Заев и Ципрас: Сега или сепак малку подоцна?! | Спор за името | DW | 17.05.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Спор за името

Заев и Ципрас: Сега или сепак малку подоцна?!

Средбата на македонскиот и грчкиот премиер во Софија се очекува со големо нетрпение. Еврокомесарот Хан за Дојче веле изјави дека е многу сигурен во успех на разговорите.

Големи надежи, но не и преголеми очекувања, од денешната средба на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас на маргините на самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија. По кусата вчерашна средба на состанокот на европската левица, денеска во 9:30 часот двајцата премиери ќе имаат и тет-а-тет состанок на кој треба да утврдат до каде е стигнато во преговорите околу спорот за името.

Заев вчера и самиот најави дека очекува „потврда на она што е досега постигнато". Двете земји се сепак оддалечени од конечно решение, а за тоа да се случи ќе биде потребен договор за клучните и најтешки прашања.

Шефот на дипломатијата Никола Димитров вчера енигматично ги дефинираше своите очекувања.

„Ќе биде чудо доколку успееме да го решиме спорот за името со Грција, но чудата се можни." 

Повеќе: Димитров од Софија: Можно е чудо во спорот за името

Поголем е оптимизмот кај водечките европски дипломати. Комесарот за проширување Јоханес Хан за ДВ вели дека е направен „значителен напредок во преговорите“ и оти е многу сигурен дека решение е можно.

EU - Erweiterungskommissar Johannes Hahn (DW/A. Feilcke)

Еврокомесарот Јоханес Хан е оптимист

Простор за такво нешто сепак има до почетокот на јуни. Во случај на позитивен исход, Европскиот совет ќе даде зелено светло за одредување датум за почеток на преговори со земјата. Хан одбива да говори за алтернативи, или можен план „Б“ доколку компромис сепак не се постигне.

Тврди дека ЕУ не е директно вклучена во разговорите, но е многу заинтересирана за нивниот тек и е подготвена да помогне со експертиза за правни прашања и текстови. Дополнително, Хан вели дека е во редовен контакт и со медијаторот Метју Нимиц.

„Решението мора слободно да го постигнат двете држави", вели Хан.

Повеќе: Бугарија гледа „можност“ за завршување на спорот за името

Кон хорот со поддршка кон двете земји се приклучија и бугарскиот премиер Бојко Борисов и шефицата на дипломатијата Екатерина Захариева.

„Се надеваме дека конечно ќе се реши спорот за името", рече Борисов, дополнувајќи дека таа надеж не значи и мешање во внатрешните работи на двете земји.

DW.COM