За две недели коронавирусот одзеде 101 живот, 92 биле невакцинирани | Северна Македонија | DW | 20.08.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

За две недели коронавирусот одзеде 101 живот, 92 биле невакцинирани

Само деветмина или 8 отсто од починатите имале примено вакцина против опасниот вирус. Починатите имале повеќе хронични заболувања.

За две недели во Северна Македонија починало 101 лице од Ковид-19, од кои 92 отсто биле невакцинирани. Само деветмина или 8 отсто од починатите имале примено вакцина против опасниот вирус. Починатите имале повеќе хронични заболувања. Ова го покажува анализата на Министерството за здравство, направена за периодот од 6 до 19 август. Во тој период 9.881 граѓанин бил позитивен на тестираните од Ковид-19. Од нив, 15 отсто биле целосно вакцинирани односно 1.507 лица.

Но, анализата покажува дека е голем бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со вирусот - дури 8.374 граѓани од позитивните не биле имунизирани. Процентот на хоспитализираните лица кои се невакцинирани изнесува 91 отсто, а само 9 отсто од хоспитализираните пациенти се целосно вакцинирани. Од Министерството за здравство укажуваат дека смртноста кај невакцинираните е драстично поголема. 

-повеќе на темата: Филипче: И тие што го прележале вирусот, треба да се вакцинираат по 30 дена

Заразените и починатите биле вакцинирани со вакцини кои ги има на располагање во земјата, но и вакцините на Модерна и Џонсон и Џонсон, кои некои од пациентите ги примиле во странство. „Секоја од вакцините која ја имаме кај нас е безбедна, ја намалува шансата од заболување, спречува тешка форма на болеста и штити од смртен исход“, укажуваат надлежните.

Според податоците на Министерството, во ковид-центрите низ државата се хоспитализирани вкупно 724 ковид-пациенти, од нив најголем број во Тетово, на Инфективната клиника во Скопје, во Гостивар, во Куманово и во Струмица.

Пациентите што се хоспитализирани и целосно вакцинирани, според надлежните, се со полесна клиничка слика за разлика од оние што се невакцинирани. Вакцинираните хоспитализирани пациенти имаат други хронични заболувања, имале посериозни болести во минатото или операции и слични здравствени состојби и имаат потреба од надзор од стручни лица. Околу 10 отсто од сите хоспитализирани во државата се граѓани што се вакцинирани.

-повеќе на темата: Дростен: Трета доза нема да им биде потребна на повеќето од вакцинираните

За вакцинирани се сметаат лицата кои се примиле две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина. Во текот на вчерашниот ден е забележан значително зголемен интерес за вакцинација помеѓу граѓаните. Вчера вкупно се вакцинирале 17.623 граѓани, а прва доза вакцина примиле 13.275 граѓани.

Вкупно се аплицирани 1.134.231 дози вакцини, а ревакцинирани се 495.803 граѓани. Проценките на Министерството за здравство се дека 70% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 67% над 65 години, 63% над 60 години и 53% над 50 години.

 

DW.COM