„Закана за демократијата, судовите и јавните буџети“ | Свет | DW | 22.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Закана за демократијата, судовите и јавните буџети“

Предложениот трговски договор помеѓу САД и ЕУ е контроверзна тема во Европа затоа предвидува решавање на стопански спорови надвор од редовните правосудни системи. На оваа тема ДВ разговараше со професорот Гус Ван Хартен.

ДВ: Луѓето во Европа ја изразија својата загриженост за ТТИП преку бројни демонстрации, од кои последните беа во Германија. Демонстрантите велат дека договорот ќе ги намали европските стандарди за храна и заштита на околината, но многу малку се зборува за механизмот за решавање на спорови меѓу странските инвеститори и државата (ИСДС). Дали може да ни објасните што е ИСДС?

Гус Ван Хартен: ИСДС е специјален систем за заштита на странските инвеститори од владите, законодавците и од судскиот систем на земјата. Тоа е многу моќен систем на меѓународно ниво што дозволува на странските инвеститори да им бидат исплатени компензации од јавниот буџет кога носењето на одлуки во државата е спротивно на нивните интереси. Компензациите се исплаќаат по т.н. процес на решавање на спор помеѓу странскиот инвеститор и државата.

Што ризикуваат да изгубат граѓаните доколку се воведе ИСДС како дел од ТТИП договорот помеѓу ЕУ и САД?

Граѓаните ризикуваат, до одреден степен, да ја загубат способноста да влијаат врз сопствената влада и нејзината работа. Затоа што, кога граѓаните имаат поинаква перспектива од странските инвеститори, можноста на инвеститорите да покренат ИСДС спор претставува инструмент со кој може да влијаат врз владата и законодавците на начин на кој што граѓаните никогаш не би можеле. Тоа значи дека владата која граѓаните ја избрале може да не сака или да не биде во можност да го направи она што ветила дека ќе го направи во изборната кампања. На тој начин гласачките права на граѓаните се ускратени. Исто така, граѓаните ќе бидат хендикепирани и во однос на другите начини преку кои можат да влијаат врз сопствената влада, доколку тоа е во конфликт со интересите на странските инвеститори. Позади сцената, странските инвеститори имаат можност да се закануваат со покренување на ИСДС спор што може да предизвика широк спектар на финансиски обврски за државата. Тоа, исто така значи дека средствата кои граѓаните и останатите даночни обврзници ги уплаќаат во јавниот буџет би можеле да бидат употребени за финансирање на ИСДС спорови или финансиски компензации наменети за инвеститорите кои произлегуваат од нив.

Дали ТТИП или било кој друг трговски договор може да постои без ИСДС? Дали е тоа неопходно или неизбежно зло?

Всушност, ИСДС не припаѓа во трговските договори, затоа што е многу малку поврзано со трговијата како што повеќето луѓе ја разбираат трговијата. Впрочем, тоа е поврзано со привилегирање на многу големи компании кои легално можат да се претстават како „странски“ и да се квалификуваат како странски инвеститори, на трошок на секој кој има спротивен интерес. Има многу трговски договори кои немаат ИСДС. ИСДС почна да биде вклучуван во трговските договори од страна на САД во почетокот на 1990-те години. Има многу други трговски договори кои немаат ИСДС, а најочигледен пример е целиот сет на договори кои ја конституираат Светската трговска организација.

Дали инсистирањето на ИСДС во ТТИП значи дека САД и ЕУ не си веруваат едни на други во однос на нивните судски системи?

Kanada Gus Van Harten

Гус ван Хартен

Имплицитно во ИСДС лежи претпоставката дека судовите и судските системи во релевантните земји не се веродостојни. Всушност, дека се толку неверодостојни што странските инвеститори никогаш не ни треба да објаснуваат дека на домашните судови не може да им се верува пред да имаат можност да покренат меѓуанроден спор. ИСДС е мошне исклучителен во тој поглед бидејќи го исклучува принципот на „искористување на домашните правни механизми“, со што, пред да се покрене меѓународен спор, инвеститорот треба да докаже дека нешто не е во ред со домашните судови. Претпоставката на која се заснова ИСДС во ТТИП и ЦЕТА кои моментално се предложени од ЕУ е дека домашните судови имаат систематски проблеми и не се праведни, до тој степен што странските инвеститори никогаш не мораат да одат во домашните судови пред да се повикаат на меѓународна арбитража.

Колку е балансиран ИСДС системот? Дали државите можат да покренуваат спорови против странските инвеститори?

Државите не можат да покренуваат спорови против странските инвеститори. ИСДС системот во самите темели е небалансиран затоа што на инвеститорите им дава моќни права без никави обрски кон државите кои би биле основа за покренување на тужби. Тоа значи дека ризикот од губење на спор е многу поголем за владите отколку за една компанија. Кога големите компании покренуваат ИСДС спорови тогаш тие ризикуваат да изгубат милиони долари за судски трошоци, исто како и државата, но само државата се соочува со потенцијално поголеми загуби. Тие вклучуваат потенцијални исплати на штети од јавниот буџет, судски трошоци и опортунитетни трошоци. Во таа смисла ИСДС системот е наклонет во интерес на странските инвеститори. Доколку би бил балансиран, како што е случајот со националните правни системи, тогаш странските инвеститори би требало да имаат обврски кон државата, кои доколку ги прекршат би биле основа за покренување на спор.

Во еден од вашите трудови велите дека ИСДС е закана за демократијата, судовите и јавните буџети. Зошто?

ИСДС претставува голем проблем гледано од аспект на демократијата затоа што ограничува што избраните влади можат да прават. ИСДС им дава уникатна алатка на странските инвеститори да вршат притисок врз демократските избори на владите преку заканување со тужби кои создаваат нови финансиски ризици, кои инаку не би постоеле. Во таа смисла, владите се наоѓаат во дилема кога ќе се соочат со ИСДС тужба. Дали да ги изневерат гласачите со тоа што ќе откажат од спроведувањето на одредени политики кои им ги ветиле на изборите? Или ќе ги изневерат даночните обврзници со тоа што ќе ги изложат на нови и потенцијално многу високи финансиски ризици? На тој начин ИСДС претставува закана за демократијата и за јавните буџети.

Доколку се склучи ТТИП договорт помеѓу САД и ЕУ заедно со одредбите за ИСДС, постои ли опасност за Балканските земји да изгубат дел од потенцијалните странски инвестиции, доколку инвеститорите почувствуваат дека се подобро заштитени со ИСДС правилата кои би важеле во ЕУ?

Речиси сите странски инвеститори на Балканот веќе имаат пристап до ИСДС преку билатералните инвестициски договори кои САД ги има потпишано со земјите од регионот или преку билатералните инвестициски договори потпишани помеѓу земјите од западна Европа со балканските земји. Поради тоа, вклучувањето или невклучувањето на ИСДС во ТТИП нема многу да влијае на земјите од тој регион бидејќи истите веќе имаат склучено билатерални инвестициски договори. Сметам дека овие договори треба да бидат реформирани или да бидат напуштени. Во таква ситуација, странските инвеститори, како сите други, ќе треба да се потпрат на домашните институции, а своите инвестициски одлуки да ги носат врз основа на сопствената евалуација на тие институции. Доколку инвеститорите сепак сакаат дополнителна заштита преку ИСДС, тогаш тоа може да се внесе во договорите помеѓу самиот инвеститор и државата. Проблемот со билатералните инвестициски договори е тоа што опфаќаат огромен број на големи компании од целиот свет, а тоа е многу тешко да се контролира и прилагоди кон развојната стратегија на една земја.

Реклама