Заев го напаѓа буџетот, и треба! | Економија | DW | 26.06.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Заев го напаѓа буџетот, и треба!

Во финансии се потребни храбри чекори, вели премиерот. Состојбата со државната каса тоа и го наложува.

Катастрофално лошо се трошело, недоволно добро се прибирало. Вака накусо може да се детектира состојбата во државната каса на половина од фискалната 2019 година. Податоците за првите пет месеци од годинава за состојбата со државниот буџет само го потврдија она што се очекуваше. Капиталните инвестиции, кои треба да бидат еден од клучните мотори на економскиот раст, се реализирани едвај 14%, или 13,74 проценти. Преведено во пари, од 422 милиони евра од буџетот наменети за изградба на патишта, пруги, училишта, болници, гасификација и друуги капитални проекти, заклучно со минатиот месец потрошени се само 58 милиони евра.

Катастрофално лош податок, што алармира и покажува дека во економијата, а посебно во делот на финансии како главна институција задолжена за креирање и спроведување на буџетот, сериозно шкрипи. Ако се земат предвид и податоците во делот на приходната страна по основ на даноци, кои исто така се пониски од планираното, тогаш црвеното светло е вклучено. Дилемата во вакви услови е дали власта скроила мегаломански и нереален буџет, или пак клучните играчи во економските ресори киксираат и не можат да ја испорачаат целосната реализација.

Капиталните инвестиции вечна болка

Дел од упатените предупредуваат дека и оваа Влада покажала недоволна подготвеност да се справи со вечната болка - реализација на планираните капитални проекти. Во овој контекст го гледаат и потегот на премиерот Зоран Заев кој го разрешува министерот за финансии Драган Тевдовски и лично ја презема улогата на менаџер со државната каса. Оправдано или не, сепак податоците покажуваат дека нешто треба да се менува:

„Изминативе две години имавме процес во којшто видовме добри резултати во делот на фискалната консолидација и мало средување на приходната страна. Но немаше веројатно фокус на расходната страна и мислам дека тоа е тоа што премиерот сака да го каже - дека не може да се очекува поголем развој, ако нема притисок на расходната страна на сите сегменти. Во јавноста беше занемаруван моментот околу тоа дали сегашното Министерство за финансии можеше да одговори на реалните потреби на стопанството и населението, особено на тоа што беше најавено како мерка на враќање на парите кон граѓаните и борба против сивата економија, што би значело малку поголема одговорност и мислам дека тоа е пораката што треба да ја прочитаме од премиерот и која тој сака да ја пренесе“, коментира економскиот експерт Фатмир Битиќи.

Mazedonien Skopje - Pressekonferenz: Premierminister Zoran Zaev (Mazedonien Regierung)

Заев: Влегувам комплетно со целиот свој кредибилитет за да одржиме економска лекција

Одговорноста поширока од финансии

Она што посебно загрижува во делот на бројките во буџетот е многу ниската реализација на капиталните инвестиции. Оттука и дилемата - дали само персоналната смена во финансии е доволна за корегирање на курсот. Битиќи смета дека одговорноста треба да се лоцира и во други сектори и очекува натамошни промени:

„Очекувањата за реконструкцијата во Владата веројатно беа дека треба да биде поголема, особено да ги опфати можеби и некои други сектори кои директно влијаат врз реализација на капиталните инвестиции планирани во буџетот, која е една стара болка што во суштина сите влади ја имаат. Министерството за финансии не е клучниот фактор за реализацијата на капиталните инвестиции. Треба да се види што ќе се направи и во другите сектори кои што носат значителен дел на спроведување на капиталните инвестиции и овде мислам дека има одредени придвижувања. Тоа што премиерот го зема под своја одговорност укажува колку му е важен овој сектор и колку му е важно во следниот период навистина да се покажат резултати од секој аспект“, смета Битиќи. 

Повеќе:

Заев го „исчисти“ Тевдовски, ќе ги среди ли и финансиите?

Комплетна слика за промените - по смените на директорите

Заев најавува економска лекција

Премиерот Зоран Заев веќе најави дека неговото преземање и на функцијата министер за финансии има за цел да ги реализира клучните економски ветувања и да испорача повисоки плати и пензии за граѓаните. Она што помалку изненадува е неговиот став во врска со министерот за финансии Драган Тевдоски, за кого сега тврди дека не бил незадоволен од неговата работа. Смената во финансии, според Заев, значело влез во конечните резултати. Тој најавува храбри и решителни чекори и вели ќе одржел економска лекција:

„Доаѓаат убави времиња комплетно за сите граѓани во нашата земја. Но, периодот треба максимално да го искористиме и затоа влегувам комплетно со целиот свој кредибилитет за да одржиме економска лекција. Јасно ја доловив работата од граѓаните каде е незадоволството. Истовремено, дадов шанса на одредени министри коишто дефинитивно имаат поголем капацитет и можат тоа да го покажат. Верувам дека успешно го завршуваме процесот, ги очекуваме следните решенија во делот на директори на централно ниво, управни одбори, директори на локално ниво. Комплетно ќе се работи за севкупна политичка општествена промена на повеќе од 200 луѓе која ќе заврши на почетокот на јули“, изјави Заев синоќа во интервју за телевизија Сител. 

 Mazedonien, Skopje: Parlamentssitzung über Verfassungsänderung (Regierung Mazedonien)

Изборот на нов министер за финансии е денеска на дневен ред на пратениците

Промени бара и бизнисот

Незадоволство од раководењето со буџетот изрази и бизнис заедницата која постојано алармира за лоша реализација на капиталните инвестиции. Дел од стопанствениците веќе се огласија со поддршка за потегот на Заев лично да го преземе менаџирањето со државната каса.

„Во делот на растењето на стопанството ние две и пол години со оваа влада само во последниот квартал имаме некаков раст. Ако сакаме да стасаме до пазарна економија и да обезбедиме позначен развој, ни треба бизнис заедница на повисоко рамниште, но дефинитивно и проактивен министер кој ќе носи сериозни закони во корист на државата и сите во неа“, изјави бизнисменот Горан Рафајловски. 

Ребалансот ги јаде проектите

Разликите меѓу приходната и расходната страна на буџетот вообичаено се пеглаат со ребаланс. Сепак, премиерот Заев кога најави дека ќе го преземе министерството за финансии кажа дека засега немало потреба за такво нешто, односно дека тоа било можно, но дури наесен.

Реализацијата на капиталните инвестиции минатата година изнесуваше едвај 197 милиони евра, односно 65.5% од планираното со ребалансот на буџетот или помалку од половина од првичната сума од 400 милиони евра. Реализацијата на капиталните инвестиции минатата година изнесуваше едвај 197 милиони евра, односно 65.5% од планираното со ребалансот на буџетот или помалку од половина од првичната сума од 400 милиони евра. Со ребаланс се скратија 100 милиони евра по оваа основа, а 50 милиони евра беа пренаменети за покривање на долговите на општините.

Изборот на нов министер за финансии е денеска на дневен ред на пратениците, во пакет со предлозите за уште пет други министри во ресорите екологија, земјоделство, култура, локална самоуправа и политички систем и односи меѓу заедниците. 

DW.COM

Реклама