1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Премиерот Зоран Заев има намера да се повлече од функцијата до крајот на годинава, велат извори во владејачката коалиција
Премиерот Зоран Заев има намера да се повлече од функцијата до крајот на годинава, велат извори во владејачката коалицијаФотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

Заев ќе се повлече по годишното обраќање на Пендаровски?

Катерина Блажевска
15 декември 2021

Крајот на оваа година ќе биде политички интензивен - меѓу опозициско барање за избори, и кроење нова влада на мнозинството. Ветото ја носи Алтернатива под опозициски притисок.

https://www.dw.com/mk/%D0%B7%D0%B0%D0%B5%D0%B2-%D1%9C%D0%B5-%D1%81%D0%B5-%D0%BF%D0%BE%D0%B2%D0%BB%D0%B5%D1%87%D0%B5-%D0%BF%D0%BE-%D0%B3%D0%BE%D0%B4%D0%B8%D1%88%D0%BD%D0%BE%D1%82%D0%BE-%D0%BE%D0%B1%D1%80%D0%B0%D1%9C%D0%B0%D1%9A%D0%B5-%D0%BD%D0%B0-%D0%BF%D0%B5%D0%BD%D0%B4%D0%B0%D1%80%D0%BE%D0%B2%D1%81%D0%BA%D0%B8/a-60125291

Премиерот Заев ќе се повлече од функцијата по годишното обраќање на шефот на државата Стево Пендаровски во Собранието, велат неофицијално за ДВ извори од владејачката коалиција. Не прецизираат дали тоа ќе биде истиот ден или ден потоа, но според овие извори, намерата на премиерот била да се повлече пред крајот на годината, со цел да почнат да течат роковите за нова влада, и тој процес да заврши до средината на јануари.

Засега нема официјална потврда на овие наводи, но сосема е извесно дека крајот на оваа и почетокот на идната година ќе биде политички интензивен – од една страна е барањето за предвремени избори од страна на опозицијата, а од друга - намерата на актуелното мнозинство да формира стабилна влада која ќе ги води процесите до крајот на мандатот.

По годишното обраќање на претседателот Стево Пендаровски, се очекува премиерот Заев да се повлече од функцијата
По годишното обраќање на претседателот Стево Пендаровски, се очекува премиерот Заев да се повлече од функцијатаФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Одржливост на владиното мнозинство

Она што не може целосно да се предвиди, е како на актуелната состојба ќе се одрази бугарското вето, кое функционира како систем на сврзани садови со внатрешните состојби во земјава. Неотстапувањето на официјална Софија oд досегашните позиции, веќе го отвори прашањето за одржливоста на владиното мнозинство, со оглед дека една од причините за привлекување на новиот владин партнер - Алтернатива, беше важноста на моментот, односно шансите за можен почеток на преговори со ЕУ.

Во изминатите два дена во одговор на медиумски прашања пратеникот од Алтернатива, Скендер Реџепи, изјави дека Алтернатива не влегла во Владата заради власт, туку заради исполнување на стратегиската цел - евроинтеграцијата, но и за ревизија на монтирани судски случаи.

„Во случај да имаме изјава од ЕУ дека нема да има почеток на преговори без договор со Бугарија, таа одлука треба да се преиспитува во органите на партијата. Сепак, останува јануарската опција, со која ќе дојде и новата влада. Доколку тоа не се случи, Алтернатива треба сериозно да се разгледа во однос на креирањето политики како дел од Владата“, смета Реџепи.

А доколку не почне да се реализира и преиспитувањето на „монтирани случаи“, што беше еден од условите на партијата, според Реџепи, нема никаква потреба Алтернатива да биде дел од власта.

Партискиот лидер Африм Гаши е недостапен за коментар, а извори од Алтернатива велат дека партијата се придржува до принципите поради кои одлучила да се приклучи на владејачкото мнозинство. Според нив, одржувањето на евроинтегративниот курс и добрососедството не е еднократен чин поврзан само со почетокот на преговорите, и дека станува збор за договор кој опфаќа многу актуелни прашања и предизвици на кои треба да се работи до крајот на владиниот мандат во 2024 година.

