Заев ќе побара мандат, Иванов е должен да го даде | Македонија | DW | 27.02.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Заев ќе побара мандат, Иванов е должен да го даде

Мнозинството за поддршка на нова влада создаде паника во ВМРО-ДПМНЕ. Груевски бара народот да ја одбрани „нападнатата држава“. Ген-секот на НАТО очекува властите да го исполнат следниот чекор во демократскиот процес.

Кабинетот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов денеска претпладне треба да договорат термин во кој раководството на социјалдемократите ќе му ги предаде доказите на шефот на државата дека е обезбедено парламентарно мнозинство за поддршка на нова влада.

„Очекувам денеска или утре, господинот Иванов да ни го даде мандатот за формирање влада, во согласност со членот 90 од Уставот“, вели за ДВ, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој завчера од Централниот одбор на партијата со акламација беше утврден за манадатар за состав на новата влада.

Според извори на ДВ, Иванов бил под огромен притисок на една политичка партија да не го дава мандатот, а му биле сугерирани неколку опции како да го стори тоа. Од друга страна, експертите по уставно право потенцираат дека по ова прашање претседателот нема никаков маневарски простор.

 „Давањето на мандатот за состав на влада е техничко прашање и претседателот на државата е должен да го даде на партија или партии што имаат обезбедено парламентарно мнозинство од 61 пратенички мандат. Претседателот со ништо не смее да го условува доделувањето на мандатот и мора да го даде мандатот ако не сака да има проблеми“, вели професорот по уставно право, Светомир Шкариќ.

Државате е нападната!“

Но, проблеми веќе најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Еден ден пред денешното конечно изјаснување на ДУИ дали ќе коалицира со СДСМ или ќе даде поддршка за малцинска влада - а ќе остане во опозиција, Груевски преку канонада од изјави преку Фејсбук и ТВ „Сител“ обвини дека државата е нападната и дека само народот е тој што може да ја одбрани. Притоа изрази уверување дека „народот ќе дејствува и дека нема да се согласи со она што му се подготвува“.

„Сега е последниот воз. Сега е тоа време. Сите оние кои планираат да седат дома во влечки и да гледаат телевизија верувајќи дека друг ќе им ја заврши работата за заштита на нивната држава, се во заблуда“, порача Груевски на Фејсбук.

Според него, правењето на новата влада било извршено под жесток надворешен притисок кон ДУИ, во кој најактивен бил еден амбасадор, а операцијата во голема мера била поддржана од Сорос и некои надворешни моќни центри.

„Ако се изгласа оваа влада, таа ќе биде влада на еден амбасадор“, пишува Груевски, тврдејќи дека основната причина за уривање на власта и носење на Зоран Заев, „е слабеење на државата со цел промена на името и идентитетот на Македонците“.

„Двојазичноста е секундарната цел. По двојазичноста ќе започнат подготовки и за кантонизација како следна цел“, напиша Груевски.

Mazedonien Nikola Gruevski VMRO-DPMNE (picture-alliance/dpa/G. Licovski)

Никола Груевски обвини дека државата е нападната

Тој му даде понуда на СДСМ да покаже дали е за унитарна и единствена Македонија или за Македонија скроена по платформата од Тирана.

„На Заев му давам јасна понуда, доколку по секоја цена е решен да стане премиер и доколку цената треба да се работи кои ќе им направат штета на темелите на државата. Ако се откаже од спроведувањето на таа агенда, ќе му дадеме поддршка да биде малцинска влада во период во кој ќе се договориме, и ќе има поддршка за сите закони, освен оние за редефинирање на државата, кои се понижување на другите етнички заедници. Ние сме тука да му дадеме поддршка од 100 пратеника, само да запре со уривање на националните и државните интереси. Ако му е голема желба да нѐ малтретира, да нѐ апси, еве јас се пријавувам прв доброволно, нека ме малтретира, апси, нека удри по мене, само нека ја остави државата“, изјави Груевски.

Лажно саможртвување

Според првичните оценки на аналитичари, ваквата реторика на Груевски покажува дека „тој го изгубил компасот и е подготвен до оди до крај во проблематизирање на меѓуетничките односи, да создаде конфликти меѓу Македонците и Албанците, а преку лажно 'саможртвување' само потврдува колку е исплашен од соочувањето со правна одговорност за некои досегашни постапки“.

СДСМ преку соопштение му порача дека граѓанска и единствена Македонија чекори кон подобра иднина за сите, и дека ниту една лага на Груевски тоа нема да го спречи.

„Мнозинството граѓани, над 612.000 избраа промени, живот, подобра иднина, крај на коруптивниот режим на Груевски и фамилијата. Груевски цели десет години злосторнички се однесуваше кон Македонија и нејзините национални и стратегиски интереси. Тој и неговите најблиски соработници ќе одговараат пред институциите за грабежот, криминалот, корупцијата, личните, професионални и семејни трагедии што им ги нанесоа на граѓаните. Лагите на Груевски за наводни редефенирања, федерализации и кантонизации на државата се последица на стравот од соочување со правдата која доаѓа. На граѓаните им е јасно дека под закана се само привилегиите на Груевски и фамилијата“, се вели во соопштението.

SDSM Parteizentrale, Skopje, Mazedonien (MAKFAX)

СДСМ соопшти дека „лагите на Груевски се поради страв од соочување со правдата“

Партијата посочи и дека обидите за провокации не можат да ги спречат демократските промени, откако изминатите денови беа искршени прозорци на штабови на СДСМ во Битола, Ново Лисиче, Сопиште и Охрид.

„Очекуваме надлежните органи да ги расветлат случаите. Демократските процеси се почнати, а тие подразбидаат праведно и правично општество за сите, во кое што секој кој го нарушува мирот на граѓаните ќе мора да понесе одговорност“, порачаа социјалдемократите.

Столтенберг очекува демократски процес

Воздржаност во изјавите и во дејствата вчера побара Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг преку пишана изјава.

„По еден обид да се формира влада, а во согласност со барањата утврдени од страна на претседателот, сега се собрани доволно потписи од пратениците. Очекувам властите во Скопје да го исполнат следниот чекор во демократскиот процес“, порача Столтенберг.

Тој ги повика сите страни на воздржаност во изјавите и во дејствата и да донесуваат одлуки во полза на граѓаните.

„На самитот во Варшава во јули 2016 година, НАТО ги повика сите политички лидери во поранешната југословенска Република Македонија целосно да ги имплементираат своите обврски според Договорот од Пржино, како рамка за одржливо решение на политичката криза. Изборите во декември од страна на меѓународните набљудувачи беа дефинирани како суштински чекор во решавање на кризата. Изборите беа оценети како добро организирани и без поголеми инциденти. НАТО останува посветен на членството на ПЈРМ во Алијансата, во согласност со одлуката донесена на Самитот во Букурешт во 2008 година и сојузничките изјави дадени на следните самити на НАТО“, вели Столтенберг.

Откако се обезбедија потписи на парламентарно мнозиство, завчера и еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан, изјави дека очекува претседателот да го даде мандатот за формирање нова влада.

DW.COM

Реклама