Законски измени ги скараа пушачите и непушачите | Северна Македонија | DW | 21.07.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Законски измени ги скараа пушачите и непушачите

Предлогот на неколку пратеници од владејачкото мнозинство да се измени Законот за заштита од пушењето по скратена постапка, предизвика реакции на социјалните мрежи. Пушачите и непушачите влегоа во голема расправија.

Да се пуши или не? Ова прашање ги однесе во длабоки расправии граѓаните откако разбраа за предложените измени од група пратеници од владејачкото мнозинство кои ќе направат олеснувања за угостителите во Законот за пушење. Предлогот го поднесоа пратениците на СДСМ Петре Шилегов, Томислав Тунтев, Јован Митрески, независната пратеничка Ивана Туфегџиќ, како и Мирсада Емини-Асани и Шпреса Хадри од ДУИ.

Предлогот, според нив, се прави поради влошувањето на економската состојба во земјата, како и поради драстично намалената посетеност на кафеаните, ноќните и кафе баровите, кафе баровите и диско-клубовите заради што сопствениците биле принудени да отпуштат дел од вработениот персонал. Според пратениците, угостителскиот сектор доживува драстичен пад на прометот од околу 75% особено за време на периодите кога временските прилики не се поволни за работа.

„Угостителите се принудени нивните гости кои сакаат да запалат цигара, или да ги одвратат од намерата да бидат нивни гости, или пак да ги упатат гостите вон деловниот објект, вклучително и вон терасите и летните бавчи, што е мошне неприкладно, недолично и непродуктивно. Контрадикторноста на Законот ја гледаме во тоа што истото дејствие, т.е. запалена цигара надвор од деловниот објект (на тераса, летна бавча и слично), ако се временските услови погодни и преградите подигнати или отстранети, не подлежи на санкција, додека во спротивно подлежи на санкција, која патем е огромна. Тоа угостителите ги става во директна зависност од метеоролошките услови, што е прилично неблагодарна ситуација“, се вели во предлогот на пратениците.

Пушењето ги претвори угостителските тераси во објекти

Пратеничката Ивана Туфегџиќ вели дека во јавноста се кренала непотребна фама за предложените измени на законот, бидејќи тие се однесуваат единствено на терасите и летните бавчи.

„Сѐ останато кое продефилира во јавноста за други измени е веќе постоечкото законско решение. Измената и самата гласи дека пушењето е дозволено исклучиво надвор од деловниот објект. Измените се носат поради конфузноста на нормите во законското решение во поглед на терасите и летните бавчи, односно во кој момент е затворен, а во кој момент е отворен просторот. Со ова решение се дефинира дека просторот вон објектот во кој е дозволено пушење останува за пушачите и тргнати се рестриктивните делови од законот за тие делови. Со ова решение не се загрозува правото на непушачите, единствено се работи за изедначување на условите за сите“, вели Туфегџиќ. Според неа, законот јасно дефинира каде е дозволено пушење, така што во тој дел сопствениците нема да можат сами да одлучуваат за просторот.

Многу од угостителите, откако беше донесен овој закон, се обидуваа да се прилагодат, но и да го заобиколат, па во зимските периоди на терасите поставуваа цели објекти покриени со стакло, фолии и пластифицирани прегради за пушачите. Со постоечкото решение овие објекти се сметаат за затворени каде е забрането пушењето, а сега истите нема да се сметаат за затворени објекти. Но стравувањата се дека измените ќе им дадат можност на угостителите сами да решаваат што е отворена тераса, со што може да дојде до злоупотреби. 

Приватен или јавен интерес?

Политикологот Миша Поповиќ вели дека прво е нејасно зошто се толку итни измените за да се донесат по скратена постапка. Според Мак стат базата на податоци на Државниот завод за статистика, прометот во угостителството од 2010 до 2014-тата година бележел постојан раст, а не пад како што велат пратениците. За последните две години не е достапна бројка.

„Една од главните критики на работата на Собранието е дека законите се носат по скратена постапка додека во најголем број од случаите тоа не е потребно. Второ, во образложението се тврди дека поради постоечките 'рестриктивни' мерки, обемот на работа на угостителските објекти е намален. Притоа, се цитира некоја бројка од 75%, меѓутоа нема референца врз база на што е донесен заклучокот.“

Misa Popovic (Societas Civilis )

Поповиќ: Приватен или јавен интерес?

Доколку навистина е намален обемот на работа, тогаш дали овие 75% или колку и да се, ако воопшто се, произлегуваат од мерките од Законот, а не се поврзани со, на пример, намалувањето на куповната моќ на граѓаните, прашува Поповиќ. „Недостасува сериозна анализа за проценката на влијанието на регулативата, што е основа за носење политики базирани на факти. Отсуството на анализа мене ми дава за право да мислам, не да тврдам, дека измените на законот произлегуваат од лобирање на угостителската фела и изразуваат приватен, а не јавен интерес“, вели Поповиќ.

Беа упатени бројни критики дека измените на Законот за пушење воопшто не се приоритет кога во земјата постојат многу поитни проблеми од клучни области како здравството, образованието и социјалната политика кои чекаат на решенија.

Russland verbietet Rauchen in öffentlichen Gebäuden (DW/E. Winogradow)

Со предлог-законот, пушењето ќе биде дозволено на терасите на затворените објекти

Зошто пушењето стана приоритет?

Дејан Лутовски од партијата Левица вели дека Законот за заштита од пушење е една од ретките добри работи од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, кои се бројат на прсти.

„Со новите предложени измени се дерегулира областа и се брише дефиницијата за тоа што значи јавен простор надвор од деловниот објект за кој важи забраната, која во претходниот Закон беше доволно јасна. Ова во превод значи дека газдата на локалот по свое слободно убедување ќе си дефинира 'простор надвор од деловниот објект'. Исто така членот 3. кој точно дефинираше каде и под кои услови пушењето е дозволено, сега е преопшт и значително пократок“, смета Лутовски. Според него објаснувањата на пратениците за потребата од измени на законот се несмасни. 

„Чудно, никако да помислат дека прометот е намален поради намалената куповна моќ на населението и падот на реалните плати. По сѐ изгледа дека угостителското лоби си ја завршило работата и дека господата пратеници живеат во паралелен свет. Нормално, се носи по скратена постапка, без некоја посериозна дебата“, вели Лутовски.

Македонија има сериозен проблем со пушењето цигари и во 2014-тата година се најде на четврто место во светот според бројот на испушени цигари по глава на жител. Наместо олеснувања за угостителите, граѓаните бараат сериозна државна стратегија за намалување на штетата по здравјето од пушењето.

DW.COM

Реклама