Заев: Можеме, успеавме, потврден е патот напред! | Северна Македонија | DW | 16.07.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Заев: Можеме, успеавме, потврден е патот напред!

Изборните резултати остануваат неизвесни, откако Државната изборна комисија не успеа да ги пресмета ни конечните резултати, ниту поделбата на мандатите. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не се обрати пред јавноста

Според обработените податоци од 93,96 % од гласачките места, ДИК соопшти дека Коалицијата предводена од СДСМ освоила 36,13% од гласовите, а веднаш зад неа е Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со 34,65% од гласовите. Следува ДУИ со 11,57%, Алијанса на Албанците и Алтернатива со 8,79%, Левица со 3,96%, ДПА со 1,48% и Интегра со 1,33%. Другите партии учесници во изборниот процес имаат под еден процент.

Од ДИК потенцираа дека податоците не се целосни и дека распоредот на пратеничките мандати според освоените гласови ќе бидат соопштени во текот на денешниот ден (16 -ти јули), откако ќе се направи официјална проверка на записниците.

Веднаш по кусата прес-конференција на ДИК, на јавноста и се обрати лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој прогласи прогласи „убедлива и стабилна победа, со над три мандати предност пред ВМРО-ДПМНЕ", а како што рече „и со можност за еден или два уште повеќе“.

„Можеме! Успеавме народе мој“, порача Заев, заблагодарувајќи се на довербата дадена за најголемата и најшаренолика победничка коалиција.

„Волјата на народот се потврди. Се потврди желбата за економски патриотизам, за ред и правда. Патот напред е потврден“, рече лидерот на СДСМ.

Говорејќи дека земјата е пред нови предизвици, ги повика граѓаните летово да се одморат, а од есен да ги засукаат раквите и да работат.

Победата на Коалицијата „Можеме“ околу полноќ прв ја прогласи генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски.

Ноќва се обрати и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев кој рече дека нивната партија победила на најголем број градови.

„Сепак Донтовиот модел ја прави оваа трка се уште доста неизвесна. Но факт е дека народот ги посакува промените. Народот покажа дека не сака влада која е криминална и коруптивна, народот сака обнова. Опозицијата на овие избори покажа дека има повеќе гласови од партиите на власта. ВМРО-ДПМНЕ влегува во трка за составување на мнозинство за нова влада затоа што постојната е истрошена и време е за промени“, рече Јанушев.

Запрашан за прогласената победа од страна на политичкиот опонент, Јанушев одговори: „СДСМ и другпат прогласувала победа, дури и кога губела. Ќе почекаме да ги видиме резултатите".

Партискиот лидер Христијан Мицкоски не се обрати пред граѓаните.

DW.COM

Реклама