За договорот, името и изборот | Северна Македонија | DW | 19.06.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

За договорот, името и изборот

Можеме да жалиме за подобрите преговарачки позиции во минатото, ако некогаш воопшто ги имало, но факт е дека во доменот на можното ниедна не била преточена во договор, следствено била само можна, но не и реална опција

Форматот на оваа колумна е прекраток за ваква тема. Сепак некои работи не треба да се премолчат, особено не сега! Да не биде дека не било кажано.

„Ова е битка за Македонија!!!„ Извикуваше младиот говорник на трибина против промена на името на нашата држава. „Или ќе опстанеме или ќе нѐ нема!!!„ продолжи погласно.  ... и остана да одекнува во мојот ум...

Токму оваа дилема во неповторлив момент од нашата историја, ровари во македонската колективна свест, или барем кај поголем дел од граѓаните буди тешко скротливи емоции. Но емоции во политиката нема. Има моќ, сила и прагматизам. Но има и достоинство, суверенитет и непокор. Овие реалности се базирани на две, тешко помирливи стојалишта во ситуација кога моќта е нерамномерна. Не остава можност да се имаат и двете кога сте на страната од лостот кој лебди во воздух. Оттука, битката за Македонија на секој од нас е  исправена пред дилемата: Или нашиот избор ќе ја уважи суровата реалност на реал-политиката (дека двете страни мора да добијат нешто) или ќе ја задоволи правдата, целосното право на самоопределување (Македонија на Македонците).

Потпишаниот договорот со Грција,  е политички акт кој навидум се наметнува да го прифатиме како завршен чин, но вистината е дека граѓаните ќе одлучат. Според мене најважната перспектива е дека се создава, конечно и за прв пат, можност за избор помеѓу две конкретни алтернативи за нашата иднина.  Речиси три децении, живееме во неподносливa шизофренa неизвесност на привремено име, консензуален стратешки стремеж (ЕУ и НАТО) и ќорсокак на помирување со нашиот јужен сосед.  Оваа когнитивна дисонанца, противречност помеѓу уверувањата, емоциите и однесувањето, е неподнослива психолошка состојба, која секоја личност  се стреми да ја надмине.  Одбивањето и одложувањето на ова помирување  ја зголемува фрустрацијата и комплексите, а на ниво на социјална психологија создава спротивставености кои неизбежно имплодираа во општествена криза на идентитет, заробени демократски институции и меѓуетнички односи.

Можност за избор

За првпат во историјата на независна Македонија имаме можност за конкретен информиран избор на претстојниот референдум. Можеме да го отфрлиме договорот. Да го поддржиме постоечкиот статус кво и да продолжиме да се бориме за нашето право на самоопределување, затоа што тоа е правдата, тоа е историскиот стремеж и борба на нашите предци (на моите предци). Можеме и да го поддржиме договорот, да ја избереме перспективата што ја создава по цената која ја плаќаме со негово прифаќање. Перспектива во која главните одредници на нашиот идентитет се загарантирани: Македонци што говорат македонски јазик... и кои живеат во држава Северна Македонија. Овој дел боли. Но не боли повеќе од иднина во која ќе бидеме горди Македонци, во суверена Република Македонија, со преполовена, иселена популација, потоната во корупција, уништени јавни сервиси, ранлива на секој обид за дестабилизација.  Надвор од  моќната Југославија, изминатите генерации по осамостојувањето пропуштија да спроведат фер транзиција, да изградат економски развој, независни државни институции. Да нѐ направат достоинствени, суштински суверени и горди граѓани на кои двата сојуза (НАТО и ЕУ) би ни биле опција, но не и насушен избор. Оваа и идните, ако бидеме искрени со себе, не можат да го постигнат тоа заглибени во калта во која се дотеравме самите, надвор од заштитничката прегратка на НАТО и економско-демократските можности во структурите на ЕУ. 

Mazedonien Griechenland Namensstreit beigelegt Zaev und Tsipras (Reuters/A. Konstantinidis)

Зоран Заев и Алексис Ципрас

Реален компромис

Во својата содржина договорот со Грција е небалансиран и неправден, но е реален компромис. Можеме да жалиме за подобрите преговарачки позиции во минатото, ако некогаш воопшто сме ги имале, но факт е дека во доменот на можното ниедна не била преточена во договор, следствено била само можна, но не и реална опција. Оттука, тоа не може да биде противаргумент. За волја на вистината, договорот има проблем и со правните гаранции за негово спроведување од грчка страна, но правните гаранции не ни служеа многу по пресудата против Грција од страна на меѓународниот суд на правдата. Во меѓународната политика која нема сочувство за правда и правичност, сакале да го прифатиме тоа или не, Македонија ги подобрува своите позиции и отвора перспективи за сопствен развој. На крајот на краиштата, дури и да не се согласуваме со ова, кој е изборот што ни преостанува? Дали било која следна политичка елита ќе прифати нешто повеќе од ова на штета на своите државни интереси? Можеби да, но само во војна.  Не можеме да очекуваме и поголем притисок од меѓународната заедница во наша корист. Нивната поддршка е определена од тековната констелација на меѓународни односи, геополитички интереси и безбедносно економски приоритети, кои во овој историски момент неповторливо се преклопија за да отворат прозорец на можност за решение. Никој нема да се солидаризира со Македонија само поради чувството на правда и нашиот сопствен интерес, како што никој не се солидаризираше ниту досега.

Marko Troshanovski (Jane Dimeski)

Марко Трошановски

Добро утро, Северна Македонијо!

Понатаму, не е реално да се очекува дека доколку договорот пропадне, во предвидливо време, наредната деценија две, ќе можеме да изградиме подобра држава. Систем, економски и демократски доволно силен за да се бори за унапредување на нашето национално достоинство и меѓународната позиција на земјата.  Истите не ги гарантира ниту членството во ЕУ, но секако значително ги подобрува економските предуслови за тие да се остварат. Огромен дел од инвестициите во инфраструктурата, образованието, транспортот, зачувувањето на природните убавини, заштитата на животната средина итн. доаѓаат токму од Унијата. Над 80% од извозот ни оди во земји членки на Унијата. Како членка таквиот развој би се забрзал повеќекратно и луѓето би добиле реална можност за достоинствен живот по цена на додавка во името, со зачуван национален идентитет и јазик. И да не заборавиме дека за цела ЕУ досега бевме ФИРОМ, а нашиот јазик најчесто го ословуваа во официјални средби како „јазикот на вашата земја“. Од аспект на демократски стандарди самото отворање на преговорите, а понатаму и членството создава формални механизми за контрола врз повеќето процеси во државата (коруптивните шеми, судство итн.). Најважно, ги зауздува и/или еманципира политичките елити да не забегаат, како што бидна со секојa претходна.

Во случај на пропаднат договор, таа сенка на држава ќе биде извесно и објективно ранлива да го зачува и тоа што го имаме сега, во смисла на територија, политички систем, ресурси за подобар и достоинствен живот. „Или ќе опстанеме или ќе нѐ нема!“ повторно одекнува  во мислите гласот на младиот говорник од почетокот на овој текст.  И токму така. Добро утро, Северна Македонијо!

Колумна на Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија Социетас Цивилис" Скопје, Македонец

 

Реклама