За амортизирање на ценовниот шок на струјата потрошени 171 милион евра | Северна Македонија | DW | 01.04.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

За амортизирање на ценовниот шок на струјата потрошени 171 милион евра

За набавената електрична енергија од странство заради покривање на загубите се исплатени 34,43 милиони евра за 127 гигаватчасови. На операторот МЕПСО за повлечена енергија му се префрлени 12 милиони евра.

Владата, со цел да се амортизира покачувањето на цената на електричната енергија и на парното, од буџетот на државата на двапати на крајот на 2021-ва и на почетокот на 2022 година на ЕСМ му има префрлено вкупно 10,6 милијарди денари или 171 милион евра. Со средствата коишто Владатаги обезбеди за АД ЕСМ, компанијата беше задолжена да ги набави потребните количества гас, мазут, јаглен со цел да ги активира сите домашни капацитети за непречена испорака на електрична енергија до Универзалниот снабдувач ЕВН хоум, но и топлинска енергија до корисниците на парно греење.

Пет месеци откако Владата донесе одлука за прогласување на кризна состојба во електроенергетскиот сектор и скоро три месеци од одлуката за прогласување на кризна состојба на пазарот со топлинска енергија, министерот за економија, Крешник Бектеши, на прес-конференција оцени дека во услови кога цела Европа е соочена со една од најголемите енергетски кризи, Владата преку АД ЕСМ успеала со навремени мерки да се справи со ценовниот шок кој што беше неминовен.

„Успеавме да обезбедиме минимален раст на цената на струјата и парното, а во време кога сите земји во регионот имаат рестрикции на струја, обезбедивме непречено снабдување со електрична енергија за сите домаќинства и мали потрошувачи“, изјави Бектеши. 

Најтежок период 

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, вели дека изминатите седум месеци биле најтешките од постоењето на компанијата. Тој информираше дека за менаџирање на кризите со електрична енергија и топлинската криза, од ноември до денеска од државниот буџет на АД ЕСМ му се префрлени 171 милион евра, од кои 85 милиони во 2021-ва и 79 милиони во 2022 година за кризата со електрична енергија и околу 6 милиони евра се префрлени во 2022 година за справување со кризата со топлинска енергија.

-повеќе на темата: Владата ќе го спасува енергетскиот сектор со 65 милиони евра, рестрикции ќе нема

Од тие средства, 6 милиони евра се искористени за набавка на гас, 2,7 милиони евра за јаглен, 32 милиони евра за мазут, а 36 милиони евра за набавка на електрична енергија. На МЕПСО му се префрлени 12 милиони евра за повлечената енергија од европскиот систем.

Истечени договори

Денеска истекуваат договорите за деловно-техничка соработка со ТЕЦ Неготино и со ТЕТО. ЕСМ понатаму ќе продолжи да се снабдува само преку своите капацитети - два блока во РЕК Битола, РЕК Осломеј, гасната електрана КОГЕЛ Скопје, хидроелектраните и ветерниот парк. „Со ова производство се задоволува конзумот на домаќинствата и малите потрошувачи“, вели Ковачевски, која најавува дека капацитетите ќе произведуваат струја и нема да има застој поради плански ремонти и зафати. ЕСМ планира да ја зголеми инсталираната моќ од сега постојните 1.420 на 1.760 мегавати.

Ревизорите со забелешки

Државниот завод за ревизија во извештајот за работата на АД ЕСМ Скопје, кој го објави денеска   (01.04), констатира дека од 2011 до 2020 година значителен износ на финансиските средства се инвестирани во проекти, кои не се извршени и опрема која не е ставена во употреба. За реализација на проектите и набавките склучени се договори и исплатени вкупно средства во износ од 1,3 милијарди денари или околу 21,5 милиони евра.

Дел од овие проекти и набавки се однесуваат на имплементација на Интегриран компјутеризиран деловен информациски систем – БИС, обезбедување опрема за подобрување на телекомуникациите и вмрежувањето, обезбедување на стоки  од „системот за следење на движење и мерење на количините на јаглен и мерење на активности на придружна механизација за ПЕ 'Рудници' во РЕК 'Битола', ХЕ 'Бошков Мост' – изградба на брана и формирање на акумулација, 'Луково Поле' – подготовка на предлог проект за обновителна енергија, изградба на нов административен објект – Деловна зграда на АД ЕСМ Скопје“, информираат од ДЗР.