„Засади ја својата иднина“- екологија или бизнис популизам? | Македонија | DW | 30.11.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Засади ја својата иднина“- екологија или бизнис популизам?

Ретко кој веќе верува дека „Денот на дрвото“ навистина и донесе на Македонија над 35 милиони нови садници. Експертите предупредуваат од манипулација и бараат промени во системот.

„Ден на дрвото-засади ја својата иднина“ по 17-ти пат. Деветта година во низа во Македонија се спроведува мега акцијата за озеленување на животната околина. Со лопата в рака, доброволци од државната администрација и надлежните служби садат млади фиданки на разни локации, главно во поголемите градови и нивната околина. Еколошкиот проект овој пат според најавите се фокусира на загадените општини и скопската обиколница:

„Во Градот Скопје ќе бидат засадени 1 милион дрвја, од кои само во урбаниот дел 256 илјади. Дел од садниците ќе им бидат доделени и на граѓани, односно домаќинства. Градот ја поддржува оваа граѓанска акција со цел подобрување на животните услови и намалување на загаденоста“, изјави градоначалникот на Скопје Коце Трајановски.

Но токму клучниот мотив за оваа еколошка акција ги отвора и најголемите дилеми околу целиот проект. Фактот дека загаденоста станува се` поголема од година во година предизвикува сериозни контроверзи но и сомнежи не само околу ефектите туку и вистинскиот обем на целокупната акција што се пласира во јавноста. Дел од експертите предупредуваат дека зимските услови во кои се спроведува акцијата е помалиот проблем. Клучниот е начинот на кој што се спроведува акцијата:

Symbolbild Soziale Verantwortung von Unternehmen

Физички е невозможно во еден ден да се насадат над 2,6 милиони дрвца, велат експертите

„Дрвцата нема да измрзнат ако правилно се насадат, но невозможно е, физички е невозможно во еден ден да се насадат над 2,6 милиони дрвца. Па знаете ли колку народ е потребно за тоа да се реализира. Еве секој нека насади по 50 дрвца па видете и пресметајте. Од искуствата од акциите во минатите години, на кои на неколкупати сум бил и сведок, лично се сомневам дека тоа е можно. Лично бев сведок дека нема лопати и алат за квалитетно садење, луѓе доаѓаа и воопшто не садеа. Јас сум агроном, експерт во областа и знам што значи пошумување, сакам чист воздух и екологија но ова се` што се најавува повеќе ми личи на мегаломанија, утопија“, коментира универзитетскиот професор Борис Анакиев. 

Сомнеж во ефектите

Клучниот предизвик според него не е во масовноста, туку квалитетот на акцијата која мора системски да биде подобро поддржана:

„Сметам дека сѐ што се прави е претерано, стихијно. Но мислам дека има и поинакви начини, подруг систем кој ќе обезбеди постојана активност на овој план. Вака поставена организацијата е проблематична, првите години имаше ентузијазам, но тој сега не е присутен. Затоа велам треба да се најде систем, не популистички, туку реално да се ангажираат шумари економисти, експерти од факултетите, да се направат реални пресметки, а за тоа има низа модуси. Да, оваа акција е доброволна но квалитетот е сомнителен. Нема загуба но има пропаганда, посебно сега пред избори, што е добредојдено за владејачката партија, но мене не ме интересира партија, туку економија и здрава животна средина“, предупредува Анакиев.

Годинешните садници според надлежните се произведени во Македонија и не биле од увоз. Но, какви се ефектите од досегашните акции на пошумување и колку од садниците успеале нема точни податоци ниту анализа. Не само од еколошки, туку и финансиски аспект:

„Резултатите од досегашните акции се вонсериски со над 60% зафатеност на садниците. Но непроценлива е засадената свест кај младите и најмладите, кај целата популација воопшто“, смета Кристина Николовска од Здружението на граѓани „Ден на дрвото-засади ја својата иднина“. 

Ден на дрвото - иронија

Невладините организации кои се занимаваат со еколошките предизвици реагираат дека од година во година акцијата има сѐ полоша организација, а вистинските ефекти од проектот изостануваат, посебно во урбаните средини кои се гушат во загадениот воздух. Најкритично е во Скопје, Тетово и Битола каде штетните ПМ честички во воздухот се и десет пати повеќе од дозволените максимални граници:

Brasilien Kampf gegen illegale Abholzung

Какви се ефектите од досегашните акции на пошумување?

„Каков Ден на дрвото, па тоа е вистинска иронија. Испосекоа се` што можеа во градов за сметка на бетон, булевари, згради. И сега не фарбаат дека инвестирале во екологија. Срамно и жално е ова што се случува. Се разболевме и се задушивме“, реагира Катерина, средовечна жителка на општина Карпош, една од скопските општини која е под интензивен удар на процесот на бетонизација.

Во досегашните 16 акции според надлежните биле пошумени 13 хектари со над 35 милиони садници. Во првите години акцијата се спроведуваше двапати во сезоната, но од пред неколку години само во есенскиот период. Денот на дрвото е прогласен за неработен за државната администрација. Од мерката се изземени здравствеите и образовните институции. Сите останати кои треба доброволно да се пријават за да посадат дрвце ќе го одработат денот во некоја од наредните саботи.

DW.COM

Реклама