Заедничкото минато на АКП и движењето на Ѓулен | Свет | DW | 29.07.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Заедничкото минато на АКП и движењето на Ѓулен

Во позадината на неуспешниот пуч во Турција лежи борбата за моќ помеѓу Ердоган и мрежата на неговиот поранешен сојузник. Внатреисламските и националистички превирања за моќ ја одредуваат иднината на државата.

Фетула Ѓулен кој е во самоинициран егзил во Пенсилванија од 1999 година, раководи со глобална мрежа на училишта, компании, медиуми и хуманитарни фондации. Иако тие најмногу се активни во Турција, институциите поврзани со Ѓулен делуваат и во Африка и централна Азија, се до САД и Европа - преку илјадниците школи кои функционираат во повеќе од 140 земји.
Движењето на Ѓулен се идентификува како глас на суфизмот, како умерен и толерантен пристап на Исламот во светот полн со идеологии како оние на „Исламската држава“ и Ал Каеда. Следбениците на ова движење велат дека се залагаат за демократија, правда и инклузивност.
„Движењето на Ѓулен е неформална мрежа на индивидуалци и институции кои настојуваат своите идеи да ги промовираат преку образование и дијалог“, вели за ДВ Махир Зејналов, новинар и ѓуленист, кој работеше за „Заман“ пред да биде протеран од Турција. „Тие веруваат во соживотот на нациите, етничките и верските групи и нивната мисија е да ја промовираат својата култура низ целиот свет.“

Мрежата на „Оџа ефенди“

Членовите на движењето го нарекуваат Ѓулен „Оџа ефенди“. Овој 75 годишник бил под силно влијание на Саид Нурси, курдски учител и проповедник на суфизмот, кој имал голема група на поддржувачи во Турција пред неговата смрт во 1960 година. Нурси се залагал за спојување на модерното образование, науката и исламот. Врз основа на учењата на Нурси, Ѓулен се залага за турски националноцентричен, државно-ориентиран и пробизнис пристап.

Преку мрежата на поврзани училишта, подготвителни школи и универзитети, движењето на Ѓулен успеа да продуцира научници, бизнисмени, јавни службеници, адвокати и новинари. Тие претставуваат класа на луѓе која е лојална кон Ѓулен и истовремено располага со многу ресурси. Следбениците донираат пари за движењето, волонтираат и извршуваат хуманитарна работа.

Поддршка на оваа масовна организација даваат и бизнисите кои се поврзани со Ѓулен. Нетранспарентното финансирање на оваа организација и нејзината вмешаност во државните органи беше под сомнеж од страна на секуларното крило во државата за мотивите кои ги има во воспоставувањето на „држава на исламот“.

„Никој до сега не успеа да ја открие финансиската и административната структура која ги организира сите активности и парични трансфери, како и врските помеѓу фондациите“, вели Џени Вајт, професорка на Институтот за турски студии при Универзитетот во Стокхолм, автор на книгата „Муслиманските националисти и новите Турци“.

Türkei Istanbul AKP Anhänger Anti Gülen Plakat

Митинг на владејачката АКП во Истанбул

Почнувајќи од 1970-тите, ѓуленистите почнаа да се инфилтрираат во полицијата, судството, медиумите и образованието – сектори во кои традиционално доминираа елитите на Ататурк и следбеници на неговите секуларни принципи.

По пучот во 1980 година, ѓуленистите почнаа да се приклучуваат и во воените академии. Иако многу од нив се соочуваа со дискриминација и беа исфрлани од страна на секуларниот естаблишмент во војската, дел од нив успеаа да го најдат својот пат во воената хиерархија и полека се искачуваа по нејзините скалила.

Алијанса на удобност

Пресвртот за движењето на Ѓулен се случи во првите години по 2000 година кога Ердоган и неговата АКП дојдоа на власт. Ѓуленистите и АКП делат многу сличности: тие се Исламисти, бизнис ориентирани, а во тоа време беа и про-ЕУ. Така, помеѓу двете страни настана „природна алијанса“. Први профитираа младите кадри на АКП кои се поврзаа со ѓуленистите кои веќе беа етаблирани во државните институции, медиумите и бизнисот.

Двете страни се залагаа за политика на „решавање на проблемите на народот“. АКП посветено градеше патишта, училишта, болници, огромни населби и комерцијални проекти. За една декада, не само што го променија ликот на Истанбул, туку селата и малите градови од каде тие ја влечат својата политичка поддршка, доживеаја темелни промени. Економијата растеше, а граѓаните ги чувствуваа бенефитите.

