Заев, Рама и Вучиќ со зајакната регионална соработка ќе се приближуваат кон ЕУ | Северна Македонија | DW | 29.06.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Заев, Рама и Вучиќ со зајакната регионална соработка ќе се приближуваат кон ЕУ

И покрај неисполнетите ветувања, тие порачаа дека остануваат посветени на патот кон ЕУ и на регионалната соработка.

С.Македонија, Албанија и Србија се дел од Европа и секогаш ќе бидат. На земјите од Западен Балкан им е потребна ЕУ колку што и се тие потребни на ЕУ. Ова е пораката којашто ја упатија денеска македонскиот премиер, Зоран Заев, неговиот албански колега Еди Рама и српскиот претседател, Александар Вучиќ кои разговараа преку видео врска на конференцијата „Мини Шенген“ за понатамошните чекори во регионалната соработка. Во трипартитната изјава претседателот Вучиќ и премиерите Рама и Заев посочија дека на 29 јули ќе се состанат во Скопје со цел да го потврдат напредокот и да потпишат договори кои произлегуваат од спроведувањето на обврските од Берлинскиот Самит, меѓу трите земји. Се работи за договори за соработка и помош во случај на природни катастрофи, како и за олеснување на трговијата, извозот и увозот.

-повеќе на темата: Има ли Западен Балкан потреба од „Мини Шенген“?

Тие ги охрабруваат и другите земји во регионот да потпишат и спроведат слични договори, така што визијата за заеднички политички и економски простор низ Западен Балкан ќе стане важен дел од секојдневниот живот на граѓаните преку единствениот пазар. „Во тој дух, се надеваме дека ќе го засилиме процесот на соработка меѓу нас, во целиот регион и ќе продолжиме да даваме сé од себе за тоа да се случи“, се вели во заедничката изјава.

Посветени на патот кон ЕУ

Тројцата соговорници сметаат дека постојаниот неуспех на ЕУ да ги исполни своите ветувања и нејзината неможност да се движи напред со отворање на првата меѓувладина конференција со Албанија и Северна Македонија, оди против европската волја на трите земји и против интересите на самата ЕУ.

-повеќе на темата: „Мини-Шенген“: Од геополитичка крстосница до слепа улица?

„Контекстот во кој се наоѓаме е предизвикувачки и истиот е предизвикан од предолгиот статус кво на Унијата vis-a-vis нашиот процес на интеграција во ЕУ. Сепак ние остануваме уште попосветени на нашиот пат кон ЕУ и на регионалната соработка“, порачуваа Заев, Рама и Вучиќ. Тие сакаат што поскоро четирите слободи на ЕУ – движење на луѓе, стоки, услуги и капитал – да се спроведуваат низ целиот регион.За таа цел, тие ќе ја поддржат идејата за регионалниот заеднички пазар на Самитот на Берлинскиот процес на 5 јули.

Virtuelle Treffen Zoran Zaev Edi Rama Aleksandar Vucic

Како регион со приближно 18 милиони луѓе, можеме да ги зајакнеме нашите економии, да ја зголемиме благосостојбата на нашите луѓе и да донесеме големи инвестиции, порачаа Заев, Рама и Вучиќ.

Во зедничката изјава се потенцира дека само заедничко работење и поттикнување на регионална соработка во рамките на разни регионални иницијативи – Заеднички регионален пазар, Регионален Шенген, Зелени коридори или во поширока смисла преку Берлинскиот процес – може да им донесат опипливи резултати на граѓаните. 

Зајакнување на економиите

„Како регион со приближно 18 милиони луѓе, можеме да ги зајакнеме нашите економии, да ја зголемиме благосостојбата на нашите луѓе и да донесеме големи инвестиции што инаку не би биле возможни доколку го правиме тоа поединечно. Гледајќи ги потешкотиите кои беа предизвикани од одложувања во процесот на проширување, ние веруваме дека сѐ уште може да се идентификуваат нови начини, политички области и финансиски инструменти, како и да имаме зајакнување на постоечките, така што ќе се подобри нашиот придонес кон Европа, нашиот однос со ЕУ и постепено да се интегрира регионот кон Европскиот единствен пазар.

-повеќе на темата: „Малиот Шенген“ меѓу голем чекор и стари стравови

Целта е да се развијат инвестициони, краткорочни проекти за подобрување на животната средина и за многу поголем употреба на обновливи извори на енергија. Ова би било дел од спроведувањето на Економскиот и инвестициски план на ЕУ и на Зелената агенда за Западен Балкан.

Заев, Рама и Вучиќ бараат ЕУ, во тесно партнерство со САД да бидат дел од развивањето на овие ресурси на начини што ѝ помагаат на ЕУ да ги оствари своите планови притоа привлекувајќи повеќе инвестиции низ регионот, правејќи го дел од европската зелена транзиција. „Благосостојбата и економските врски на нашите народи ќе растат кога ќе се интегрираме во европските синџири на снабдување и ќе придонесеме за стратешката автономија на ЕУ. Албанија е Европа. Северна Македонија е Европа. Србија е Европа. Западен Балкан е Европа. Ние ќе ја завршиме тешката работа за да го направиме ова дел од секојдневниот живот“, се вели во заедничката изјава.