Заев: Добивме жолт картон од граѓаните, од нас зависи дали ќе стане црвен | Северна Македонија | DW | 20.10.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Заев: Добивме жолт картон од граѓаните, од нас зависи дали ќе стане црвен

Владиното мнозинство и коалиција е стабилно, порача Заев пред вториот круг на изборите. Мицкоски повика на обединување и и подаде рака на Левица.

„Граѓаните ни упатија јасна критика, опомена и казна. Тој глас го разбираме и уважуваме. Повеќе нема толеранција за повторување на истите грешки“, порача премиерот и лидерот на СДСМ, Зоран Заев на денешната прес-конференција, во пресрет на вториот круг на локалните избори. Тој повика на обединување и сплотување на европскиот пат, со цел да не се врати државата назад. 

Порачувајќи дека владејачката партија ги слуша луѓето, а не гази врз нив, премиерот вели дека на првиот круг на локалните избори, граѓаните им дале жолт картон на партијата и на нејзиното членство. „Добивме жолт картон од граѓаните, од тоа колку ќе го послушаме нивниот глас, зависи дали тој ќе стане црвен за секој од нас. Барам шанса за земјата и општеството“, рече Заев, информирајќи дека партијата од понеделникот почнала со процес на редефинирање и унапредување на комуникацијата со граѓаните. 

Тој најавува дека СДСМ слуша и му верува на народот, дека се менува и ќе стане подостапна за граѓаните. „Владата предводена од мене, не може да продолжи ако градот Скопје и општините уназадуваат по сите основи“, рече Заев. 

Поддршка од коалиционите партнери

Тој се заблагодари на коалициските партнери за поддршката и додаде дека имаат стабилно мнозинство во Собранието, со што го демантираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој најави дека е можно нови владино мнозинство. Повеќе владини коалициски партнери денеска дадоа поддршка и најавија дека остануваат во владината коалиција, пред вториот одлучувачки изборен круг. 

Bujar Osmani

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, вели дека владејачкото мнозинство е стабилно и очекува да се зголеми.

Министерот за надворешни работи од ДУИ, Бујар Османи, вели дека владејачкото мнозинство е стабилно и очекува да се зголеми. Дека владината коалиција е стабилна, порачаа и од партијата Беса на Билал Касами, иако во вториот круг коалициските партнери ќе треба да се натпреваруваат меѓусебе.

„Владината коалиција е стабилна без разлика дека на многу места во вториот круг се натпреваруваме меѓу себе“, велат од Беса. Биљаљ Касами во вториот круг во Тетово ќе ги измери силите со Теута Арифи од ДУИ.

И од ДПА, кои со еден пратеник се дел од мнозинството, потврдија дека остануваат дел од Владата, а поддршка стигна и од НСДП, Демократскиот сојуз, Демократската партија на Турците и други партии. Движењето „Одлучно за промени“, составено од ЛДП и ДОМ соопшти дека остануваат во владината коалиција, но дека гласачите сами ќе проценат за кого ќе гласаат во вториот круг на изборите. 

Мицкоски и подаде рака на Левица

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, повика на коалицирање со сите кои сакаат да се придружат на неговиот блок за обединување и промена на власта. Меѓу другото, тој ја спомена Левица, но остава сами да одлучат како ќе постапат.

Nord-Mazedonien Skopje | Kommunalwahl Hristijan Mickoski

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, повика на коалицирање на сите кои сакаат да се придружат на неговиот блок.

„Нашата рака е подадена, оставам тие да изберат каква сакаат соработка со блокот. Дали тоа ќе биде во рамки на формална коалиција, дали ќе ги поддржат кандидатите. Протестните гласови, гласовите против коалицијата на власт се во поголем број и се најмалку два пати поголеми од оние кои ја поддржуваат коалицијата на СДСМ. Затоа местото на гласачите на Левица е во најголемата коалиција и ги повикувам да дадат поддршка за да ја направиме Македонија пристојно место за живеење“,  рече Мицкоски.

Тој вчера разговарал со Африм Гаши и го поканил да биде дел од новото мнозинство во општините каде ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата имаат мнозинство, а за утре најави средба со Зијадин Села од Алијанса за Албанците.