Заев-Хоти: Ако има потреба повторно ќе има ПЦР-тестови на границите | Северна Македонија | DW | 23.10.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Заев-Хоти: Ако има потреба повторно ќе има ПЦР-тестови на границите

Премиерите на Северна Македонија и на Косово разговараа за справувањето со корона кризата, меѓувладината конференција, но и изградбата на автопатот Скопје - Приштина.

Северна Македонија и Косово имаат одлични билатерални односи и добра трговска размена, а одржувањето на првата меѓувладина седница ќе биде дополнителен импулс за натамошен развој и интензивирање на меѓусебните односи, оценија премиерите на двете земји Зоран Заев и Авдулах Хоти на денешната задничка прес-конференција во Скопје.

Двајцата премиери разговарале за справувањето со корона кризата, меѓувладината конференција, но и изградбата на автопатот Скопје - Приштина. Во услови на пандемија, кога границите меѓу двете земји се отворени и се патува без ПЦР-тестови, косовскиот премиер рече дека ресорните министерства се во постојана комуникација и дека доколку е потребно да се преземат посериозни чекори, тоа нема да биде за ограничување при влез и излез, туку поради заштита на граѓаните на двете држави.

На средбата со неговиот косовски колега премиерот Заев ја изрази поддршката на Скопје во изнаоѓањето на решение за отворените прашања меѓу официјална Приштина и Белград во врска со Косово. „Искрено посакуваме успех. Поддржуваме заемно прифатливо решение кое ќе го гарантира и зацврсти мирот и безбедноста во нашиот регион, ќе овозможи просперитетна иднина за сите граѓани и ќе го забрза процесот на интегрирање во ЕУ. Во оваа прилика сакам да ја искажам нашата искрена поддршка на Косово што поскоро да постигне напредок во интеграцијата кон ЕУ, преку Спогодбата за стабилизација и асоцијација, како и во добивањето на визна либерализација“, истакна премиерот.

Заев најави дека во првото тромесечие од идната година ќе се реализира комплетно подготовката за изградба на автопатот Скопје – Блаце, односно да завршат сите експропријации и да се обезбедат сите проектни документации, а во наредните две и пол години патот да биде изграден.

„Колку што е важен за Косово овој пат, толку е важен и за нас, бидејќи 45 минути ќе биде патувањето од Скопје до Приштина“, рече Заев. Тој најави и други клучни проекти со Косово, како поврзување на Скопје и Приштина со природен гас, едношалтерски граничен премин, развој на туризмот на Шар Планина од двете страни и други проекти.

„Нашиот народ вели дека соседите не се бираат, но секогаш први притекнуваат на помош. Токму затоа очекуваме Косово да се вклучи во засилената регионална соработка, која ја предводат Северна Македонија, Србија и Албанија, со цел нејзиниот инклузивен карактер да биде приоритет за регионот, без разлика на отворените политички прашања“, додаде Заев.

Реклама