Закани и апели до бугарските државјани поради пописот | Северна Македонија | DW | 15.09.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Закани и апели до бугарските државјани поради пописот

Нервозни пораки од Бугарија за пописот во Северна Македонија. На социјалните мрежи се поттикнуваат двојните државјани да се пријават како „Македонски Бугари“.

Закани за одземање на бугарското државјанство и апели за масовно пребројување на „македонските Бугари“ доаѓаат деновиве и од Софија, но и од здруженијата на Бугарите во Северна Македонија. 

Во Северна Македонија и во Бугарија  во тек е попис на населението. Додека македонските државјани се попишуваат теренски, во Бугарија започна електронскиот попис, кој ќе заврши со теренски активности од 18 септември до 3 октомври. Имињата на стотици македонски државјани со двојни државјанства би можеле да се појават на двата пописи, со оглед на фактот дека се пријавени со адреса на живеење во двете земји. Само улицата „Леге“ во Софија стана дом на над 45 илјади странци, од кои најголем број се Македонци со бугарски државјанства, според изјавите на градоначалникот на реонот „Средец“ во Бугарија. Но, дилемата е како ќе се изјаснат граѓаните со две адреси и се врши ли притисок врз двојните државјани да се попишат како Бугари? 

Нервоза во Бугарија?  

„Фактор.бг“ објави текст на поранешниот конзул на Бугарија во Софија, Иван Анчев, кој вели дека на пописот во Македонија што е во тек досега за Бугари се изјасниле само 72 граѓани. 

Bulgarien Passbehörde

Во Бугарија владее нервоза поради пописот во Северна Македонија.

„Ако во Македонија за Бугари се определат само 1.000 луѓе тоа би не лишило од секакви аргументи во дијалогот со властите во Скопје“, вели конзулот. 

„Седумдесет и двајца. При 130.000 бугарски пасоши издадени за северномакедонски граѓани. Сите тие баратели на пасош кои не мора да ги наречам Бугари пред нотар се декларирале дека имале бугарска свест и пополниле декларација со неточни податоци  кое потпаѓа под членот 313 од Кривичниот законик на Бугарија“, коментира конзулот. 

Затоа Анчев предлага „радикална мерка“: да им се одземе бугарското државјанство на оние со бугарски пасоши кои нема да се попишат како Бугари на пописот во Северна Македонија. 

Бугарија уште на почетокот на годинава прати јасна порака дека сака да ги „преброи Бугарите во Северна Македонија“. Поранешниот бугарски министер и амбасадор на Бугарија во НАТО, Бојко Ноев во февруари годинава изјави дека Бугарија треба да побара од Македонија на пописот да има графа „Бугари“, ако веќе има и за другите.

„Јас сум категорично против, кога на Бугарите во Република Cеверна Македонија им се забранува да се изјаснат како Бугари, па се репресирани тие, и нивните деца. Бугарија треба категорично да и го постави прашањето на Република Cеверна Македонија. Ние сакаме Бугарите во Македонија да бидат пребројани. И не само да бидат пребројани, туку да не бидат дискриминирани, ако има графа за другите, сакаме да има и графа „Бугари“, порача Ноев.

Само неколку дена подоцна Културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола во пописот виде шанса за забрзување на постапката за бугарско државјанство. Тие испратија барање до  официјална Софија секој граѓанин на Северна Македонија кој со фотокопија од пополнетиот формулар на пописот ќе докаже дека се осмелил да се регистрира како „македонски Бугарин“, да добие бугарско државјанство по скратена постапка. Во писмото се вели дека во последните години повеќе од 100.000 македонски Бугари добиле бугарско државјанство, а уште десетици илјади се пријавиле за истото. 

Графа „Бугари“ имаше и на претходниот попис 

Министерот Бујар Османи вети дека Бугарите ќе добијат посебна графа на пописот, а премиерот Зоан Заев ја најави можноста тие да влезат и во Уставот пред да стане земјата членка на ЕУ. „Ако сакаме да бидеме земја членка на ЕУ треба да имаме европски устав во којшто по примерот на една Хрватска, на пример, ќе ги впишеме и другите народи“, рече Заев на прес-конференцијата во Софија во јуни годинава. 

-повеќе на темата: Со „македонски Бугарин“ до државјанство по скратена постапка

Но, графа Бугари имаше и на последниот попис во земјата во 2002 година, а ја имаше и на неуспешниот попис во 2012 година. Официјалните податоци покажуваат дека на пописот во 2002 година како Бугари во Македонија се изјасниле 1,417 граѓани или 0,07%. 

Повик за попишување 

„Сонародници, браќа и сестри Македонци, се приближува пописот во нашата земја. Ни претстои тежок тест за нашата држава. За многумина, прашање е дали овој попис воопшто ќе се спроведе демократски и дали нашата слобода на изразување навистина е загарантирана“, ова се наведува во повикот на Културниот центар ‘Иван Михаилов’-Битола, кој деновиве преку социјалните мрежи побара поддршка за пописот. 

Deutschland Symbolbild Volkszählung Formular auf einem Klemmbrett

Културниот центар ‘Иван Михаилов’-Битола деновиве преку социјалните мрежи побара поддршка за пописот.

Тие велат дека ги повикуваат „сите македонски Бугари - 120.000 бугарски државјани и сите македонски патриоти, да учествуваат во пописот, прогласувајќи ја нивната вистинска бугарска етничка припадност“. 

„Ние не сме малцинство! Ние сме вистинскиот државотворен народ во оваа земја. Нашиот македонски патриотизам и нашата должност кон нашите преродбеници, кон Илинденците и кон ВМРО денес ни наредуваат да се ослободиме од стравот и од србоманските лаги на режимските  политичари и да се запишуваме како 'Бугари' за време на пописот. Ова ќе ни ги гарантира правата и патот кон европската иднина на нашата татковина. Бидете горди и верни синови и ќерки на нашите предци - пријавете се како Македонски Бугари“, се вели во повикот на Здружението. 

Членови од Здружението за ДВ велат дека додека трае пописот нема да ги коментираат изјавите поврзани со него. Тие не сакаат да ги коментираат ниту изјавите од Бугарија, во кои се наведува дека малкумина се изјасниле како Бугари на статистичката операција во Северна Македонија.