Законот за јазици репресивен или инспиративен за протести? | Северна Македонија | DW | 19.01.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Законот за јазици репресивен или инспиративен за протести?

Од кога спроведувањето на обврските од Охридскиот договор, а кои се вградени во Уставот, претставуваат репресија?, прашува професорката Беса Арифи, по оценката на Иванов дека законот за јазиците е репресивен.

Законот за употреба на јазиците, кој не беше прогласен со указ од претседателот Иванов, туку доби над 20 негови забелешки за спротивност со Уставот, може да стане тригер за почеток на „повеќетематски“ протести. Извори од опозициски кругови тврдат дека надвор од партиските органи се заговара почеток на „народни“ протести, на кои реакциите би биле насочени кон три прашања: законот за јазиците, со цел негово натамошно блокирање, притворите за 27-ми април, и против разговори за спорот за името. Истите извори, тврдат дека поддршка и охрабрување за ваквите намери имаат од „висока државна позиција“, и дека ќе и одржат лекција и на власта, но и на без'рбетните функционери во партиските органи. Велат дека се охрабрени од потегот на Иванов, но и дека „одбраната на унитарноста не смее да остане само на неговиот потег со непотпишување на указот за законот за јазиците“.

Во владејачкото мнозинство очекуваат разум и крај на хушкачки потези и политики какви што имаше во минатото. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во понеделник на координација до пратениците ќе ги достави забелешките на претседателот. 

Повеќе на темата:

-Законот за јазиците ги распали зборовите

-Унапредена употреба на албанскиот јазик во Македонија

-Закон за јазици: Наместо пад, пат кон демократијата

„Секое делување во правец на отварање на теми кои ја брануваат ситуацијата, е непотребно“, изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, најави дека студиозно ќе ги разгледаат забелешките на Иванов и ќе донесат одлука како ќе постапат. Истото го најавуваат и од ВМРО-ДПМНЕ: „Ги разгледуваме сите констатации на Иванов и наредниве денови ќе ги соопштиме нашите чекори“.

За моралниот и правниот аспект

Во експертската јавност оценките се дијаметрално спротивни: едни и натаму тврдат дека законот е противуставен, други дека не е. Се отвора и прашањето дали може со просто мнозинство да биде усвоен закон, кој предизвикува промени во системски закони за кои е потребно двотретинско мнозинство. Главните забелешки на Иванов се дека „со законот се воведува многу скап паралелизам во сите органи на државната власт што води кон нивна блокада и нефункционалност, а во такви услови постои опасност да се отвори прашањето за уставно редефинирање и загрозување на унитарноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија“. Законот го оцени како „неправеден и репресивен, со кој се фаворизира само албанскиот јазик“. Рече дека донел одлука да не го потпише указот за прогласување на Законот врз основа на член 75 од Уставот. Овој член овожможува претседателот да воспостави суспензивно вето, без притоа да наведе заради кои причини го прави тоа.

„Но, тоа не може да се толкува и како право на претседателот да ја цени уставноста на законот кој поминал во Собрание“, вели Беса Арифи, професорка по право на Универзитетот на ЈИЕ.

„За уставноста одлучува Уставниот суд, според членот 110 на Уставот. Претседателот, со самиот факт што навлезе во аргументација на причините зошто смета дека законот е неуставен, а тргнувајќи од неговата функција, може да се смета дека врши влијание во работата на Уставниот суд, што е всушност спротивно на Уставот, во кој поделбата на власта се смета како темелна вредност (членот 8 на Уставот)“, потенцира Арифи.

Besa Arifi (Sveto Toevski)

Беса Арифи

Од правен аспект, ветото на претседателот има само суспензивно дејство, бидејќи законот се враќа во Собрание и ако повторно биде изгласан, претседателот е должен да го потпише указот за негово прогласување.

Арифи укажува на повеќе контрадикторности во обраќањето на Иванов по овој повод.