Африм Гаши и Зоран Заев при постигнувањето на договорот за влез на Алтернатива во Владата
Африм Гаши и Зоран Заев при постигнувањето на договорот за влез на Алтернатива во ВладатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

После четврток – нова порака

Сепак, сосема е извесно дека Алтернатива ќе биде прозивана од опозицијата по прашањето за нејзиното учество во Владата, особено по самитот на лидерите на ЕУ во четврток. На ова прашање вчера се осврна и лидерот на на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Според него, ако земјата не добие датум за почеток на преговорите со ЕУ, тогаш Алтернатива треба да излезе од Владата.

„Aко Македонија не ги почне преговорите, мојата порака до Алтернатива после четврток ќе биде - дека навистина повеќе не ја гледам потребата да бидат дел од Владата, бидејќи тие сѐ уште не се ни дел на владата официјално, само усмено. Клучната работа која што нив ги обединува во таа нова влада е почетокот на преговорите. Ако тие не се случат, ценам дека тие треба да излезат, да ги надминат своите суети и фрустрации, и да кажат - повикуваме на обединување на опозиција. Очигледно е дека оваа влада, ваква каква што е, нема иднина", рече Мицкоски во гостување на МТВ, прво по неговиот реизбор на лидерската позиција.

Повеќе: Сите не сакаат „две во едно“: лидерот да не биде и мандатар!

Тој појасни дека во последниот период како партија биле пасивни, токму со една цел.

„Трпевме критики изминатиов период и често пати ни велеа - добро каде сте, ве нема, зошто молчите, зошто не преземете нешто? Тоа беше само за да го сузбиеме и последниот адут на власта. А, тоа е да не бидеме прогласени како деструктивни, дека еве ние сме пречката зошто Македонија не добила датум за отпочнување на преговори“, објасни Мицкоски.

Тој изјави дека е песимист оти ќе има датум за пристапни преговори.

„Во четврток е состанокот на премиери и шефови на држави. Да го видиме и тој заклучок каков ќе биде, и мислам дека потоа можеме да зборуваме за конкретни дејства и така натаму. Но, тоа мора да биде во рамките на демократијата. Ние не смееме да направиме грешка со која што ќе им овозможиме да владеат со општеството и повторно да ги разочараме оние мудри глави кои што постепено општествено се мобилизираат и ни даваат поддршка во моментот“, истакна Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски вели дека ако Македонија не ги почне преговорите со ЕУ,  не гледа потреба Алтернатива да биде дел од Владата
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски вели дека ако Македонија не ги почне преговорите со ЕУ, не гледа потреба Алтернатива да биде дел од ВладатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Пак по старо

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вчера обелодени дека му го честитал изборот на Димитар Ковачевски за претседател на СДСМ. Запрашан дали се слушнал со Ковачевски по неговиот избор и дали се разговарало за средба на која ќе се зборува за актуелни прашање на државата, Мицкоски рече дека му честитал, но дека немало разговор за можна средба. Сепак, нагласи дека не очекува драматична разлика во политиките, со оглед дека Ковачески покажал наклон кон Заев.

„Мислам дека ако судиме по почетокот и еден благ наклон кој што го манифестираше на отворена сцена кон неговиот претходник, не очекувам некоја драматична разлика од политиките на заевизмот“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

По ова, од СДСМ покажаа дека остануваат на стариот начин на комуницирање со партискиот опонент, без обид да промовираат разлика.

„Граѓаните може да се уверат дека нема ништо ново ниту во ВМРО – ДПМНЕ ниту кај Христијан Мицкоски. Не слушнавме ниту еден став за прашањата кои се важни за граѓаните и за државата. Не кажа кој е неговиот став за недела неработен ден или пак за зголемување на минималната плата? Зошто ВМРО-ДПМНЕ го блокираше законот за работни односи во Собранието? Се добива впечаток дека и самиот тој е незадоволен од себе си па мораше на интервју да го дообјаснува неговиот настап на Конгресот пред само неколку дена. Останува да видиме уште колку интервјуа ќе му бидат потребни на Мицкоски да се дообјаснува. Празни зборовии и флоскули не се политика, тоа е време да го научи Мицкоски", се вели во соопштението на СДСМ.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Енергетската криза во фокусот на македонската политика

Мицкоски: И јавните претпријатија на регулираниот пазар

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница