Заев за референдумот: Нема опција дали да се излезе или не! | Северна Македонија | DW | 31.07.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Заев за референдумот: Нема опција дали да се излезе или не!

Македонскиот премиер денеска на прес-конференција ги повика граѓаните да излезат и да гласаат на претстојниот референдум за договорот за името со Грција. Бојкотот, според него, не е опција.

Премиерот Зоран Заев апелира до своите сограѓани да излезат и да гласаат на референдумот на 30 септември. Според него, тоа е денот „кој ќе ја означи превсртницата во нашата историја“.

„На нас граѓаните, секому поединечно му е дадена шанса да донесе голема одлука. Сега е време за одлука. Сетете се на референдумот од 1991 година - голема одлука на голем државотворен народ кој се определи за своја иднина во независна држава. Народ кој учи од историјата, дека нема да ги повторува нејзините трауми“, порача Заев, кој на прес-конференцијата беше придружуван од целиот владин кабинет.

Заев сепак остави дилеми околу прашањето: што доколку не се исполни цензусот од 50 проценти излезност на граѓаните на референдумот.

Тој рече дека „се обврзува да го почитува исходот од референдумот без оглед на резултатот од него“, но подоцна, одговорајќи на новинарски прашања дополни дека „ќе се почитува волјата на мнозинството“.

„Цензусот треба да се постигне за пример. Сите знаеме дека огромно мнозинство ќе бидат 'за', и тоа е таа волја која ќе ја почитуваме. Но убеден сум дека ќе биде исполнет цензусот и дека мнозинството ќе гласаат 'за'“, рече Заев. Дополнително, македонскиот премиер објасни дека по консултација со правни експерти дошол до заклучок оти по референдумот „одлуката се пренесува на институциите“.

Заев жестоко ја нападна опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинувајќи ја за „срамно напуштање на парламентот и бегство од одговорност“.

„Раководството на опозицијата сака да ја попречи и оневозможи нашата историја. Имаа 10 години, а поважно им беше да нѐ држат скарани со соседите додека градеа стиропор споменици. Тајно преговараа додека Македонија ја држеа заробена во неуспех. Нема да донесат подобар договор оние кои на Македонија ѝ донесоа од лошо-полошо“, рече Заев.

Потсетувајќи дека токму ВМРО-ДПМНЕ инсистирала на референдум за промена на името, Заев рече дека верува оти „нема да повикаат на бојкот“. 

DW.COM

Реклама