„Уште првата негова реченица се коси со вистината: 'Во извршувањето на функцијата Претседател на РМ секогаш сум пристапувал одговорно и со целосно почитување на Уставот, законите и интересите на РМ'. Ова го вели Иванов, кој пред две години ги објави срамните помилувања со кои се потруди да го суспендира владеењето на правото, целосно спротивно на Уставот, законите и интересите на РМ и кои потоа ги повлече без да има никакво право ни да ги донесе, ни да ги повлече, бидејќи од старт беа ништовни затоа што се засноваа на непостоечки член од Законот за помилување“, коментира Арифи.

Уставните одредби - репресивни?

Околу неговата изјава дека „не е добро да се отвораат прашања кои се веќе апсолвирани“, Арифи потсетува дека Иванов како шеф на државата добро ги сите противречности кои се содржани во Законот за јазици од 2008 година, а кој нема никакви механизми на имплементација.

„Тој вели дека се работи за репресивен закон. Од кога спроведувањето на обврските што произлегуваат од Охридскиот договор, а кои се вградени во Уставот на РМ, претставуваат репресија?! Вели дека донесувањето на законот е направено без дијалог. Фактот што опозицијата ја бојкотира работата на Собранието не може да се смета за отсуство на дијалог по вина на владејачкото мнозинство. А експертската јавност повеќепати го достави своето мислење и не може да се каже дека не била вклучена во процесот, ниту консултирана. Дополнително, фактот што се споменуваат повеќе јазици во називот на Законот, јасно кажува дека тој се однесува на повеќе јазици, а не само на македонскиот или албанскиот. Законот ги користи целосно можностите предвидени во Амандманот 5 на Уставот. Досега тој амандман беше рестриктивно толкуван, а сега Законот прави екстензивно толкување и тоа го пренесува во законските одредби кои детално ја регулираат службената употреба на јазиците“, објаснува професорката.

На крајот, потсетува дека во изминатите години Иванов потпишал бројни укази за други закони кои го кршеле Уставот.

„Еден од примерите е Законот за одредување на видот и висината на казните, според кој воедначувањето на судската пракса во РМ го вршеше Комисија што функционираше при Министерството за правда, додека пак Уставот јасно одредува дека таквото воедначување го врши единствено Врховниот Суд. Во 2017 тој закон беше укинат од Уставниот суд како неуставен. Прашањето е: Како може претседателот тогаш да одлучил да потпише указ на очигледно противуставен закон, а сега да даде непрецизни образложенија за уставноста на еден закон, кога е повеќе од јасно дека тој нема надлежност истата да ја оценува“, прашува Арифи.

Edi Rama (Getty Images/AFP/D. Dilkoff)

Еди Рама

Пораки од Москва до Тирана

Законот за употреба на јазиците стана предмет и на дебата и надвор од Македонија. Откако премиерот на Албанија, Еди Рама, усвојувањето на Законот го оцени како „голем настан“, за кој е заслужна неговата Влада која имала сериозен пристап кон односите со Македонија, се огласи Одделот за медиуми на Министерството за надворешни работи на Русија.

„Ваквата реторика на Еди Рама ја потврдува намерата и понатаму да ја турка одиозната 'тиранска платформа' создадена со неговото лично учество. Реализацијата на одредбите на овој документ се заканува со поткопување на уставните темели на македонската државност, на Охридскиот рамковен договор и како последица - со нови меѓуетнички потреси на Балканот. Сето тоа е дел од големоалбанските амбиции кои се повеќе се шират и го доведуваат во прашање територијалниот интегритет на низа држави во регионот. Давајќи му големо значење на прашањето за употреба на јазиците, сметаме дека од принципиелна важност е таквите решенија да се донесуваат врз основа на согласност од сите гранки на државна власт и со широк консензус во општеството“, се вели во соопштението на руското МНР.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, веќе најави дека ако пратениците на СДСМ повторно одлучат да гласаат за законот, тој ќе поведе иницијатива пред Уставниот суд за негово поништување. Притоа прецизираше дека иницијативата ќе биде лично негова, а не партиска.

 

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама