Започна изградбата на Турски тек | Економија | DW | 08.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Започна изградбата на Турски тек

Градежните работи на гасоводот Турски тек започнале во Црното Море во близина на рускиот брег, соопшти рускиот енергетски концерн Газпром.

Руската компанија Газпром го објави денеска почетокот на работите за изградба на гасоводот Турски тек меѓу Русија и Турција, кој би требало да ја снабдува со гас и Европската Унија , и кој претставува симболичен проект на помирување помеѓу Москва и Анкара.

„Изградбата на гасоводот Турски тек започна во Црното Море, во близината на рускиот брег“, соопшти денеска Газпром. „Реализацијата на проектот се одвива според планот и турските и европските потрошувачи до крајот на 2019 година ќе имаат нова сигурна траса за увоз на руски природен гас“, наведе во соопштението генералниот директор на Газпром, Алексеј Милер.

Проектот беше претставен во јавноста на крајот на 2014 година, во екот на украинската криза, непосредно откако Русија се откажа од пректот за гасоводот Јужен тек, кој требаше да оди преку Црното море и Бугарија, а кој го блокираше ЕУ.

Изградбата на Турски тек определен период истотака беше одложена, поради тоа што не беше постигнат договор со турската влада и потоа беше и привремено суспендирана поради дипломатската криза меѓу Москва и Анкара, која избувна откако турската противвоздушна одбрана собори руски бомбардер над сириско-турската граница во ноември 2015 година.

Конкретните планови за градежните работи за Турски тек повторно  беа активирани во минатото лето по помирувањето на рускиот претседател Владимир Путин и неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган.

Според плановите, се предвидува изградба на два крака со капацитет од по 15,75 милијарди кубни метри гас, кои ќе го сочинуваат тој гасовод под Црното Море.

Намерата е да се засили испораката на руски гас во Турција, но и Турција  наместо Украина да стане главна транзитна земја кон ЕУ. Изгледите на гасоводот сепак сѐ уште се неизвесни со оглед на аверзијата на Брисел кон руските гасоводни проекти, проценуваат светските новински агенции. 

     

 

DW.COM

Реклама