Заев: Груевски вмешан во крупни корупциски скандали | Македонија | DW | 26.03.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Македонија

Заев: Груевски вмешан во крупни корупциски скандали

Серија скандалозни разговори во кои главен лик е премиерот Груевски, денеска презентираше лидерот на СДСМ, Заев. Во разговорите Груевски договара провизии и мести тендери за автопати, железници, ископ на јаглен...

Премиерот Никола Груевски местел тендери за изградба на автопати и железнички пруги и притоа добивал провизии во милионски износи, обвини денеска лидерот на СДСМ, Зоран Заев, претставувајќи ја новата, 14-та по ред „бомба“. Заев презентираше серија разговори во кои главен лик е токму Груевски, и кој најчесто разговара со министерот за транспорт Миле Јанакиески околу можностите да се добие провизија од странските фирми кои се јавуваат на тендерите.

Најшокантни се наводните разговори на Груевски со Јанакиески околу тендерите за изградба на автопатите Штип-Миладиновци и Кичево-Охрид, во вредност од 206 односно 373 милиони евра. Заев тврди дека иако проценката за изградбата на вториот автопат дадена од Агенцијата за патишта била дека тој ќе чини околу 270 милиони евра, по налог на Груевски цената е зголемена за дополнителни 100 милиони евра. Условот на Груевски бил, од кинеската компанија која ќе ги гради автопатите да добие 25 милиони евра провизија.

Инаку, договорот со кинеската компанија за изградба на двата автопати минува преку закон во Собранието на 25 октомври 2013 година. Проектите се вредни 206, односно 373 милиони евра, или севкупно 579 милиони евра. Според снимките од наводните разговори, може да се заклучи дека ниту еден од министрите во владата не сакал да го потпише така договорениот тендер, па се избрала алтернативата тоа да се направи преку Собранието.

Mazedonischer Premierminister Nikola Gruevski

Никола Груевски

Во еден од разговорите меѓу министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и министерот за финансии Зоран Ставрески, се говори токму за притисоците на Груевски врз министрите да стават потпис врз договорот со кинеската компанија која треба да ги гради автопатите.

„Не тера да напраиме незаконско нешто. Не ја, Миле и Владо треба да потпишат со тие Кинезите и нејќат луѓето да потпишат. И во право се што нејќат“, и се жали Ставрески на Јанкулоска.

Во останатите разговори кои беа презентирани на прес-конференцијата Груевски се вмешува и во тендер за ископ на јаглен, па преку разговор со директорот на РЕК Битола, Владо Чинговски бара тендерот да му припадне на сопственикот на ТВ Сител, Горан Ивановски.

Во друг разговор меѓу Груевски и министерот за транспорт Миле Јанакиески, премиерот бара информации и за тендерот за изградба на железничката пруга Куманово-Бељаковце, и притоа, говорејќи во шифри му објаснува на Јанакиески кои фирми се пожелни, а кои не.

Во следниот презентиран разговор, повторно меѓу Груевски и Јанакиески, тема се фасадите во центарот на Скопје. Според Заев, Груевски барал од Јанакиески противзаконски да потпише документ за изработка на барокни фасади на ЕВН и на Сити галери. Во снимките од наводниот разговор, Груевски го убедува Јанакиески дека „ако даде мислење, нема да оди во затвор“, туку дека ќе настрада некој од општина Центар.

„Мене ми е следно, вие немате вина, вие давате мислење. Утре ако се покрене постапка некоја, ќе речеш – добро, ние така мислевме, ако било незаконски они не морале да го направат, ние не сме Собрание па да го…законот да го толкуваме. Ние даваме наше мислење, нашето мислење беше вака. Е сега прашајте си ја женава зошто го направила тоа понатаму така. Не морала да го послуша мислењето“, му вели во разговорот Груевски на Јанакиески.

Реклама