Заев: Илинденска Македонија ќe ни ги отвори вратите на ЕУ и НАТО! | Македонија | DW | 19.05.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Заев: Илинденска Македонија ќe ни ги отвори вратите на ЕУ и НАТО!

Ако се постигне политички консензус околу предлогот, идната недела би се одржала средба со посредникот од ОН, Метју Нимиц, на која би била направена нацрт верзија на пакет-решението, најави премиерот Заев.

„Република Илинденска Македонија“ (на англиски Republic of Ilinden Macedonia, на албански Republika Ilindenase e Maqedonisë) е предлогот за кој премиерот Зоран Заев и неговиот грчки колега Алексис Ципрас разговарале на маргините на Самитот во Софија. Во Клубот на пратениците во Скопје, на средба на државно-политичкиот врв, Заев за разговорите за пакет-предлогот денеска ги информираше претседателот Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието Талат Џафери, лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, Христијан Мицкоски и Али Ахмети. На средбата присуствуваа и министрите за надворешни работи и за одбрана Никола Димитров и Радмила Шекеринска, и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.
„Со ова име го зајакнуваме нашиот идентитет, а македонскиот Илинден е гаранција и за мултиетничка Македонија“, рече Заев, навраќајќи се на значењето на трите светли датуми - Илинден 1903 и 1944, и 8-ми септември 1991 година. 
„Илинденското востание било за социјални права и слободи и немаме никави територијални претензии кон ниту една соседна земја, вклучително и Грција. Потврдувам и јас, и мојот народ, дека немаме никакви територијални претензии и ги потврдуваме неменливоста на границите и почитување на наследството на грчкиот народ и на Грција“, рече Заев по средбата, истакнувајќи дека дека со тоа решение се прави целосно разграничување со регионот Македонија во Грција од секаков аспект. 

Повеќе:

-Софиски приказни

-Кој е компромисот: Молк и за опцијата, и за шпекулацијата!

-Ципрас: Последните метри се најтешки


Заев нагласи дека согласно со овој предлог, јазикот и натаму ќе биде именуван како македонски, а референците „мк“ и „мкд“ остануваат обезбедени. Притоа изрази надеж дека предлогот ќе биде прифатлив и за Грција.

Ако за тоа се постигне политички консензус, идната недела би се одржала средба со посредникот од ОН, Mетју Нимиц, на која би била направена нацрт верзија на пакет-решението со сите технички детали, меѓународни правни аспекти на таков договор и фазите за негова имплементација. Заев најави и дека предлогот ќе биде ставен и на референдумско изјаснување во Македонија, нешто што и грчката страна го прифатила.
„Нам ни треба нов, четврти Илинден, во кој ќе се обединиме повторно. Илинден е нашето светло минато, но и наша светла иднина. Со четвртиот Илинден, со евентуален договор за Република Илиденска Македонија, неповратно го отвораме патот кон членството во ЕУ и НАТО“, изјави Заев.

Иванов ќе анализира, ВМРО-ДПМНЕ ќе дебатира

Заев на кажа дали за овој предлог обезбедил консензус од другите политички фактори присутни на средбата. Тоа го кажааа тие лично. Претседателот Ѓорге Иванов рече дека ќе почека да го добие предлогот на хартија.
„Средбата беше повеќе од информативен карактер, очекувам да добиеме на писмено за сето ова за кое што бевме информирани и потоа да се произнесеме“, изјави Иванов. 


Тој нагласи дека процесот мора да се води во рамката утврдена од ОН и дека за како било документ прво мора да се консултираат експерти по меѓународно право.  
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оцени дека предлогот „Република Илинденска Македонија“ презентиран на лидерската средба подразбира уставни промени, што е неприфатливо за неговата партија.
„Денеска за прв пат бевме запознаени со предлогот кој Зоран Заев и Никола Димитров го прифатиле. Истиот ќе биде претставен и презентиран пред органите на партијата и понатаму партијата благовремено ќе ја информира јавноста. До овој момент нашиот став е непроменет и повторен во многу наврати во минатото: ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот  дека нема да поддржи промена на Уставот со цел промена на уставно име“, изјави Мицкоски.

Ерга омнес и уставни промени

Од кабинетот на Ципрас: Последните метри се најтешки а уште претходно соопштија дека ако нема опсег на употреба на новото има „ерга омнес“ што подразбира и уставни промени, дискусијата за какво било име е празна содржина.
Лидерот на грчката опозициска партија „Нова демократија“, Кирјакос Мицотакис, кој вчера во телефонски разговор од премиерот Алексис Ципрас бил информиран за предлогот, веднаш го отфрлил оценувајќи го како „иредентистички“.
„Секое повикување на Илинден во името на соседната земја, не само што нема да стави крај на македонскиот иредентизам, туку го потврдува и го зајакнува. Затоа е дури и неприфатливо да се дебатира“, оценил Мицотакис. И други опозициски партии предлогот го оценија како иредентистички. 
Грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, по денешната средба со Ципрас која траела околу еден час, изјавил дека е потребен широк политички консензус околу предлогот за името. 


„Политичките сили може да имаат меѓусебни разлики, што е легитимно и нормално во една вистинска демократија, но за нашите големи прашања, како што се националните, потребен е што е можно поголем консензус“, нагласил Павлопулос.
Ципрас на почетокот на средбата со грчкиот претседател соопштил дека „процесот на преговори се наоѓа во критична фаза за изнаоѓање заемно прифатливо решение за името и дека тој очекува консензус но и компромис за да може решенијата да издржат низ времето“.
„ Ги браниме основните аспекти на националната линија за изнаоѓање заемно прифатливо сложено име, кое ќе биде за севкупна употреба за што предуслов е уставна ревизија, промена на уставното име, но и уставна ревизија што ќе доведе до гаранции за елиминирање на секаков облик на иредентизам“, изјавил Ципрас.
 

DW.COM

Реклама