Заслужуваат ли уставните судии повисоки плати? | Северна Македонија | DW | 09.11.2020

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Заслужуваат ли уставните судии повисоки плати?

Во јавноста низа реакции по веста дека тие сами на себе си доделиле додаток на платата од 35 проценти. Антикорупциска го истражува случајот. Регионалната споредба вели дека македонските судии имаат најниски плати.

Уставните судии, со интерна одлука сами на себе си доделиле додаток на плата од 35 проценти. Го смениле Деловникот и по  основ – посебни услови за работа и постоење на висок ризик и доверливост, во услови на пандемија,  одлучиле да си ги зголемат месечните примања. Во јавноста ваквата информација беше пречекана со низа реакции и незадоволство. За случајот се заинтересираа и антикорупционерите кои најавија дека ќе го истражат.
Одлуката стапила на сила веднаш по објавувањето во Службен весник на 28 октомври. 

-слични теми: Судиски пародии

Уставните судии пред неколку недели додатоците ги вметнале во Деловникот за работа на судот со додавање на член 10-а, место за нив да расправа и со закон да ги изгласа Собранието. Уставните судии се повикале на членот 113 од Уставот, за да си овозможат додаток од 35 проценти.
Во јавноста се поставува прашањето од каде Уставниот суд ја црпи надлежноста судиите да земаат плус пари од основната плата, која со закон веќе е регулирана.

Истрага за случајот

Државната комисија за спречување на корупцијата најави дека ќе го истражува случајот со зголемување на додатоците од плата кое неодамна сами за себе го изгласаа Уставните судии.
„Факт е дека тие работат по Деловникот од 1991 година, кој е застарен. Уставниот суд неодамна го променил Деловникот, зел одредба од законите што ги третираат тие права, но факт е и дека во Уставот стои оти со Деловникот се уредува начинот на постапување со нивните предмети, а не правата за посебен додаток. Не може нешто да се уредува со деловник ако тоа што треба да се уреди, треба да биде со закон“, вели претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска. 
Според неа, не може со Деловникот за работа на Уставниот суд судиите да си го зголемат надоместокот на плата. Комисијата ќе заседава за оваа одлука на уставните судии.

Дилеми

Уставен основ за одлуката за овозможување додатоци на плата за уставните судии постои, тврди професорот по уставно право Јетон Шасивари од УЈИЕ, кој сепак додава дека оваа опција во голема мера зависи и од волјата на извршната власт, која ги обезбедува финансиските средства за функционирањето на овој суд.

„Што се однесува до правниот аспект, сметам дека, дополнувањето на Деловникот на Уставниот Суд со додавање на членот 10-а има уставен основ во членот 113 од Уставот каде е пропишано дека, начинот на работа и постапката пред Уставниот суд се уредуваат со акт на Судот; а што се однесува до законскиот основ, тој и не може да постои бидејќи во нашиот правен систем нема закон за Уставниот суд како специјален закон", вели Шасивари одговарајќи на прашањата на Слободен печат. 

-слични теми: Кој го уништи Врховниот суд?

Според него ако право за додаток на плата до 35 проценти постои за редовните судии, за Судскиот Совет и за јавните обвинители, нема причина зошто истото право да не постои и за судиите на Уставниот Суд, имајќи го предвид неговиот уставен статус како орган на државата кој ја штити уставноста и законитоста како и зголемениот обем на работа во последниве 7-8 месеци.

Бојан Стојаноски, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, порача дека покачувањето на плата на уставните судии преку додаток на плата од цела 1/3 е незаконски и ништовно, но и крајно неморално во услови кога цела држава кубури со пари.
„Секое покачување на плата на уставните судии мора да оди преку Собранието, тоа не може да се случи на ниту еден друг начин, оттука нивната одлука е незаконска и со тоа ништовна, а го повикуваме Министерството за финансии да не се осудува да ја почитува оваа одлука, бидејќи истото ќе стори и кривично дело, ако тоа го направи", вели тој.

Косовските уставни судии- рекордери

Уставните судии во С. Македонија досега заработувале по околу 90,000 денари месечно. Со покачувањето кое си го изгласале, нивната плата ќе се зголеми до околу 120,000. Во однос на земјите од регионот на Западниот Балкан, таа плата и натаму ќе биде пониска.
Па така, просечната плата на судиите во највисоките инстанци, Уставен или Врховен суд, во Хрватска и Босна и Херцеговина се движат околу 2,000 евра месечно. Со тоа што во БиХ, претседателот на Уставниот суд заработува над 3,200 евра месечно, а другите судии 2,500 евра со можност да добијат и месечни бонуси. Таму главна улога игра работниот стаж на судиите, затоа што платата им се зголемува за 0,5 отсто за секој година стаж.
Ни во Србија платата на уставните судии не е многу пониска. Претседателката на Уставниот суд, според наводи во српските медиуми од 2017 година, добивала месечна плата од нешто помалку од 3,000 евра.
Според косовските медиуми, платата на уставните судии во таа земја достигнува рекордни 3,900 евра месечно.

 

DW.COM