Гледај видео 02:40
Now live
02:40 минути

„Внук ми загина за ништо“

Во меѓувреме, градежните договори зад „преродбата“ се покажаа како добар бизнис за изведувачите блиски до АКП и Ѓулен.

Алијансата помеѓу Ѓулен и АКП беше формирана против воениот естаблишмент на Ататурк. Од крајот на 2008 година беа иницирани серија на судења за пуч против воениот естаблишмент врз основа на фалсификувани докази. Обвиненијата ги покренааа обвинители-ѓуленисти со помош на полицијата поддржана од Ердоган.

Дени Родрик, економист од универзитетот Харвард и експерт за Ѓулен, за судењата за пуч ни објаснува:
„Треба да му биде јасно на секој објективен набљудувач дека движењето на Ѓулен има мрачно минато полно со контроверзни активности како фалсификување на докази, прислушкување, дезинформирање, уцена и манипулација со судскиот систем.“

Судењата водени од АКП и судиите-ѓуленисти, по што следеше апсење и отпуштање на стотици офицери, направи простор ѓуленистите и кадарот на АКП да се вгнездат во пониските и средните рангови на армијата кои претходно ги држеа следбениците на идеите на Ататурк. Иако пресудите по некое време беа отфрлени и никогаш не станаа правосилни – сепак беше причинета штета на армијата. Беше нарушена нејзината кохезија.

Седат Ергин, новинар за весникот „Хуријет“ забележува дека многу од офицерите и генералите вклучени во неуспешниот пуч од 15 јули се оние кои ги земаа местата на кемалистите, приврзаници на идеите на Кемал Ататурк.

Неуспешниот обид за пуч од 15 јули се случи неколку недели пред одржувањето на Високиот воен совет на кој се очекуваше Ердоган да отпушти неколку стотици врвни офицери кои беа осомничени за поврзаност со Ѓулен.

Türkei nach Putschversuch Bosphorus Brücke Istanbul Menschenmenge

Тенкови на мост на Босфор

Разделба

До 2012 година, кога веќе кемалистите беа значително ослабени, почнаа да се појавуваат пукнатини во алијансата на ѓуленистите и Ердоган.

Главен настан кој јавно укажа на нарушувањето на нивните односи се случи во 2012 година. Тогаш полицијата и обвинителствата во кои доминираат ѓуленистите сѐ впуштија во лов на шефот на турското разузнување, Хакан Фидан еден од најблиските луѓе на Ердоган.

Истрагата беше поврзана со средбите кои Фидан ги остварил со забранетата Курдска работничка партија по налог на Ердоган. Средбите биле координативни разговори, чија цел била испитување на можноста да се затвори тридеценискиот конфликт со курдските бунтовници. Ѓуленовото движење се спротивставуваше на мировниот процес со Курдите, а ѓуленистите-обвинители постојано отвораа случаи против курдски политичари и новинари. Противењето на ѓуленистите на мировниот процес отвора сериозни прашања за нивното тврдење дека поддржуваат плурализам и демократија.

Ердоган со помош на правен маневар за кратко успеа да ја сопре истрагата. Како одговор на ова следеше потегот на Ердоган со кој ги затвори подготвителните училишта на Ѓулен. Тие претставуваа основен извор на финансирање на неговото движење.

Кавга околу пленот

Во декември 2013 година, ракавицата беше фрлена. Турција беше потресена од акцијата на полициските крила на Ѓулен и обвинителите кои уапсија четири министри на АКП во скандал поврзан со корупција кој се закануваше да се прошири и кон Ердоган и неговата фамилија.

Ерик Мејерсо, експерт за Турција и економист на Стокхолмскиот институт за транзициски економии сугерира дека конфликтот помеѓу Ердоган и Ѓулен настанал при поделба на пленот поврзан од сомнителни договори. Ердоган ја етикетираше истрагата како обид за пуч, а потоа следуваше операција во која организацијата на Ѓулен беше прогласена за терористичка организација. На сето тоа следеше и „чистка“ на судии, обвинители, полицајци и медиуми кои се поврзуваа со Ѓулен. Набљудувачите и аналитичарите на состојбите во Турција сметаат дека „чистката“ на ѓуленистите од армијата која претстоеше всушност го предизвика последниот обид на офицерите за соборување на Ердоган.

Како што продолжува истрагата за државен удар потребно е да се утврди дали самиот Ѓулен ја дал наредбата или неговите приврзаници во војската сами го извеле заговорот.

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама