Заев : министри и новинари договорале судски одлуки | Северна Македонија | DW | 15.02.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Заев : министри и новинари договорале судски одлуки

Лидерот на опозицискиот СДСМ, Заев на прес-конференција откри нови детали од ткн. „бомба“. Објавени разговори од владини министри, новинари и судии кои сведочат за контролата врз судската власт од страна на Владата

Скандалозни разговори меѓу министри од владата на Груевски и лица од правосудството, обелодени денеска лидерот на СДСМ Зоран Заев. Петте презентирани разговори, сведочат дека владата целосно ја контролира судската власт во Македонија. Разговорите откриваат не само местење на судски одлуки, туку и местење на избор на судии и на претседатели на судови.

Првиот презентиран разговор беше меѓу министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и тогашниот министер за правда Михајло Маневски. Јанкулоска од Маневски бара помош за да се реши проблемот со братот на извесна Лина од Судскиот совет. Од разговорот се открива дека за тој предмет и премиерот лично интервенирал кај претседателот на Собранието, Трајко Вељановски и Јово Вангеловски, тогашниот претседател на Врховен суд.

Вториот презентиран разговор беше меѓу Муса Џафери од ДУИ и директорот на УБК, Сашо Мијалков. Разговорот открива како и колку контролата врз судството е поделена меѓу двата коалициски партнера.

Мијалков бара од Џафери „конструктивен“ пристап од ДУИ за да не се кочи изборот на претседател на Врховен суд. Притоа му вели: „За Врховен и Кривичен суд не може да разговараме. Затоа што вие имате „двојка“ ја имате и „единица“ и Управен суд и правобранител, и претседатели на други судови во источна Македонија, заменик во Врховен, во Апелација. Јас мислам дека тоа е ситуирано како никогаш досега“. Џафери потоа ветува дека ќе разговара со Али Ахмети за настанатиот проблем.

Јанкулоска барала услуги од обвинителот Зврлески

Mazedonische Innenministerin Gordana Jankuloska

Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска

Во третиот презентиран разговор, Гордана Јанкуловска го информира министерот за финансии Зоран Ставрески дека обвинителот Марко Зврлески ѝ завршил работа односно ја отфрлил пријавата против Ставрески. На тоа, Ставрески охрабрен вели: „Горде, дали после да и стегнам на оваа кривична за лажно пријавување?“. „Па можеш ти да и стегнеш пријава. Или да ја држиш во неизвесност“, му одговара Јанкуловска.

И во четвртиот разговор е инволвирана Јанкуловска, овојпат во разговор со градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески. Таа бара потврда од него дали судијата Никола Крстески од прилепскиот суд е „сто посто нивен“. Маријан Ристески одговара: „Наш е мислам... Порано во Народна (ВМРО-Народна, н.з.) малку луташе ама наш е!„ и одговара Ристески. Јанкуловска заклучува: „Значи може да го сметаме 100 посто за наш? Ама гарантирано ако за нешто треба да застане јако на наша страна“. Разговорот завршува по потврдниот одговор од Ристески.

Последниот разговор е меѓу уредникот во Тв Сител Драган Павловиќ- Латас и сопругата на Михајло Маневски, Филимена Маневска, во меѓувреме пензионирана судијка. Од неа Латас бара да интервенира во Апелација бидејќи предметите што ги добил на Основен суд за клевета, од Апелација биле повторно вратени назад. Тој и ветува дека наредните два дена ќе и ги испрати сите податоци, за да може таа да интервенира таму каде што треба.

По презентацијата на разговорите, лидерот на СДСМ, Заев изјави дека овие разговори кои не се единствени, сведочат зошто затворите во Македонија се преполни и зошто и како се монтираат процеси против секој што не е со власта. Тој посочи дека освен што се прекршени членовите 17, 18 и 25 од Уставот кои гарантираат слобода и тајност на комуникациите, прекршени се и членовите 8, 98 и 106 од Уставот, кои го гарантираат владеењето на правото, поделбата на власта и самостојноста на судството.

Проектот „Вистината за Македонија“ и обелоденувањето на сознанијата ќе продолжи и понатаму, најави Заев.

Поврзана содржина

Реклама