Заев: Ја поздравуваме целосната поддршка на Црвенковски кон СДСМ | Северна Македонија | DW | 20.04.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Заев: Ја поздравуваме целосната поддршка на Црвенковски кон СДСМ

За иднината на Македонија и нејзините граѓани неопходно е секој поединец да го даде својот придонес, а посебно ако тоа доаѓа од искусни луѓе како што е поранешниот претседател Црвенковски“, изјави Заев за Дојче веле.

Одобрување, поздравување на чинот, сомнеж во искреноста на кажаното, па се до блага иронија - вака се движат реакциите по денешното јавно обраќање на поранешниот претседател на Република Македонија, Бранко Црвенковски. Од обвинувањата против лидерот на СДСМ, Зоран Заев во случајот „Пуч“, како и по повеќе од дваесетина објавени опозициски „бомби“, Црвенковски се до денес воопшто не се огласи во јавноста, продолжувајќи ја својата минатогодишна самоизолација, дури и во ситуација на длабока политичка криза во земјата. Неговото денешно обраќање се толкува како резултат на медиумските критики против неговиот молк.

Важен е секој поединец

Она што јавноста најмногу ја интригира денес, е како обраќањето на Црвенковски ќе биде дочекано и коментирано во седиштето на „Бихаќка“. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, вели дека му е драго ми е што поранешниот претседател на Македонија и на СДСМ, излегол со вакви ставови.

„Со оглед на тешката ситуација во која се наоѓа Македонија и длабоката политичка криза, добро е што поранешниот претседател на државата се произнесе и ги соопшти негови ставови за состојбите во земјата. И СДСМ, и лично јас како претседател на партијата, ја поздравуваме целосната поддршка што Црвенковски ја изразува кон СДСМ и кон раководството на партијата. За иднината на Македонија и нејзините граѓани неопходно е секој поединец да го даде својот придонес во остварувањето на зацртаните цели со проектот „Вистината за Македонија“, за враќање на слободата, демократијата и европските вредности во нашата држава, а посебно ако тоа доаѓа од искусни луѓе како што е поранешниот претседател Бранко Црвенковски“, изјави Заев за Дојче веле.

Во ВМРО-ДПМНЕ не се достапни за коментар на обраќањето на Црвенковски. Медиумските прашања на темата „каде е тој“, премиерот Груевски минатиот викенд ги искористи на партискиот собир во Прилеп само за шегување на сметка на СДСМ и на Црвенковски.

Сега знаеме што мисли!

Независните медиуми во Македонија завршија уште една корисна работа - сега, по долго време барем знаеме што мисли Бранко Црвенковски, вели поранешниот Генерален секретар на СДСМ, Ѓорѓи Спасов.

Branko Crvenkovski Radmila Sekerinska Zoran Zaev Wahlkampagne Parlamenstwahlen SDSM,

„Важно е во вакви времиња да се знае дали молчењето на поранешниот лидер на СДСМ значи одобрување или противење на политиките на актуелното раководство. Сега барем е јасно дека Црвенковски ја почитува храброста на Заев и ги дели оценките за сегашната состојба во Македонија со актуелното раководство на СДСМ, со независните медиуми и со демократската јавност. Добро е да се знае и дека им дава целосна подршка на напорите од сите антиавторитарни движења во Македонија за да биде сменета сегашната власт. Сега Бранко е дел од од големо движење кое се сомнева дека оваа власт ќе поднесе оставка само врз основа на објавените информации за големите злоупотреби. Сега тој е дел од мнозинството кое смета дека не треба да се надеваме целата работа ќе ни ја завршат странците“, вели Спасов.

Притоа, потенцира дека сега и Црвенковски е дел од оние сили кои повикуваат на обединување на сите сили внатре во СДСМ, но и за тоа СДСМ со сегашното раководство да стане предводник на едно движење за промени кое ќе ги обедини демократските сили во Македонија со цел никогаш да не се повтори режим каков што воспостави Груевски.

