Западниот Балкан да се врати во фокусот на ЕУ | Свет | DW | 14.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Западниот Балкан да се врати во фокусот на ЕУ

Две западно-балкански земји за неполни 24 часа: Германскиот министер Зигмар Габриел им даде надеж на Србија и на Косово за пристапување кон ЕУ. Во актуелната состојба на ЕУ тоа звучи прилично смело, смета Јенс Турау

Впечатлив момент е кога на Косово ќе се почувствува колку е силен копнежот кон ЕУ: знамето на малата држава, која е независна неполни десет години лесно може да се побрка со знамето на ЕУ. Еврото важи за валута. И кога сега германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел се сретна со претставници на косовската влада, салата беше преполна со новинари. Тие всушноста сакаа само да знаат: Како Германија може да помогне, малата Република Косово да може да ѝ пристапи на големата ЕУ?

За да дели малку од благосостојбата и конечно да биде безбедна. Необично воодушевување од проектот, кој е тешко потресен во државите во неговото јадро.

Србија, истотака сака да пристапи кон ЕУ. Германија има намера да ја поддржи и Србија на тој пат, и покрај спорниот избор на шефот на владата Александар Вучиќ за нов претседател на државата, што доведе до масовни протести на улиците на Белград и други градови во Србија.

Долг пат

Но Србија и Косово заедно во ЕУ, како би можело тоа? Во Приштина, главниот град на Косово, Габриел на тамошните новинари им одржа речиси еден вид казнено предавање: „Секогаш кога во овој регион ќе се појави проблем, такво е моето чувство, вината за тоа ѝ се префрла на соседна држава“. Стаписаност и молк во салата. Претстои уште долг пат, тоа изгледа јасно.

Германската влада гледа две причини за тоа дека можеби сепак ќе се успее. Земјите од Западниот Балкан би ѝ пристапиле на Унијата по цела редица години, а дотогаш, Германците се надеваат дека ќе биде надмината големата пост-Брегзит криза на ЕУ. А што би била алтернативата, ако на Србите им се затвори вратата пред носот, откако во ЕУ беа примени Хрватите и Словенците? Со право, Габриел предупредува на тоа дека тогаш сите стари демони на национализмот повторно би можеле да станат појаки. Појаки отколку што се веќе  во моментов ( и поради руското мешање).

Thurau Jens Kommentarbild App

Јенс Турау, автор на коментарот

Враќање во фокусот на Европејците

До можното членство во ЕУ, Германија сака на балканските држави да им помогне со конкретни проекти: во инфраструктурата, во обрзаовниот систем. Уште пред пристигнувањето до прагот на ЕУ, луѓето во овие земји мора да забележат дека им оди многу подобро со помошта од ЕУ, истакна Габриел. Тоа навистина е неопходно, со оглед на често депримирачката економска ситуација, посебно за младите луѓе. Но досегашната помош на ЕУ не беше доволна и не смее да се остане само на усни ветувања, ако Балканот сега повторно засилено се враќа во фокусот на Европејците. А каде може да води тоа кога Европа на потенцијално волните партнери во долг временски период само им дава надеж, ги теши и разочарува, може во моментов да се види во Турција.

 

DW.COM

Реклама