Заев за Дер Шпигел: име без превод е неприфатливо | Северна Македонија | DW | 26.02.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Заев за Дер Шпигел: име без превод е неприфатливо

Во интервју за германскиот магазин Дер Шпигел, македонскиот премиер го отфрла предлогот за менување на името на државата со име кое нема да биде преведено, исто како и промена на Уставот.

Не сакам ни да помислам дека нема да успееме да најдеме решение во спорот за името, вели македонскиот премиер Зоран Заев во интервју за германскиот магазин Дер Шпигел. Новинарот на Дер Шпигел разговорот го започнува со прашање до Заев, дали има нешто против доколку тој му го даде името Зоран на својот син, и дали тоа би го загрозило идентитетот на македонскиот премиер?
„Секако не“, вели Заев. „Зоран е име кое постои во многу земји од Југоисточна Европа, не само во Македонија“. Прашањето е секако вовед во посериозниот проблем, оној меѓу Македонија и Грција околу името. Разговорот е воден неколку часа по средбата на Заев со германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин. Дали германската влада треба поактивно да учествува во разговорите, е следното прашање.
„Мислам дека на обете страни- и на македонската и грчката- им се потребни поддршка и охрабрување. Но да се врши притисок врз било која од страните, не е исправниот пат. Никој не може да ни ја одземе самостојната и суверена одлука во спорот за името“, вели Заев.

Во однос на можните територијални претензии на кои предупредува Грција, Заев вели дека единствените претензии од Македонија се насочени кон грчките плажи.
„Да, ние сакаме налето да ги окупираме убавите грчки плажи и острови. Повеќе од еден милион Македонци секоја година патуваат во Грција, таму ги трошиме нашите пари, ја сакаме Грција, има многу контакти меѓу бизнисмени и туристи. Но искрено: немаме никакви други окупациски намери“.

Предлозите кои деновиве се слушаат од грчки политичари, за менување на името на државата со име кое нема да биде преведено, за Заев се неприфатливи.
„Не можам да препознаам разумни аргументи за такво нешто. Како тоа практично би изгледало, да не се преведува нашето име? Дали треба да ги натераме канцеларката Меркел или претседателот на САД, Доналд Трамп да не нарекуваат, на пример, Severna Makedonija? Таков пример нема никаде во светот“, вели Заев.

Гледај видео 06:24

Заев за ДВ: Спорот за името може да се реши и пред самитот на НАТО

Меѓународен договор наместо промена на Уставот

Сличен е ставот на македонскиот премиер и во однос на барањата за промени во Уставот, односно за промена на уставното име.
„Ова име е нашата гордост и нашиот идентитет. Не гледам никаква причина за барањето, името да го менуваме во Уставот, тоа не е достоинствено. На Грција и потребен доверлив партнер, а не партнер без достоинство. Уставот може да се промени, но тие промени би можеле повторно да се изменат. Најважната гаранција за Грција е решението за спорот за името да биде одржливо. Тоа се прави со меѓународни договори, кои се ратификуваат и важат и во меѓународните организации“, вели Заев.
По промената на името на автопатот и аеродромот во Скопје, Заев вели дека не се планираат натамошни слични гестови во таа насока, но најавува дека заеднички комисии од двете земји ќе ги преработуваат историските учебници.
На крајот на разговорот, Заев вели дека не може да си замисли неуспех на разговорите околу спорот за името.
„Не сакам ни да помислувам на тоа дека нема да има решение во спорот за името. (...) Ние мораме да го решиме овој спор, затоа што само така можеме натаму да се развиваме, да се интегрираме во ЕУ и да станеме напредна држава со владеење на правото. Тоа е добро за целиот регион. Неуспех е незамислив, за Македонија, за целиот регион на Западниот Балкан и на некој начин и за ЕУ“, вели Заев во интервју за Дер Шпигел.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама