Западни планови и балкански кланови | Македонија | DW | 30.03.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Западни планови и балкански кланови

Во Македонија (па и регионот) она што се нарекува како „партиски субјект” е само еуфемизам за владеење на кланот. И тоа не е новост, туку константа, пишува Арсим Зеколи

Сред сите потпалувачки или предупредувачки изјави за темните облаци надвиени над Западниот Балкан, единствената која заслужува внимание поради алармантноста на ставот е онаа на Жан-Клод Јункер упатена до Доналд Трамп дека "доколку ЕУ се распадне, ќе има нова војна на Балканот”. Оптимистите во изјавата препознаа зрак на надеж дека вниманието на Западот кон регионот станува сериозно, додека пак песимистите во неа прочитаа итар обид на Јункер вината за бурите во очекување да ги префрли отаде Големата бара. Реал-политичкото читање на пораката сепак упатува на два, подеднакво неславни, мотиви. Првиот мотив упатува на заклучок дека ЕУ нема конкретна идеја како да сѐ смири состојбата,  што води кон заклучок дека Јункер (не)свесно ја потврди зависноста од САД во одржување на мирот во неговиот сопствен двор.

Гледано од нашата овдешна, жабја перспектива, изјавата води и кон други поуки извлечени од транс-атлантскиот специјал третман на регионот. Како за почеток на освртот, би запрашал што е заедничката карактеристична нота за Александар Вучиќ, Хашим Тачи, Никола Груевски, Али Ахмети? Махинално дадениот одговор базиран врз сегашноста би бил дека се сите доверливи играчи на Западот. Но следењето на нивните политички биографии идентификува една тактички поинтересна и од сите споделена курватура на нивните политички подеми. Сите наведени имиња својата полит-владејачка кариера ја имаат започнато благодарение на силната подршка од ЕУ (читај Германија) која ги има идентификувано, култивирано, политички формирано и како големи надежи за демократските реформи на власт засадено. За по релативно кратко време поминато во владејачки фотелји бидат превземени и построени од страна на САД како "продукти спремни за употреба”. Но за разлика од иницијалната демократско-реформска агенда, сега со еден единствен приоритет – зачувување на стабилноста по секоја цена. Вклучително највисоката цена на толерирање на дегенерирана политичка логика, според која, смената на власта веќе не се смета како нормален процес на промена, туку како сериозна закана и потрес на стабилноста.

Поделба на улогите

Во таа поделба на транс-атлантските улоги нема добри наспроти лоши учители, туку единствено наравоучение за погубните овдешни последици на далечните прелесно давани сертификати за реформски капацитети на оние кои умесно умееле пред Германците да одглумат „демократски вредности”. Проследени со американските спин мајстори за хранење на обични автократи, беспоговорно спремни да ги исполнат сите најдобри американски намери со кои не праќаат во правец кон пеколот. 

Затоа префрлањата на линија Јункер-Трамп не може да се сметаат како повод за завземање страна, туку како две наличја на истата балканска пара за поткусурување помеѓу балканската имитација на демократијата и стабилноста како милосрден убиец на демократијата.  Можеби е предоцна, но сепак вреди повторно на двата лика да им се обратиме со потсетување дека во балканската голема игра и двете страни имаат настапено транс-атлантски заедно. Но и дека сегашниот кавгаџиски однос гарантира дека доколку не ги сплотат силите, неминовно е дека заедно и ќе потонат во мочуриштата на криминал кои упорно одбиваа навреме да ги пресушат.  Секое понатамошно продолжување на веќе апсурдниот судир помеѓу германскиот приод на „војска немаме, но ако сакате пари, морате со нас” и американската стратегија „пари немаме, но стабилност гарантираме” неминовно води кон губење на влијанието на двете страни во регионот и минирање како на стабилноста, така и на демократијата.  

