Заев ќе биде награден на Минхенската безбедносна конференција | Македонија | DW | 13.02.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Заев ќе биде награден на Минхенската безбедносна конференција

Заеедно со неговиот грчки колега и пријател, Алексис Ципрас, во сабота ќе ја примат престижната награда „Ewald von Kleist“.

„Да, во петок патувам за Германија“, ги потврди премиерот Зоран Заев информациите дека ја прифатил поканата да присуствува на 55-тата Минхенска безбедносна конференција, што ќе се одржи од  15 до 17 февруари.

На маргините на конференцијата македонскиот премиер ќе има прва средба со неговиот грчки колега и пријател, Алексис Ципрас, откако во сила влегоа уставните измени и новото име на државата - Република Северна Македонија. Но, од Mинхенската конференција и двајцата ќе се вратат како добитници на престижната награда „Евалд фон Клајст“.

Ишингер: Причина за славење

„Доделувањето на наградата е планирано за сабота навечер“, прецизира Заев.

Наградата за двајцата премиери ја најави претседателот на конференцијата Волфганг Ишингер уште на 25-ти јануари, веднаш откако Преспанскиот договор беше ратификуван од грчкиот парламент.

Денес го потврди истото.

„Причина за славење: Алексис Ципрас и Зоран Заев ќе ја добијат наградата Евалд фон Клајст за 2019 (во чест на основачот на Минхенската безбедносна конференција), во сабота, за време на конференцијата“, напиша Ишингер на Твитер.

Во изјава за грчката новинска агенција АНА-МПА, тој оцени дека Грција и Северна Македонија постигнаа историско достигнување.

„Во ера во која се ретки дипломатските успеси, надминувањето на долгогодишниот спор на Грција и Северна Македонија е пријатна разврска. Двете земји заедно постигнаа историско достигнување“, изјави Ишингер за грчката новинска агенција.

Наградата се доделува од 2009 година, а меѓу досегашни добитници се Хавиер Солана, Јоаким Гаук и ОБСЕ. Евалд Хајнрих фон Клајст е единствениот преживеан од групата германски офицери кои се обиделе да извршат атентат врз Адолф Хитлер во 1944 година. Во 1962 година ја основа Минхенската безбедносна конференција, и раководи со неа сѐ до 1998 година.

Доаѓаат советници од Германија

Од Германија не доаѓа само награда за Заев, туку и експертска помош. Кон крајот на февруари како советник на македонската Влада доаѓа Валтер Дефа, долгодишен претставник на Германија во Европската комисија. Тој треба да ѝ помогне на македонската влада во обезбедувањето подобар пристап до европските фондови, во спроведувањето на економските реформи, во олеснување на контактите со германски фирми кои би сакале да инвестираат во Македонија, но и до полесен пристап на македонските компании на германскиот пазар. Докторот на економски науки, Валтер Дефа (1951) во Европската Комисија започнал со работа во одделението за економски и монетарни прашања, а подоцна бил директор на два директорати: за даноци и царини, и за регионална и урбана политика.

Дефа нема да биде единствениот германски советник во Македонија. Во почетокот на март треба да се финализираат разговорите со уште еден искусен експерт од Германија, чија советодавна улога се очекува во сферата на реформи во правосудството.

Реклама