„Заминувањето во туѓина ме ослободи од егзистенцијален страв“ | Свет | DW | 17.12.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

„Заминувањето во туѓина ме ослободи од егзистенцијален страв“

Заминувањето на работа во странство се чинело како единствена опција. Сепак, брачната двојка Соудил по едногодишен престој во Ирска, се врати дома. Велат, сега се други луѓе.

„Тоа е едно многу, многу добро искуство. Освен тоа што нешто заработив, стекнав нешто многу повредно: го загубив стравот од егзистенцијални проблеми. Зашто сега знам дека можам да заминам каде било и таму да живеам и работам. Веќе никој овде не може да ми каже 'ако ти не сакаш, има кој да работи за минималец'. Научив да ги ценам своето време и својата работа. Веќе не ме загрижува што ќе правам ако ја загубам работата, ако пропадне фирмата или ако дадам отказ. Тоа е огромен товар кој ми се симна од плеќите. Тоа е ослободување од егзистенцијалниот страв во којшто живее мнозинството хрватски граѓани. Затоа секому би му препорачал да замине и да ги испроба своите способности. Да имаме сите такво искуство и овде работите би биле многу поинакви.“

Со овие зборови својата приказна ја започнува Едуард Соудил, човек кој има добро загазено во своите четириесетти, што пак не го спречило едно утро да даде отказ на работа и да замине да живее и работи во Ирска.

По 20 години во новинарството, фрустриран од стресната работа, ниска плата и исцрпувачки работен ритам, се одлучил да започне „нов живот“. Се разбира, како и во многу други добри одлуки во животот и на неговата одлука кумувала - жена.

Eduard Soudil - Kroate aus Osijek ist zum Arbeiten nach Irland gegangen (DW/V. Tesija)

Вук Тешија сега знае дека може да работи многу работи и нема егзистенцијален страв

Заминување во непознато

„Она што беше многу важно за носење на одлуката е што мојата тогашна девојка, денес сопруга, остана без работа, па еден ден седнавме и поразговаравме. Многу пријатели веќе беа заминати во Ирска. Во контакт со нив добивме информациии дека таму би можело да се заработи три до четири пати повеќе отколку овде. Тоа беше голем чекор, голема одлука. Оставаш стари родители, пријатели, својот начин на живот и свесен си дека одиш во непознато и дека животот сосема ќе ти се промени. Искрено, одлуката воопшто не беше лесна“, се сеќава Едуард.

„Имавме среќа што не отидовме во Даблин, туку во Летеркени, мал град на крајниот север. Со големина колку Ѓаково, но многу поурбан. Нема да кажам поубав, зашто за мене нема ништо поубаво од ова овде. Јас 'напредував' за неколку дена од уредник до домар. Работев сам за агенција која изнајмува станови и куќи и можам само да кажам дека таму бев врвно ценет, почитуван и платен за работата којашто ја работев“, вели Едуард.

Повеќе: Во Хрватска нема да има кој да работи?

Вели дека работата не му била тешка, а на неговата работна етика и квалитетот на завршената работа некогаш не добил поплаки. Додава и дека хрватскиот пасош е своевидна препорака за работа, затоа што хрватските граѓани во Ирска се ценети како работници и важат за вредни и одговорни.

Irland Dublin Straßenszene (Imago/Imagebroker)

Ирска е земја каде на работа заминуваат многу Хрвати

Неверојатното чувство дека си почитуван

„Кога заминувавме никогаш не рековме 'нема да вратиме никогаш во Хрватска'. отидовме да видиме како е и нешто да заработиме. Да ги покриеме долговите и работите за кои имаше налог за извршителска наплата. Сите долгови кои ги имавме неминовно натрупано во Хрватска ги вративме за три месеци и уште купивме и автомобил.“

Едуард го опишува животот во Ирска како исклучително пријатен и убав. Основното почитување на процедурите кои мора да се завршат за да се прима плата е целата бирократија со која се соочувал. Но, никогаш не се случило на некој шалтер да „недостига документ“. Вели дека човек од Хрватска доживува свовиден културолошки шок кога во банка ќе го дочекаат како најдобар пријател иако е странец кој само што се симнал од авион.