Со оглед на нивната родителска улога во создавање и размазување на нивните овдешни (из)роди, приодот на условување на наклонетоста предизвикува состојба на неказнивост за нивните избраници маскирани во партиски и владини одори. Но филозофијата на дарување на силните момци и доверување на улогата на колонијални атамани и шерифи на стабилноста веќе е надмината и станува контра-продуктивна за иницијалната намера. Справувањето и бескрајните натегања со овдешните политички партии е однапред осудено на неуспех, се додека притисокот и заканата не биде вперена кон реалните механизми на моќ и суд. А тоа секако не се партиите како објект, туку внатрешно длабоко инсталираните кланови како ефективни фактори на одлучување.

Владеење на клановите

Во Македонија (па и регионот) она што се нарекува како „партиски субјект” е само еуфемизам за владеење на кланот. Клановските шурувања затскриени во полит-партиски рува се претставуваат како мулти-етнички соработки, но притоа криејќи ја темната страна за конфликтот од кој се изродени и со кој манипулираат. И тоа не е новост на сегашната сцена, туку константа на зад-кулисните динамики на политичката сцена, првично етаблирана од страна на ДПА и Мендух Тачи во деведесеттите години. Како модел кој подоцна ќе биде превземен од страна на криминалниот клан Груевски/Мијалков, мултиплициран во ДУИ низ мафиотските изданоци како клан на Зајаз, кланот на Теута во Тетово, качаничкиот клан во Чаир, додека пак во СДСМ тоа се однесува на кланот Заеви контра НВО-медиумскиот клан Шеќеринска. Клановската центрифугалност еволуира и во новите партии, според примерот на нивните постари примери, но сѐ уште во поприкриена форма.

Идентификувањето на доминацијата на клановската логика во носење одлуки е можеби последниот слој во мачниот процес на лупење на кромидот кој не гуши и насолзува. Нивната идентификација може да послужи како разјаснување на некогаш нелогичните меѓусебни и интерни партиски динамики и воедно ја расветлува причината за инерцијата во носење одлуки, реформи и генерално кажано блокадата во која се наоѓаме. Имено, долгорочното триење на односите помеѓу клановите ги има разјаснето мотивите на делување и целите кои сакаат да ги постигнат, што предизвикува состојба на перманентна недоверба, тензија и агресија која низ партиските тела се префрла врз севкупната политичка сцена. Диктатот на примарната желба за опстојување на кланот како доминантен фактор е генератор на процесот на заробување на државата (ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ) или на заробување на општеството (СДСМ).

Спречување на експлозијата

Долгогодишната криза веќе успеа да ги разјаде сите политички, општествени, економски слоеви, како киселина продирајќи низ сите оклопи за на крај да стигне до срцевината на проблемот. Соголувањето на клановските јадра произведува енормна енергија на агресија и ферментација во самите партии, а со тоа и на политичката и општествената сцена. Секој обид за нивно разбивање како неминовен предуслов за покренување на реформските процеси вродува со тензии и закани за експлозија како очаен и уценувачки обид за зачувување на стариот поредок преку предизвикување на верижна реакција на деструкција.

Спречувањето на таа верижна, регионална реакција сигурно бара ангажман на надворешни фактори со доволно моќ и големина кои ќе ја спречат експлозијата на нивните овдешни инсталации со одамна изминат рок на траење. Спречувањето на експлозијата колку и да е ургентна и сепак изводлива интервенција, однапред ќе биде со половичен успех во спречувањето на ефектите на клановските триења врз политичкиот дух на часот и појавата на фашизоидното промислување во поведенијата на новите генерации. Прераната и прелесна употреба на обвиненијата за фашизам како етикета не донесе до тоа да денес не ја препознаваме нејзината социо-политичка карактеристика која сѐ повеќе ги опфаќа партиските подмладоци и јавниот дискурс. Како потсетник дека кризата можеби нема да експлодира, но смртоносното зрачење на клановските енергии ќе продолжи да ја труе нашата бит.

Реклама