Законот за јазиците ги распали зборовите | Македонија | DW | 12.01.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Законот за јазиците ги распали зборовите

Премиерот Заев во јули најави дека по усвојувањето, законот ќе биде доставен до Венецијанската комисија, за да даде оценка за неговите одредби. Во јавноста се множат повици за претседателско вето на законот и за протести

Законот за употреба на јазиците кој вчера беше усвоен од Собранието, ја тресе јавноста. За едни, тој ги унапредува правата на заедниците, за други е надвор од Уставот и Рамковниот договор. „Федерализација“, „предавство“, „крај за унитарна Македонија“, се дел од реакциите во јавноста, а не изостануваат ни повици за протести и за претседателско вето на законот.

Законот, кој вчера беше изгласан со 69 гласови „за“, во отсуство на опозициската ВМРО-ДПМНЕ поради нејзин бојкот на парламентот, покрај проширената употреба на јазиците, предвидува и двојазичност во ознаките на униформите во полицијата, пожарникарството, здравството, во Скопје и во единиците на локалната самоуправа во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик. Истото е предвидено за уплатници, фискални извештаи, фактури, бандероли, книжни и ковани пари, називи на институциите, натписи и патокази на граничните премини и аеродромите што се наоѓаат на подрачјата каде што најмалку 20% од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот јазик.

Владимир Мартиновски, писател и редовен професор по книжевност на УКИМ, смета дека сегашното решение фавиоризира само еден од малцинските јазици.

„Како филолог и писател поддржувам почитување и унапредување на малцинските јазични права. Сметам дека постојниот Устав на Република Македонија тоа го овозможува, особено ако се спореди со соседните земји, па затоа се поставува прашањето - што ново носи усвоениот Закон за јазиците? Имено, фаворизирајќи само еден од малцинските јазици, проширувајќи ја употребата од локално на централно ниво, новиот закон не само што го менува статусот на македонскиот јазик во Република Македонија, туку имплицира и запоставување на останатите малцински јазици“, оценува Мартиновски.

Повеќе: 

Унапредена употреба на албанскиот јазик во Македонија

За македонскиот јазик нема враќање назад во историјата

Релативизиран статусот на македонскиот јазик

Академик Катица Ќулавкова и професорките Гордана Силјановска-Давкова и Симона Груевска-Маџоска и претходно, и сега бараат од Собранието да го повлече законот, за што посочија повеќе аргументи. Според нив, предлагачот ја занемарил дистинкцијата меѓу македонскиот јазик како службен јазик на целата територија и во меѓународните односи, со јазикот што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните како службен јазик, и ги изедначил во примената на целата територија, а во некои елементи и во меѓународните односи. Тие потенцираат и дека не се потребни јазични служби во сите општини, државни и други институции, бидејќи современите технологии овозможуваат ефикасна услуга по електронски пат.

„Предвидените мерки за задолжителна употреба на албанскиот јазик, кога се работи за стенограми, документација и архиви, веб-страници, печати и називи, надвор од единиците на локалната самоуправа каде што се 20%, ќе го легитимираат двојазичниот и двонационалниот идентитет на РМ, со што ќе го деградираат стекнатото државно конститутивно право на македонскиот народ, ќе го релативизираат статусот на македонскиот јазик утврден уште во Асномските документи како интегративен инструмент на сите граѓани и заедници во РМ, и ќе ги дискриминираат помалите етнички/јазични заедници“, напишаа во отвореното писмо.

За законот, кој предвидува основање на Агенција за примена на јазикот што го зборуваат 20 отсто од граѓаните и Инспекторат кој ќе го контролира тоа, тие предупредија дека финансиските импликации од примената на таков Закон ќе бидат несразмерни во однос на средствата што се издвојуваат за проучување и промоција на македонскиот јазик и на јазиците на другите заедници во РМ.

Symbolbild Akten Akte Arbeitsagentur Archiv (dapd)

Не се потребни јазични служби во сите општини, државни и други институции, бидејќи современите технологии овозможуваат ефикасна услуга по електронски пат, аргументираат Ќулавкова, Силјановска-Давкова и Груевска-Маџоска

За законот - 106 милиони денари од буџетот 

Според предлагачот, законот ќе предизвика фискални импликации врз буџетот во износ од 106 милиони денари кои ќе се обезбедат од буџетот за 2018 година. Од нив, 16 милиони денари се проценети како потребни за функционирање на новите институции предвидени во законот, а останатите 90 милиони денари ќе бидат распределени на различни буџетски корисници за имплементација на одредбите од законот. Во однос на вработувањата во новите институции, се наведува дека еден дел ќе бидат реализирани по пат на преземање од други државни институции, пред се од Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор.

„Редно е претседателот Ѓорѓе Иванов, барем еднаш, да посегне по вето, не за да манифестира моќ, туку заради правната држава. Ако пратениците повторно го изгласаат со апсолутно мнозинство, на потег е Уставниот суд на РМ, којшто мора да го (од)брани Уставот!“, порачаа професорките. 

Од друга страна, Осман Кадриу, еден од двајцата уставни судии што вчера ги избра паарлментот на предлог на претседателот Ѓорге Иванов, изјави дека е запознат со содржината на Законот и дека истиот е во согласност со Уставот и со уставните норми. Според Кадриу, овој Закон не го изедначува албанскиот со македонскиот јазик, а за да се стори такво нешто, потребни се уставни измени.

Mazedonien Gebäude Regierung (DW/P. Stojanovsk)

ВМРО-ДПМНЕ: Законот ќе создаде паралелизам во сите институции

СДСМ: Каде бевте кога се гласаше?

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ усвоениот закон го оцени како неуставен.

„Законот за двојазичност не придонесува за реално унапредување на правата на албанската заедница во Македонија, напротив - ги продлабочува разликите. Тој ќе креира хаос во правниот промет и ќе создаде паралелизам во сите институции на централно и на локално ниво. Два јазика - две архиви. Ова ќе предизвика дополнителни финансиски импликации за опрема, нови вработувања и простории, трошок кој ќе треба да се покрие од парите на македонските даночни обврзници“, реагираше партијата.

Од СДСМ одговорија дека измените на усвоениот Закон се во согласност со Уставот на Република Македонија и амандманот 5, донесен пред 17 години.

Politik Skopje, Mazedonien (Petr Stojanovski)

СДСМ: Измените на усвоениот Закон се во согласност со Уставот

„Со измените не се загрозува уставната положба на македонскиот јазик како службен јазик на целата територијата и во меѓународните односи, а се унапредува употребата на јазиците на сите заедници. Кукавички и неосновани се реакциите на ВМРО-ДПМНЕ. Доколку имаше какви било аргументи, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ можеа да ги бранат на собраниската седница, наместо да бегаат. На овој начин ВМРО-ДПМНЕ покажува дека нема капацитет да ги надмине политиките на создавање вештачки поделби меѓу граѓаните“, порачаа од СДСМ.

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) го повика претседателот Иванов да не го потпишува законот, а САД и ЕУ веднаш да го осудат овој акт на Собранието.

„Законот не е потврден од Венецијанската комисија на Советот на Европа и ја придвижува земјата на чекор понатаму да стане федерална држава, загрозувајќи го унитарниот територијален интегритет на Македонија. Нема историска основа или демографски причини за Македонија да има биетнички идентитет како Белгија“, се вели во соопштението од ОМД.

Премиерот Заев лани во јули најави дека по усвојувањето во Собранието, законот ќе биде доставен до Венецијанската комисија, која ќе треба да даде оценка за неговите одредби.

 

DW.COM

Поврзана содржина