Заев: Мијалков барал провизија од половина милион евра
Лидерот на СДСМ,Зоран Заев, денеска објави нови снимки од телефонски разговори, кои како што тврди се „доказ“ за „корупција“ на директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков.
„Многу пари и големи провизии завршуваат кај Мијалков. Станува збор за набавка на опрема за тајната полиција на Македонија од Израел. Мијалков го договара овој бизнис преку Светлана Костовска и Хаим Хакејни од Израел. За да почне да преговара, Мијалков побарал провизија од половина милион евра и инсистирал парите да ги добие пред да продолжи со преговорите“, рече Заев, додавајќи: „Инаку, станува збор за Светлана која Мијалков, како што чувте во претходната конференција, ја израдува дека ја наместил за судијка. Оваа личност и од позиција на судијка во Управниот суд продолжува да ги врши неговите валкани зделки.“
Заев, кој рече дека Хаим Хакејни бил чест гостин во Македонија, презентираше и содржина на наводни СМС-пораки и скенирана патна исправа во прилог на своите тврдења. Според него, една од пораките потврдува дека Израелецот информира дека бил пуштен првиот дел од провизијата од 540.000 евра, додека втората порака потврдува дека биле пуштени уште 840.000 евра. На прашањето од каде располага со СМС-пораки и копии од пасоши, Заев одговори: „Покрај разговорите постојат и СМС-пораки во целата документација што е доставена во СДСМ, а уште еднаш ќе кажам: симнувам капа на сите кои дале придонес во враќањето на слободата и демократијата. Формирав посебен тим што ги чита и анализира сите материјали кои стигаат кај опозицијата, не само кај нас, туку и кај другите опозициони партнери.“
Лидерот на СДСМ денеска оцени дека македонските граѓани „платиле 14 милиони евра за опрема која е злоупотребена од страна на Мијалков и Груевски за да ги конотролираат нашите животи“.