Гледај видео 01:24

#dw_BalkanBooster: „Дипломирав и заминувам!

„Со новинарство почнав да се занимавам на 19-годишна возраст, бев свесен дека таму не можам да се занимавам со таа работа, но живеев во уверување дека ништо друго не знам да работам. Она што беше мое хоби додека бев новинар, тоа некакво дрводелство, обработка на метал, работа со струја... Тоа го научив од нужда за да не морам да плаќам мајстори и ми беше сосема доволно за да се снајдам. Далеку од тоа дека бев врвен мајстор, но сфатив дека знам да работам многу други работи“, вели Соудил.

Според него, во Ирска никој никогаш не прашал какво образование и „документ“ има. „Овде (во Хрватска, н.з.) е важно дали имаш свидетелство, таму е важно дали знаеш да работиш. Работодавачот е подготвен да вложи во тебе, да те едуцира на свој трошок и да ти даде прилика која одговара на твоите способности. За една година никој не ме праша за дипломата, за изводот од матичната книга на родени и не ми побара потврда од суд за неосудуваност“, раскажува Едуард.

По враќњето во Хрватска се снашол добро и во татковината. Работи подобро платена работа со која што е задоволен, а ако некогаш „зачкрипи“, како што вели, во Ирска го чека работа. Иако, во случај да биде притиснат од неволја, овојпат би заминал некаде поблиску. „Ирска е одлична, но има една мана - далеку е. Оној кој работи во Минхен може речиси секој викенд да го помине во Осијек, а тоа е голема работа кога ќе те притисне носталгија.“

Повеќе: Хрватите не се иселуваат за корка леб, туку заради подобро општество

„Дома е сепак најубаво“

Неговата тогашна девојка, а денес сопруга, Леа Соудил, има малку поинаква животна приказна. Таа е родена во Германија, живеела во Лондон и работата во странска земја не ѝ е непознаница.

„Работа најдов веднаш. Прво работев како собарка, а кога видоа дека знам неколку странски јазици, ме префрлија на рецепција“, вели Леа.

Lea Soudil - Kroatin aus Osijek ist zum Arbeiten nach Irland gegangen (DW/V. Tesija)

Леа Соудил е уверена дека секој би требало да замине во странство на одредено време

Заминувањето било промислено, но враќањето во Хрватска - доста импулсивно. Одлуката паднала за еден ден. Децата, иако веќе пораснати, останале во Хрватска, ѝ недостигала нејзината куќа, зашто како потстанар не можела „ни шајка да закове каде што сака“. Нејзината мачка била во „илегала“ цело време, зашто станодавецот не дозволувал домашни миленици во станот, а за познатите ирски метеоролошки прилики е кажано многу. „Причини за останување имаше колку и причини за враќање, но овие вториве на крајот претежнаа“, вели Леа.

Ирска е многу социјална држава - од детски додаток до работа со половина работно време и додатоци на примања до висина на минималната гарантирана плата. Па, сепак, наспроти сите добри страни таа е сѐ помалку привлечна поради високите трошоци за домување и климата. Сега во Хрватска се „хит“ Малта и Гибралтар, каде заработувачката е слична, но станарините се многу помали, а деновите многу посончеви. Ваквите информации брзо се шират меѓу „птиците преселници“ какви што во Хрватска има сѐ повеќе - луѓе кои заминуваат на година или две за да ги решат финансиските проблеми кои ги мачат со години во татковината. Но, сепак се враќаат.

„Секој би требало да замине одовде на одредено време, барем заради себе самиот. Малку да ги прошири хоризонтите, да види како функционирата работите некаде на друго место и да ги збогати своите искуства. Но, сепак, враќањето е најубаво“, уверена е Леа.

Поврзана содржина

Реклама