Заев: Дебата со Мицкоски откако ќе излезе со став за референдумот | Северна Македонија | DW | 12.09.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Заев: Дебата со Мицкоски откако ќе излезе со став за референдумот

Македонскиот премиер Зоран Заев денеска ја отфрли понудата за ТВ-дуел со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Заев очекува Мицкоски прво да заземе став за референдумот и да се изјасни против бојкот.

„Ќе има дебата со Христијан Мицкоски кога јавно ќе каже дека е против бојкот на референдумот“, порача премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција со косовскиот претседател Хашим Тачи во Скопје.

Прашан дали ја прифаќа понудата за ТВ-дуел која доцна синоќа му ја испрати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Заев рече дека такво нешто е можно само доколку постои основа за дебата.

„Себеси се сметам за промотор на дебата. Иднината на Македонија заслужува секогаш да се разговара за тоа прашање, од тој аспект бојкотирањето не претставува никаков основ за дебата. Ќе има дебата кога Мицкоски јавно ќе каже дека е против бојкот“, рече Заев.

Според Заев, ставовите на Мицкоски ја „ставаат во заблуда иднината на Македонија“.
„Очекувам од него јасно и јавно да каже дека е против бојкот“.

По долги консултации со партиските тела, доцна синоќа на прес-конференција Мицкоски ги повика граѓаните секој да постапи според сопствено убедување на референдумот.

Мицкоски го повтори партискиот став дека ВМРО-ДПМНЕ е против Преспанскиот договор, но и натаму се залага за членство во ЕУ и НАТО.

„Јас сум убеден дека знаете што треба да направите. Вие најдобро знаете што сакам да ви кажам, и дека ова што ви го кажувам допира до секој од вас, само треба да го слушате вашето срце и вашиот разум, и на крај Македонија ќе победи, затоа што на Македонија ѝ е потребна мудрост и обединетост“, рече Мицкоски.

Поврзана содржина

Реклама