Заев најавува избори на 5 јули | Северна Македонија | DW | 01.06.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Заев најавува избори на 5 јули

Лидерот на СДСМ Зоран Заев денеска изјави дека предвремените парламентарни избори ќе се одржат на 5 јули, како последна отстапка за опозицијата. Датумот е завршена работа, вели Заев.

Одложените парламентарни избори поради пандемијата на коронавирусот ќе се одржат на 5 јули годинава, најави денеска лидерот на СДСМ Зоран Заев. Тој рече дека повеќе нема намера да преговара за изборниот датум затоа што има доволно време сите да се подготват за гласањето и за специфичните услови кои ќе владеат во текот на кампањата.

„Токму заради заштита на здравјето на граѓаните, изборите се решение, а датумот за нивно одржување е веќе завршена работа. Изборите ќе се одржат на 5 јули за да добиеме најбрзо што може функционално собрание и политичка влада“, изјави Заев.

Лидерот на СДСМ е убеден дека со соодветени заштитни протоколи, „може да се организираат избори без никаков ризик по здравјето на граѓаните“.

Заев ги обвини опозицијата и министерот за внатрешни работи Наќе Чулев за деструктивност и предизвикување проблеми.

„Проблемите кои ги предизвикува Наќе Чулев мора да ги оставиме зад нас, а тоа е можно само со избори. Неодговорно е државата да ја оставиме без парламент и со техничка влада во која опозицијата е настроена деструктивно и само гледа да заработи некој политички поен“, вели Заев.

Од ВМРО-ДПМНЕ и натаму инсистираат на „здравјето на граѓаните“ како клучна поента во одбивањето избори. Вчера партискиот портпарол го отфрли 5 јули како датум за гласање оценувајќи го како „морбидно, бездушно и нечовечки“. Портпаролот Димче Арсовски оцени дека бројките на заразени секојдневно се зголемуваат и дека во таква ситуација нема простор да се разговара за изборен датум.
Заев денеска рече дека каналите на комуникација со ВМРО-ДПМНЕ функционирале до пред носењето на последната одлука за продолжување на вонредната состојба. Власта и опозицијата тогаш биле многу блиску, но не постигнале договор за одржување на изборите.

DW.COM

Реклама