќе се претставува на младите. „Незнаењето не е оправдание, но за него се заслужни политичките елити на кои не им е целта добар дел од дубиозата од нашата историја да се расчисти, туку да се користи за дневно-политички и парцијални цели.“
Страствениот „аргумент“ според кој „со тој поздрав гинеле хрватски војници во војната“, Матиќ исто така го отфрла, бидејќи тој воопшто не бил раширен меѓу бранителите. Но, дури и кога би постоела историска аргументација, вели социологот, треба да се отфрли, бидејќи „за дом спремни“ е контаминиран во Втората светска војна. „Под него се направени страшни злосторства и за него нема место во современото општество, без никакво ограничување на демократско изразување. Тоа е она што младите треба да го знаат.“
Матиќ додава дека, според европското истражување „Демократија и сенките на тоталитаризмот и популизмот: европско искуство“, Хрватска, со акцент врз младите, е рангирана во европската средина, па дури и малку пониско.

Страв од бегалци како вовед во агресивен фашизам

„Се разбира дека постојат групи, поединци и партии кои ја застапуваат фашистичко-криминална идеологија, тие се поврзани на пошироки нивоа од Европската унија, и редовно се состануваат. Интересно е дека група млади неонацисти од Хрватска многу добро се согласува со неонацистите од Србија. Тоа е, на тоа симболично ниво, нешто што говори за, условно речено, отпор кон системот, без свест за она што се промовира. Се разбира, тука постојат и луѓе кои се свесни и се способни да манипулираат со млади луѓе и дополнително да ги турнат на темната страна.“
„Видлива е манипулацијата со стравот од доаѓањето на неевропски имигранти. Агресивниот фашизам нема толку лесно да заведе големи маси, но, тие можат да бидат заведени и со страв. Тие попуштаат пред агресивен фашизам кога им се говори дека е потребно да ја измамат заканата на која со години и’ се припишува име, презиме и ѝ се дава одреден лик.“ Европската унија, смета професорот, преку програма за образование и воспитание тоа уште не го препознала и не сака да се соочи со тоа. Исто така и Хрватска. Затоа, социлогот Матиќ заклучува: „Опасно е да се затвораат очите пред она што ја уништува хуманоста, емпатијата, солидарноста и исконската дружељубивост. Тоа е прашање за иднината на општеството.“

Реклама