Заев очекува Македонија да стане 30-та членка на НАТО | Македонија | DW | 02.08.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Македонија

Заев очекува Македонија да стане 30-та членка на НАТО

Македонскиот премиер на самитот на Јадранската повелба во Подгорица истакна дека интеграциите во НАТО бараат од земјите од регионот меѓусебна соработка.

„Интеграциите во НАТО бараат политики на мостови. Бараат зрели политички раководства кои имаат чувство за тоа што им е потребно на граѓаните на нашите држави. Бараат одговорност за регионалната и глобалната безбедност. Бараат свесност од наша страна, како поединци кои имаат чест да ги предводат државите, и како држави, да придонесуваме кон светскиот мир.

Со нашето присуство овде, на Самитот на земјите членки на Јадранската повелба ние велиме: да, подготвени сме да соработуваме во интерес на граѓаните на нашите држави и низ интеграциските процеси, да го донесеме регионот до неговиот дом, до големото семејство на НАТО“, рече Заев.

Членството на Црна Гора во НАТО, додаде тој, е охрабрувачка порака на Алијансата дека вратите се отворени за сите што ќе се издигнат над сопствените предизвици и ќе покажат дека можат да придонесуваат за колективните потреби и за сопствените граѓани.

Тој изрази верба и подготвеност за акција, за Република Македонија да биде 30. членка на НАТО.

„Интеграциите на Република Македонија во НАТО и во Европската унија се стратешки цели за нашата држава. Сите патокази го покажуваат патот на Македонија токму кон НАТО и ЕУ. Новата Влада на Република Македонија, ќе се обврзам и на овој форум, е одлучена да биде локомотивата на возот кон овие две организации, за да го осигураме добриот живот на нашите граѓани и иднината своите деца“, рече Заев.

Тој рече дека за да се забрзаат интеграциите во ЕУ и НАТО почнал со реализација Планот 3-6-9 за итните реформски приоритети, што водат кон професионални и независни институции, демократизација на целото општество, а со тоа и кон квалитетен живот за сите граѓани.

На регионален план, рече Заев, се отворивме кон соседите за зацврстување и продлабочување на соработката, пријателството и довербата. Вчера потпишавме Договор за добрососедски односи со Бугарија, но паралелно ја интензивиравме комуникацијата и со другите земји од регионот.

„Бидејќи е ова Самит што се однесува на НАТО интеграциите, изразувам во оваа прилика благодарност за постојаната соработка со САД којашто многу значи за демократските интеграциски процеси на Македонија, а и регионот,“ истакна Заев.

Домаќини на самитот во Подгорица се Црна Гора и Македонија, која моментно претседава со Јадранската повелба. Освен премиерите на земјите-домаќини, на собирот присуствуваат и премиерите на Хрватска, Албанија, Србија, БиХ и косовскиот претседател, како и американскиот потпретседател Мајк Пенс.

Тема на самитот се евроатлантските процеси во регионот, јакнење на реформите и придонесот на Јадранската повелба кон регионалната и глобалната безбедност. На самитот се предвидени повеќе билатерални средби.

 

Поврзана содржина

Реклама