Заев и Мицкоски во самоизолација | Северна Македонија | DW | 10.04.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Заев и Мицкоски во самоизолација

Лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, се во задолжителна домашна изолација, информираше македoнскиот министер за здравство Филипче.

На вонредно обраќање до јавноста, македонскиот министер за здравство Венко Филипче информираше дека лидерите на двете најголеми политички партии во земјата се тестирани по информацијата која ја добило Министерството за здравство дека „новинар од телевизиски медиум“ кој во текот на минатата недела имал ТВ-интервјуа со Зоран Заев и Христијан Мицкоски, „е позитивен на Ковид-19“.

„Резултатот на Христијан Мицкоски, кој беше изработен доцна синоќа е негативен“, соопшти Филипче, додавајќи дека „тој ќе биде во задолжителна самоизолација до истекот на 14 дена од последниот контакт со заболениот. Во овој момент нема потреба од посебни епидемиолошки анкети за неговите контакти.“

Што се однесува до лидерот на СДСМ, „со оглед на тоа што, тој синоќа беше веќе заминат за Струмица, ќе биде готов во текот на денешниот ден, но и тој веднаш по добивањето на информациите е ставен во самоизолација“, соопшти министерот за здравство, кој информираше и дека „новинарот е во стабилна здравствена состојба, и моментално е на лекување во болницата ’8 -ми Септември’“.

Освен тоа, во текот на денов, според информациите на Филипче, треба да се „направат анкети и со точниот наод и бројка на лица кои ќе одат во изолација, доколку за тоа има потреба“.

Повеќе:

Последни подготовки за 61-часовниот карантин

Правила и дозволи за време на полициски час

Животот ќе се враќа во нормала по пикот, вели Филипче

Заев: Немам симптоми

По обраќањето до јавноста на министерот Филипче, на социјалните мрежи се огласија и Заев и Мицкоски.

Лидерот на СДСМ на Твитер напиша дека „во текот на минатата недела“ имал ТВ-интервју со новинар, „за кој неодамна се утврди дека е позитивен на КОВИД-19“: „Иако во текот на интервјуто ги преземавме сите заштитни мерки како избегнување контакт и одржување дистанца, согласно сите протоколи, од денеска сум во самоизолација во мојот дом во Струмица. Немам симптоми, денеска се тестирав за присуство на вирусот и резултатите ги очекуваме во текот на денот - по што ќе се утврдат следните чекори“, соопшти Заев.

Мицкоски: Во моментов сум во одлична здравствена кондиција

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на Фејсбук информира дека „до овој момент сум во одлична здравствена и физичка кондиција“: „Во текот на вчерашниот ден, по добивање на информацијата дека е нарушено здравјето на новинарот со кој имав интервју точно пред една недела и истото се поврзува со пандемијата, направив тест чии резултати се негативни. Но, ќе ги почитувам препораките на здравствените лица и во наредниот период од неколку дена ќе останам во изолација. Се надевам на брзо закрепнување на новинарот и негово брзо враќање на работното место.“ 

Мицкоски додава дека продолжува да ја следи актуелната состојба и изразува увереност дека „заеднички ќе победиме затоа што секој живот вреди и затоа што ја сакаме Македонија“.

 

Реклама