„Добро е и за членството на СДСМ и за јавноста да знаат дека во оваа битка ја имаат и неговата подршка и дека изјавува подготвеност да биде одново во првите редови на сенародниот отпор. Ова е важно, дури и кога е изнудено, за да нема непотребни шпекулации и сомневања. Во соседните земји поранешни претседатели на партиите од левицата како Борис Тадиќ, Георги Прванов и Јоргос Папандреу си формираа свои партии и некој можеше да помисли дека и нам во Македонија тоа може да ни се случи. Сега е барем појасно. Програмскиот и кадровскиот дисконтинуитет, што според него бил направен од страна на новото раководство, може да се покаже од голема предност во вакви ситуации и не треба да биде пречка за големо обединување. А сегашниот отпор не е ниту задоцнет ниту помалку важен од било кој отпор до сега“, констатира Спасов.

И други партии во опозицискиот блок го анализираат обраќањето на Црвенковски. Лидерот на НСДП, Тито Петковски, смета дека и за СДСМ и за опозицијата во целина, е добро што тој го обелоденил својот став за актуелната состојба.

„Добро е што отворено се стави на располагање на опозицијата во битката против режимот. Многу е значајно што во обраќањето му даде отворена поддршка на Зоран Заев и на СДСМ, се разбира, со укажување дека ако СДСМ сака да биде лидер на опозијата, треба да ја демонополизира соопствената позиција и да ги обедини сите субјекти во опозицискиот блок и сите оние кои сметаат дека овој режим треба да падне. За да потврди дали е искрен во своите намери, би било добро одговрноста за внатрепартиското единство во СДСМ да не ја остава само на раководството, кое, како што вели, ќе морало да најде формула за обединување. И тој мора директно и непосредно да придонесе за создавање на тоа единство, особено кога сегашното раководство на СДСМ направи дисконтинуитет со политиката на поранешното раководство. Тој како поранешен лидер на партијата и претседател на државата се уште има влијание во структурите на СДСМ и тоа треба практично да го искористи во конструктивна насока во градењето на тоа единство“, сугерира Петковски.

Двосмислени реченици

Во новинарските кругови со голем интерес се коментира обраќањето на поранешниот шеф на државата. Не е тешко да се претпостави дека утрешните едиторијали во весниците, ќе му бидат посветени нему. Зоран Андоновски, главен уредник на новинската агенција „Мета“, вели дека е необично е што некогашниот лидер и татко на партијата издржа толку долго да не искоментира за ова што се случува во земјава, а го потегна - СДСМ.

„Издржа, ама не додржа. Мислам дека ќе беше поголем ако додржеше, вака само внесува нова компликација, во и онака компликуваната ситуација и во државата и во неговата партија. А белки тоа не му била целта? Црвенковски знае да се појави во некои пресудни моменти и ова е таков момент, но не кажува јасно што му се намерите. Тој другите ги обвинува за неконзистентност, а самиот не си стои на зборот и лицемерно го анализира дејствувањето на Зоран Заев. Ако е 'фраер', место да нуди двосмислени реченици - јасно требаше да каже, како и со што тој ќе се вклучи во оваа битка“, вели Андоновски.

Комуникологот Сефер Тахири оценува дека неактивирањето, односно неутралноста на Црвенковски, повеќе е во функција на самата опозиција.

„Евентуалните негови настапи како претставник на опозицијата би биле искористени од страна на власта, за на опозицијата да и се припишува дека не може да се ослободи од своето историско минато. Но сметам дека неговата изјава, која е објаснување за неговиот неангажман, е доволна за да се води битката со фигури, кои немаат хипотеки или пак кои можат да се оцрнуваат од страна на власта. Околу неговиот повик на власта 'да и се случи народ', сметам дека тоа зависи од потезите кои ќе ги влече Груевски и неговата партија. Иако сметам дека нема да дадат оставки во брз период, секако дека по извесен период ќе се согласат со формирање на нова влада, која би била техничка или експертска, но не исклучувам и формирање на влада на широка политичка основа, без Груевски на чело на таа влада. Секако, ваквиот расплет на настаните би го оставил Црвенковски без конкретен политички ангажман“, оценува Тахири.

Реклама